Рекорден број на учесници ќе трчаат во недела на Skopje Run 10K

Добивај вести на Viber

Пријавувањето за трчање на Skopje Run 10K е затворено, но купувањето хуманитарни километри за #СекојКилометар Значи не е, па затоа побрзајте



Минатата година започна едно ново поглавје во приказната за спорт и рекреација. Skopje Run 10K претставуваше уште една алка која ќе го поттикнува здравиот начин на живеење, но оваа година се надгради со #СекојКилометарЗначи. Со тоа го овозможи купувањето на хуманитарни километри за СОС Детско село. Над 800 учесници се пријавија првата година и нивниот број за 2018-та веќе е дуплиран. Тоа се должи на одличните организациски способности на Сојуз на спортови на Град Скопје, ко-организаторите Атлетски клуб Работнички, Атлетска федерација на Македонија и Министерството за внатрешни работи. Воедно, тоа ќе беше невозможно без генералниот покровител Агенција за млади и спорт и покровителот Град Скопје.
Skopje Run 10K ќе се одржи во недела, 7-ми октомври 2018, на бул. Илинден во Скопје. Стартот е до фонтаната Лотос во 09.00 часот и самиот финиш е на истата локација со тоа што трката е кружна и се трчаат 2 круга по 5 километри. Воедно, стартните пакети учесниците ќе може да ги подигнат од 12.00 до 18.00 часот во кугланата на СРЦ Борис Трајковски на 5-ти и 6-ти октомври (петок и сабота).
„Уште од својот зачеток, трката е дел од календарот на Атлетска федерација на Македонија и Европска атлетска асоцијација. Како што ми рече тимот, веќе планираат да стане член на Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки. Овој ангажман на Сојуз на спортови на Град Скопје со години, преку Виз Ер Скопски маратон, го става Скопје на светската спортска мапа, и очекуваме Skopje Run 10K да е уште еден сегмент од овој успех. За само една година Skopje Run 10K прерасна во голема улична трка со зголемување од 83% во бројот на пријавени за разлика од првата година. Голем број на странски и македонски тркачи и рекреативци се дел од оваа заедница која секојдневно расте и има потенцијал да го смени спортскиот начин на живеење во нашето општество.“, порача Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт на Република Македонија


„Даваме сѐ од себе Skopje Run 10K  да прерасне во традиционална трка. Изгледа дека успеваме во тоа. Над 1.600 учесници се пријавија да трчаат по бул. Илинден. Имаме учесници од 20 држави и самата популарност која се создава, благодарение на учесниците, ќе ни помогне Skopje Run 10K да стане дел од Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки. По самиот финиш ќе следат наградите и лотаријата низ која ќе се доделат подароци од нашите спонзори“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.
„Тоа што правиме е едноставно. Сакаме да има трчање низ целата година. Skopje Run 10K е одговор на барањата на тркачите. Долж патеката ќе има 5 музички точки кои ќе придонесат за повеќе забава за време на трчањето. Сега покрај Авицена женската трка и Виз Ер Скопскиот маратон, кои се во април и мај, тие може да се подготвуваат и за во октомври. Организираме натпревар и рекреација која ќе ги одржи фит и во темпо од јануари до декември. Воедно, оваа е одлична можност за тие кои размислуваат за учество, а немаат одлучено, да ги испробаат своите сили и способности. И така пред некое време го отворивме пријавувањето за Виз Ер Скопски маратон па ќе  можат побрзо да се одлучат за  дистанцата која ќе ја трчаат на 05-ти мај 2019.“, истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Град Скопје. Таа додаде дека ѝ е повеќе од драго што започнаа соработка со СОС Детско село и ја реализираат кампањата #СекојКилометарЗначи.


„Навистина нѐ радува соработката со организаторите на Виз Ер Скопски маратон, Сојуз на спортови на Град Скопје. #СекојКилометарЗначи е прекрасна и несекојдневна можност одново да ја поттикнеме хуманоста во нашето општество. Идејата е да создадеме нешто што е неконвенционално и што совршено ќе овозможи покрај спортскиот дух да се развива и филантропијата кај сите. Огромна благодарност до сите амбасадори кои се вклучија во оваа кампања и овозможија пораката на СОС Детско село да стигне до секој од вас“. вели Александра Спасевска, експерт за развој на фондови и комуникација во СОС Детско село.
Пријавувањето за трчање Skopje Run 10K е затворено. Сепак, за сите кои сакаат да бидат дел од оваа приказна може преку #СекојКилометарЗначи да купат хуманитарни километри на smartrace.club. Секој километар е 100 денари, а тие кои ќе земат 4 километри или повеќе ќе добијат подарок маица Парго од линијата на Катарина Ивановска.


За повеќе информации може да се посетат: http://www.sos.mk/http://skopje.run/https://www.facebook.com/SkopjeRun/https://www.facebook.com/detskoselomkd/.