Сакам во заедница да се радувам, а не да самувам: Актерката Милица по примената вакцина
Јас сакам се' уште да се радувам во заедница, а не да самувам, вели 88 годишната актерка Милица Стојанова , која вчера се вакцинираше против Ковид-19.
Легендарната актерка која во 2018 беше прогласена за лауреат на наградата „Голема ѕвезда“ до јавноста испрати силна порака.
Потсетувајќи се на времето кое го поминала, таа побара поголема одговорност, разум и солидарност од сите, какви што покажуваат здравствените работници.
„Поминав една војна, онаа Втората светска... Го искусив татнежот и плачот на земјотресот... Видов разни страдања, искушенија, поединечни и заеднички... Но, ова не сакам на зајдисонцето од својот живот пасивно да го гледам... Не сакам да гледам уште една војна со невидливото. Не сакам да гледам тажни, изолирани луѓе кои мораат да заминат од овој свет сами, без своите околу нив... Светот мора да го одблокираме. Мораме повторно да бидеме заедно и спремни да создаваме нови убави нешта. Јас сакам се' уште да се радувам во заедница, а не да самувам.
Затоа да бидеме одговорни и да се вакцинираме, оти не гледам друго чаре и за себе и за оние околу мене...
И да не бидеме себични. Конечно да покажеме разум и солидарност какви што покажуваат овие прекрасни здравствени работници кои денес беа со мене, а секојдневно се обидуваат да спасат стотици и илјадници животи. Да покажеме доблест барем кон нив.
Да покажеме доблест кон животот и кон секој еден во заедницата, затоа што грижејќи се за себе се грижиме за другиот“, стои во објавата на Милица на Фејсбук.
Милица е родена на 6 јуни 1932 година.
Фото: Википедија/Фејсбук