„Само кога ќе сфатиме дека секое дете на светот заслужува љубов, почит, топлина и безбедност, можеме да кажеме дека ја исполнивме нашата должност“: Мајки за Светскиот ден на детето
Како мајка на девојче, секој ден ме потсетува на одговорноста што ја имам да ѝ го дадам најдоброто можно детство, исполнето со љубов, сигурност и сите оние вредности кои ќе ја обликуваат во одговорна личност. Светскиот ден на детето, кој се слави на 20 ноември, нѐ поканува сите да застанеме за момент и да размислиме како ја обезбедуваме иднината на нашите деца, како им овозможуваме да растат во свет каде што можат да го користат својот потенцијал, свет во кој тие се сакани и почитувани.
За мене, како мајка, Светскиот ден на детето не е само потсетник за правата што ги имаат децата, туку и за тоа колку е важно да ги научиме како да бидат одговорни, како да покажуваат почит кон другите, како да го разбираат светот околу нив и како да се развие емпатија. Можеби имам само едно девојче, но секој момент што го поминувам со неа ме потсетува на тоа колкава моќ навистина носат децата, моќта да го променат светот доколку им дадеме поддршка, љубов и образование“, вели за Женски магазин, Ивана.Б. мајка од Скопје чие дете има четири години, кога ја прашавме што за неа значи денешниот Меѓународен ден на детето.
„Денот на детето ме потсетува првенствено на детските насмевки, детскиот џагор, на детските права, на одговорноста која им ја пренесуваме секојдневно преку најразлични начини и форми за еден ден да прераснат во самостојни одговорни и исполнети личности“, вели пак Маријана, исто така мајка на девојче од Скопје.
Дали сите деца на светот се среќни, како моето дете , е прашање кое често си го поставуваат многу мајки...
Дали имаат можност да играат, да растат во безбедна средина, да бидат здрави и среќни, да го истражуваат светот без страв...
-За мене, како родител, ова прашање не е само апстрактно, тоа е реалност која мора да ја прифатиме. Многу деца ширум светот страдаат од сиромаштија, војна, насилство или неможност да одат на училиште, да бидат здрави, да имаат доволно храна и вода. Нивните права не се луксуз, тие се основни човечки потреби.
Светскиот ден на детето не повикува да не заборавиме дека, додека на нашите малечки им пружаме љубов и сигурност, многу мали ширум светот не ги уживаат истите привилегии. Како мајка, ова длабоко ме погодува, бидејќи сакам сите деца, вклучително и моето девојче, да имаат исто право на среќа и сигурност. Наша одговорност не е само да ги заштитиме и сакаме нашите деца, туку и да ги научиме да ги препознаваат нивните права и обврски кон другите, вели нашата соговорничка.
Светскиот ден е навистина шанса да се потсетиме што е она што е навистина важно...- Се сеќавам, додека таа седи до мене и заедно ја читаме една од најубавите книги на светот, Малиот принц, како ѝ светнуваат очите кога ја препознава вистинската убавина во едноставноста и искреноста. Тоа е моментот кога го учиме важното: „Стануваме вечно одговорни за она што сме го скротиле“. Оваа реченица ми остана во срцето. Како родител, мојата одговорност не е само да го сакам моето дете, туку и да го научам да ги сака и почитува сите луѓе околу него, да ги разбира и препознава потребите на другите-искрена е Ивана.
-За мене како мајка најголемиот успех и радост е да ги видам моите деца успешни и задоволни во својата животна патека. Овој ден е посебен и со големо значење за сите нас како родители и нѐ повикува на едукација, одговорност, поддршка, разбирање и правилно насочување кон животот!“ , додава Маријана.
Светскиот ден на детето е потсетување дека децата не се само наша иднина, туку и сегашност, дека заслужуваат да бидат водени со љубов и внимание.
-Наша одговорност како родители, општество, сите ние, е да им обезбедиме на децата не само права, туку и можност да ги користат тие права, да растат во безбедна средина, да истражуваат, да се развиваат. Само кога ќе сфатиме дека секое дете на светот заслужува љубов, почит, топлина и безбедност, можеме да кажеме дека ја исполнивме нашата должност. Како мајка знам дека децата се наша најголема одговорност, но и најубав подарок. Преку грижа, љубов и почит, можеме да им овозможиме да прераснат во одговорни, сочувствителни луѓе кои ќе изградат подобар свет во иднина. И тоа, за мене, е вистинската вредност на Светскиот ден на детето, вели Ивана од Скопје.
Ирена Ставрова