Сака топки и гледа спорт: Осумнаестмесечната Василија аплаудира на секој постигнат поен од македонските одбојкари
Седеше во скутот на својата мајка и внимателно го следеше одбојкарскиот натпревар помеѓу Македонија и Црна Гора. Осумнаестмесечната Василија Иванова од Струмица, понесена од атмосферата во „Борис Трајковски“ ги креваше рацете и аплаудираше на секој постигнат поен од македонските одбојкари. Во неколку наврати почна и да танцува на музиката, која која ечеше во салата за време на паузите. Во ниеден миг не и стана досадно, не покажа нетрпение, не се обиде да се шета, што е вообичаено за осумнаестмесечно бебе. Нејзината мајка Неда ни откри дека вторпат ја носат на ваков голем натпревар.
- Ги гледавме македонските одбојкари на пријателскиот турнир „Чајка“ што се одржа пред Европското првенство. Посебно сум врзана за овој спорт бидејќи репрезентативецот Васе Михаилов ми е братучед. Василија го проследи натпреварот што се вели во „еден здив“. Беше многу беше возбудена и радосна. Затоа решивме да ја носиме почесто во сала - ни изјави таа.
Брачната двојка Иванови е голем љубител на спортот. Во нивниот дом најчесто се гледаат спортските канали. Живко, таткото на Василија е среќен што и нивната ќерка покажува такви амбиции.
- Имаше една година кога забележавме дека Василија ја прекина својата игра , седна до нас и почна да гледа натпреварот со голем интерес. Многу сака топки. Затоа и вниманието и го привлекува само спорт со топка. Кога ќе излеземе на прошетка бара да и купиме топка. Дома имаме повеќе од 15. Се надевам дека ќе присуствуваме уште на некој натпревар на македонските одбојкари – ни изјави тој.
(С.А.Н)
Фото: Вангел Тануровски