Ракот ми покажа колку сум силна, но и колку е важно да си го живееме животот автентично и со љубов: Струмичанката Фросе Тумановска искрено за борбата со канцерот

Добивај вести на Viber

„Кога ми ја соопштија дијагнозата, бев сама во ординацијата. ИМАШ РАК!  Се сеќавам беше петок и веднаш почувствував навала на најразлични емоции - како да му соопштам на сопругот, на моите дома, особено на татко ми и на брат ми, бидејќи неполна година пред тоа ја изгубив мајка ми од истата болест“, вака ја започнува својата приказана за Женски магазин Фросе Тумановска од Струмица, која пред 5 години дознала дека има канцер. Вели дека не почувствувала никакви симптоми кои би ѝ укажале дека нешто не е во ред, сосема случајно при самопреглед т.е при само-палпација напипала топче.  „Не чувствував болка, ниту забележав некаква разлика во телото. Топчето ме натера веднаш да побарам стручен преглед за да се осигурам дека сè е во ред.

Тој момент ме научи колку е важно да се обрнува внимание на сопственото тело, дури и кога мислиме дека сè е нормално. Раната дијагностика навистина може да спаси живот, особено во мојот случај, бидејќи мојот карцином беше инвазивен и се ширеше брзо. Ова искуство ми покажа колку е важно да бидеме внимателни и свесни за нашето здравје. Парадоксално е тоа што во тој момент се чувствував физички најздрава“.  

„Кога ми соопштија дека имам рак сфатив колку е важно да останам психички силна. Бидејќи работев како Менаџер за човечки ресурси, интересно е тоа што следниот ден веќе имав организирано тим-билдинг за компанија во Банско. Иако внатрешно се соочував со предизвикот, никој околу мене не забележа дека нешто не е во ред. Не сакав дијагнозата да го промени мојот фокус или да влијае на работата и на луѓето околу мене. Избрав да не му давам премногу значење, бидејќи знаев дека силата која ја носиме во мене, и силата која Бог ни ја дава е тоа што ни помага да продолжиме“.

ЖМ: Како им соопштивте на најблиските, која беше нивната реакција?

„Тоа беше првиот предизвикувачки момент - како да му соопштам на сопругот, на моите дома, особено на татко ми и на брат ми, бидејќи неполна година пред тоа ја изгубив мајка ми од истата болест. Не сакав да им биде преголем шок, но уште од самиот почеток си ветив на себе дека болеста нема да ме дефинира мене.

Со многу внимание и чувствителност, сакав да ја пренесам информацијата на начин што ќе ја минимизира паниката и ќе им покаже дека сум решителна и подготвена да се соочам со предизвикот. Реакциите беа полни со емоции, страв, жалење, несигурност за иднината... но и со поддршка. 

Фросе фотографирана по операцијата

Иако стравот беше присутен, тие брзо преминаа во режим на поддршка. Не сакам да звучам нескромно, но отсекогаш сум важела за силна, храбра и позитивна личност, а во тој момент таа страна од мене само се активираше уште повеќе. Ги уверив дека ова е само еден од многуте предизвици и искушенија во животот.

Фросе фотографирана со перика

„ Мојот тип на рак беше triple positive breast cancer, што значеше подолг и посложен третман. Имав 8 рунди хемотерапија, која беше предизвик, но неизбежен дел од борбата. Потоа, една година примав биолошка-таргетирана терапија и три години и некој месец, хормонска терапија, кои помогнаа во понатамошната контрола на болеста. И денес, со полни 5 години  иако сум во ремисија, сè уште сум под некоја форма на терапија.. Оваа болест не завршува со хемотерапијата и зрачењето – тоа е процес кој продолжува и важно е да се остане фокусиран и дисциплиниран во текот на целото лекување.

Во однос на исхраната, иако многумина сметаат дека треба да се јаде сè за да се издржи хемотерапијата, јас не го гледав тоа така. Од моментот на дијагнозата, а и генерално, обрнувам внимание на тоа што внесувам во организмот и колку е тоа нутритивно богато. Внимавам и на суплементите, а особено на активното спортување, кои станаа важен дел од моето здравје. За мене, здравата исхрана и физичката активност се клучни за долгорочна благосостојба, не само во текот на третманот, туку и понатаму. Дури има и потврдени студии кои го докажуваат токму тоа.  

Фросе и сопругот Васко

ЖМ:  Колку е важна поддршката од најблиските, колку таа ви значеше Вам? 

„Поддршката од најблиските е незаменлива, особено во вакви моменти. За мене, таа беше основата на која се потпирав во текот на целиот процес. Сопругот, фамилијата, свекор ми, татко ми, брат ми особено, а посебно децата ми даваа неверојатна сила. Иако децата беа многу мали, (тогаш (пред 5 години), најмалото имаше само 3 и пол години, средното 5, а најголемото 7)  нивната радост и љубов ми беа постојан потсетник дека морам да продолжам напред. Нема АМА, се борам за себе и за нив!!! 

Фросе, сопругот и децата

Поддршката не беше само емоционална, туку и практична – тие беа секогаш тука за мене, и ми помогнаа во секојдневните обврски. Знаев дека не сум сама, а тоа ми даде дополнителна мотивација да се справам со предизвикот.

ЖМ: За жал многу лица кои се борат со оваа болест,  се соочиле и со губење на работното место. Како беше кај вас ситуацијата?

„Да за жал, многу луѓе кои се борат со оваа болест се соочуваат и со губење на работното место, но јас имав среќа да не поминам низ тоа. Во компанијата во која работев тогаш добив голема поддршка и разбирање, како од мојот претпоставен, така и од колегите. Тоа ми помогна многу во процесот на лекување. И во компанијата во која работам сега, ја имам целата  поддршка и разбирање,  иако сум во ремисија, моите контроли, терапии и посети на онкологија сè уште траат, но добивам целосна поддршка. Таа флексибилност и разбирање се од огромна важност за мене, бидејќи ми овозможуваат да го балансирам здравјето со работните обврски. И сум особено благодарна за тоа.

Велат најдобро може да те разбере оној кој ти ја знае маката, оној кој го помнал истото како тебе и оној кој се соочил со болеста, а токму тоа и го потврдува оваа храбра мајка на три дечиња.  

„Да, поддршката од некој што го поминал истиот трнлив пат е бесценета. Во моменти на страв и неизвесност, таа поддршка знае да ти даде сила каква што не си ни знаел дека имаш. За моја среќа, сосема случајно, запознав неколку жени од Струмица кои исто така се бореа со рак на дојка. Од моментот кога се запознавме, веднаш се зближивме, ми влегоа под кожа – станавме како семејство. Формиравме група која ја нарековме 'Onko Beauty'. Без нив мојот ден не почнува и не завршува. Секојдневно сме во контакт, си даваме поддршка, храброст и сила. Ние сме си една на друга водилки, низ секој тежок момент и секој мал триумф. Без нив, борбата би била многу потешка. Тоа е мојата заедница, моето прибежиште, каде секој ден си даваме поддршка и си стоиме една покрај друга, низ секој чекор од патот. 

ЖМ:  Во целиот процес на заздравување ви помагаат ли медициснките лица од онкологија?

„Да беа и се вистинска поддршка. Особено сакам да ги споменам Др. Дани и Др. Марина, кои ме водат, и се  тука за секој мој чекор. Нивната стручност е неспорна, но она што најмногу ми значеше е  нивната човечност. Зборовите на охрабрување, топлината со која ме третираа, и времето што го посветија за да ми ги објаснат сите детали – тоа ми даде неверојатна сила. Знаев дека не сум сама во оваа борба.

Незнам колку сте имале можност да одите макар и на еден ден на онкологија. Таму има секојдневно многу луѓе, многу тажни приказни, трпението и смиреноста на персоналот е голема.  

ЖМ:  Ве промени ли лично вас ракот? Како гледате на животот сега, шо се смени?

„ДА, ракот ме промени на многу начини. Повеќе од сè, ме научи да го ценам секој момент и секој ден што го имам. Животот сега го гледам многу поинаку – не ги земам работите здраво за готово, дури и најмалите нешта ми се важни. Приоритетите ми се сменија. Веќе не трчам по работи што пред тоа ми изгледале важни, туку се фокусирам на луѓето што ги сакам, на здравјето, и на мали моменти на радост. Животот е пократок и понепредвидлив отколку што мислиме, а јас сега сакам да го живеам со полни гради, без да се плашам од ситни работи. Ракот ми покажа колку сум силна, но и колку е важно да си го живееме животот автентично и со љубов.  

Октомври е месец за подигнување на свеста за ракот на дојката. Познат и како розов Октомври, а Фросе како силна и многу храбра  жена која  го победила ракот на дојка, но и како човек кој за жал изгубил  драги и блиски личности од канцер има силна порака до сите оние кои се борат со болеста но и за оние кои имаат блиска личност која се бори со болеста.

„Не се откажувајте,  колку и да изгледа тешко. Ова е пат полн со предизвици, но исто така и пат на откривање колку сте навистина силни. Верувајте во себе, бидете трпеливи со процесот, благодарете на Бога  и не се плашете да побарате помош или поддршка кога ви е најпотребна. Секој ден е нова шанса за борба и за победа.

А за оние кои имаат блиска личност што се бори со болеста, ќе ви кажам само дека – вашата поддршка значи сè. Дури и кога не знаете што да кажете, само вашето присуство и разбирање се доволни. Ова е битка што не се води само со лекови, туку и со љубов, емпатија и охрабрување. Бидете тука за нив, покажете дека не се сами, и верувајте во нивната сила. 

Во моментов имам и близок член од фамилијата кој го поминува истиот пат, и правам сè што можам за да бидам тука за неа како најголема поддршка, зашто знам колку е важно да не се чувствуваш сам во оваа борба. Љубовта и разбирањето може да направат огромна разлика! 

Животот не е само постоење; тој е патување полно со предизвици, радости, искушенија и искуства. Важно е да се живее интензивно, да се негува секој момент и да се ужива во малите работи кои ни даваат среќа. Научив дека секоја тешкотија е можност за раст и напредок. Затоа, не дозволувајте да се потонете во рутината на животот. Творете спомени, споделувајте љубов и покажувајте храброст во секој чекор. Живејте со цел и со страст, бидејќи животот е дар кој заслужува да се прослави!


Наталија Миланова