„Ги исфрлив двата сина од дома и тоа преку суд“: Марија (75) откри зошто не сака повеќе да живее со своите деца

Добивај вести на Viber

Слично како и во Македонија, познато е дека во Италија младите, па и оние малку помалку млади, долго остануваат да живеат со своите родители.

Меѓутоа, Марија (75) од градот Павија решила да стави крај на тоа и по судски пат да ги избрка своите возрасни и не толку мали синови од куќата. Според локалните медиуми, нејзините синови имаат 40 и 42 години.

Жената се обидела да ги убеди своите синови, кои се и вработени и се издржуваат, да се иселат, но тие одбиле.

- Двајцата не сакаа ни да слушнат за тоа - рече таа, а пренесува локалниот весник La Provincia Pavese.

Имено, таа ги издржувала додека биле невработени и очекувала да излезат од дома кога ќе најдат работа. Но, тоа не се случило. Наместо тоа, двајцата браќа не придонеле за домашните трошоци, не ги плаќале сметките и не ѝ помагале во домашните работи, пишува италијанскиот весник.

Откако нејзините молби не вродиле со плод, Марија решила да преземе драстична мерка и побарала иселување преку суд. Судијката Симона Катерби пресуди во нејзина корист.

Судот пресуди дека првично, додека браќата биле невработени, „родителот бил должен да ги издржува“. Но, откако почнале да заработуваат, „веќе не изгледало оправдано“ со оглед на тоа што „двајца од обвинетите се постари од 40 години“, се наведува во пресудата. Синовите имаат рок до 18 декември да се иселат.

Во одлуката на судијата е наведено и дека во законската регулатива нема одредба со која на возрасно дете му се дава безусловно право да престојува во дом кој е исклучиво во сопственост на родителите, против нивна волја и исклучиво врз основа на семејни врски.

Дали вие некогаш би направиле вакво нешто?


Фото: freepik