Роботозирањето кон кое не спремаат, страшно ме плаши: Утринско кафе со Јасмина Вучкова

Денот ми почнува со насмевка и прегратка исполнета со чиста љубов од син ми. Имаме ритуал со гушкање од сабајле, си раскажуваме случки и споделуваме желби и планови. 

Одсекогаш сум го пиела првото кафе дома сама, да си ги средам мислите, да го испланирам денот, да си помислам на работата, на новиот лик кој го креирам, тоа го правев порано, но откако се роди син ми тоа е минато. Сега првото кафе го пијам или со колегите или ако имам време во мојата гримиорна, сама со себе на само пет- десет минути. Многу ми е кратко времето, но сепак доволно да се сосредоточам за проба. Ако дискусијата на пробата стане возбудливо креативна, посакувам и пијам уште едно кафе. Во театар кафето ми е највкусно. 


Ја имам најглавната улога во животот, да бидам мајка. Токму затоа целото слободно време е посветено на син ми. Имам носталгија понекогаш за книга, серија и добар филм, но едноставно овие неколку години животот мој има друг тек. Сега е времето кога детето ме бара крај себе, уште е мало. Брзо минува времето, тој расте и во скоро време ќе се испушти од мене и ќе бара време и игра со другари. Се надевам дека оваа светска пандемија ќе исчезне наскоро, како кога се будиме од кошмар. Посакувам детето мое да може слободно да си го прегрне другарчето, да искаже љубов на нормален начин. 


Роботозирањето кон кое не спремаат, страшно ме плаши. Пандемијата ме погоди душевно, физички и психички. Ова е светска војна, се затвори цел свет. Се шетавме на почетокот на пандемијата со сопругот и детето по планини и ридови, три месеци. Освен овци, кози, кучиња и некој човек-пасач на стадото, со кој се поздравувавме од далеку, никој жив немавме сретнато. Пазаревме по само еден од семејство и продуктите ги остававме на балкон преку ноќ, за вирусот да исчезне, а најхитните ги бришевме детално со средства за дезинфекција. Рани по рацете имав од миење и дезинфецирање. Скренавме од умот. Кога попуштија мерките почнавме пополека да излегуваме надвор во град. Син ми кога ќе видеше други деца, дури и од далеку, се стуткуваше во мене. Се уплашив. Детето ми беше многу комуникативно, а сега беше шокирано од глетката - има и други деца. Не знаеше како да им пријде, тие не знаеја како да му пријдат. Пополека, со многу зборување, пак се врати во нормала, исто и другите дечиња. Сега пак сакаат да не оддалечат едни од други. Толку многу се грижат за нашето здравје што сакаат дури и дома да ни влезат за да не “заштитат“. Не ми се верува во каков свет живееме. Сега не убедуваат дека ова било ново нормално. Не, ова не е нормално! Луѓето треба да се сакаат, да покажуваат љубов и емпатија, да се смеат и да го слават со радост секој ден од животот. Ние сега не живееме, преживуваме со страв од болест и смрт. Ова не е живот, ова е "слободен" логор. Ми плаче душата кога ги гледам дечињата во строј со маски. Во што не претворија? Да се плашеме од ближниот свој, да го гледаме со сомнеж секој кој ќе ни се доближи. Општа култура е да се одржува редовна хигиена, да не му се влегува на човек во личното пространство додека пазари, чека ред пред банка, во продавница... Наместо да го подигнат нивото на култура, тие со своите контрадикторности за вирусот не дефокусираат, збунуваат и плашат уште повеќе. Ако за само една недела човекот не гледа телевизија, излезе надвор, погледне околу себе и живее како што чувствува, се ќе си дојде на свое место. 


Треба да имаме слобода во мислите, делата, изборот... Инаку, зошто ни е даден овој живот, да го живееме онака како другите сакаат? Работите се прости во животот, човекот треба да знае што сака и кон тоа да се стреми, ако сака да биде среќен. Во многу пишани литератури за светски управувања е покажано и докажано дека стравот е најсилната алатка за манипулацуја. Мора да бидеме будни и разумни. Секојдневно се откриваат факти дека вирусот е рамен на грип. Треба да се стремиме кон јакнење на имунитетот, здрави навики на живот, дишење чист воздух, кој во последните години е реткост. 


Бегаме од суштината, не насочуваат кон формата. Театарот е уметност која го возвишува човека. Му дава слобода да размислува, да осознава и созрева. Секоја театарска претстава е еднаква на добра книга. Една нација без театар е нација без дух и индивидуалност. 

Морам да признам во цело оваа сивило и бунило, ме мотивираат храбри луѓе, кои се борат за вистината. Сега е вистинско време за херои. 


* Јасмина Вучкова - актерка *