Само убавината на душата е вечна
Убавината на човечкиот лик и тело е многу
менлива и неспорно минлива работа. Еве, земете си ги старите албуми со
фотографии и видете како низ годините ви се менувал ликот, а и телото.
Преценетоста на убавината, особено женската е најмногу врзана со маркетингот и
козметичките препарати. Таа индустрија отсекогаш ни ги правела најголемите
фрустрации, но и заблуди. Што пара имаме дадено на креми кои “магично ги отстрануваат брчките”, на лосиони од кои “ќе
имате бебешка кожа”, на маски од кои “годините ќе ви бидат избришани од лицето”, станувајќи робови на производителите кои се богатат
на сметка на нашата борба за вечна младост (која не постои). Секако, секоја од
нас сака да се негува и да си посвети внимание. Одење на козметичар, салони за
убавина, теретани, е дел од рутината на многумина. Но, сето тоа е само
ублажување и/или до некаде забавување на процесот на стареење кој е неизбежен а
од кој имаме непотребен страв. Кога ќе помислам на нашите баби, па и мајки кои
од препарати користеле Бекутан крем и маски кои си ги правеле дома од мед,
жолчка од јајце и масло, ме фаќа страв да пресметам колку арчиме на работи за
кои не ни знаеме што содржат во себе.
Низ годините, станавме зависни од култот за затегната кожа и мазно лице. Да не се разбереме погрешно, не е дека имам против тоа секоја жена си го бара чарето за да се чувствува убаво во сопствената кожа и да е среќна кога ќе се погледне во огледало. Имам против наметнатата идеја дека “мора” да се изгледа како да сме излезени од часопис за убавина. Реалноста е дека дури и тие жени кои ги гледаме во магазините кои продаваат гламур, не се такви како што се прикажани на насловните страници. И тие имаат линии на лицата, целулит, свисната кожа на некои места, ама пусти фотошоп чуда прави. Тој притисок кој ни е сервиран безмилосно, нé натера да користиме филтри на скоро секоја фотографија, до степен за да не се препознаваме едни со други ако се сретнеме на улица. Ако ме прашате, многу ми е неприродно на свои 50+ години да имам лик каков што сум имала на 20. Тоа некако му иде како да сум скокнала 30 години од животот, како да ме замрзнале и да ме одмрзнале после неколку децении. Секоја линија на нашето лице е приказна за себе. Тоа се смејалчињата околу очите кои сме ги добиле во сите мигови кога сме се смееле до солзи со пријателите, секоја брчка е сведок на мината тага и радост, болка и премрежје, борба, падови и успеси.
Наместо да бидеме горди на лицето на кое животот си оставил траги, ние сакаме да ги убиеме сите случки кои ни го смениле ликот. И да не ми скокнат сега оние кои се поборници на естетска хирургија. Многу пати сум кажала дека не сум против зафати кои носат спокој и задоволство. Сé што е стокмено со усул и естетика која само потенцира, а не менува драстично, ми е ок. Не ми е ок ако е сторено за некого, а не за себе. Не ми е ок ако е само параван за прикриена несамодоверба или нељубење себеси. Оти не помага, само носи некоја минлива утеха која никогаш не трае на долги патеки. Секое незадоволство од она како изгледаме не е за под нож, туку некојпат е за разговор со стручно лице кое ќе знае како да проникне во суштината на тоа зошто не сме среќни пред огледалото. Знаете колку пати сум добила желба да не ја гледам онаа Ана која ми се џари во огледало? Колку само пати сум посакала пополни усни, поткренати гради и јаболчници кои ќе светат од затегнатост. И тоа било секогаш кога ме мачело нешто друго, оти сум сфатила дека во суштина и не се замарам многу со тоа како изгледам, оти тоа сум јас. Не е за навек отфрлена опцијата дека можеби еден ден ќе си речам “ок, сега е моментот за да искоригираш сé што не ти се допаѓа”, ама тогаш ќе бидам на чисто со себе дека тоа е само од естетски, а не од психолошки причини. Оти секогаш кога сум под стрес, уморна, депресивна и тажна, имам нагон да сменам нешто. А тоа не е доволно добра причина, оти се знам себеси. Ама затоа, косава ми знае што сé има истрпено кога сум била на некој крстопат. Како за човек кој има страв од легнување под нож освен ако е здравје во прашање, сега за сега останувам на косата и нејзиното малтретирање.
Не ми е муабетов да ве убедувам или да ве премислувам ако сте одлучиле да правите естетски зафати, оти сум длабоко убедена дека секоја од нас знае што е најдобро за неа. Муабетот ми е дека причините треба да потекнуваат од вашата желба, а не од мислењето на околината или (не дај боже) од партнерот. А неспорно е дека дури и најубавите жени на светот си го упропастиле ликот од стравот од стареење или за да го задржат партнерот покрај себе. Баш пред некое време имаше на еден странски сајт нешто што кај нас се преведува како “некогаш и сега”, а во кој беа ставени фотографии на познати жени и мажи кои се имаат буквално упропастено од прекумерни операции. Една Мелани Грифит која беше секс симбол е сторена за никаде, не можам да го прежалам Мики Рурк кој нема допирна точка со оној фраер кој беше симбол за машка убавина во филмот “9 ½ недели”, па Џенифер Анистон која на последните фотографии изгледа (во најмала рака) чудно, Тори Спелинг (Дона од Беверли Хилс 90210), Мишел Фајфер која е полуизобличена. Па после ги гледав фотографиите од Кеану Ривс и Бред Пит кои секоја линија на лицето си ја носат со невиден сексапил и за кои светот вели дека се најубавите мажи на филмското платно. Е, ама затоа за девојката на Кеану која има бела коса (оти така и’ се сака, а и и’ се може да не се фарба), која нема шминка на себе и не се оптеретува баш со облеката, јавноста е згрозена дека не е секс симбол. Тоа оди дури и дотаму што има еден куп невкусни коментари како можел да ја одбере нејзе од сите тие преубави жени кои се околу него.
И еве, дојдовме и до суштината на колумнава. Секогаш кога бираме партнер или пријатели, не ги бираме по тоа како изгледаат. Да, за партнер прво работи хемијата, ама таа е краткотрајна ако човекот нема други вредности кои тежат повеќе на кантар отколку убавината или целокупната појава. Сите сакаме луѓе околу себе со кои ќе се чувствуваме убаво, кои ќе ни бидат љубов, потпора, најдобри пријатели. Мислите дека сопрузите на жените и сопругите на мажите кои важат за најубавите луѓе на светот си ги гледаат така своите партнери? Јок! Со текот на времето сите стануваме “обични”. Ама убавината на душата е таа која не старее, која нема брчки, која не страда од целулит. Убавината на душата не потклекнува пред забот од времето, не огрдува и не се рони. Таа е она лепило кое ги држи луѓето заедно и после децении. Таа е лекот за сите болки, расправии и предизвици пред кои се соочува секоја врска или брак. Само површните луѓе остануваат со некого оти е убав/а. Оние кои ја знаат тежината на функционирањето заедно, гледаат подалеку од накарминисани усни и надворешна убавина.
Впрочем, колку сме грди или убави е толку неважно кога е во прашање каква ни е душата. Низ животот сум среќавала преубави на лик луѓе кои после 2 муабети ми биле фуј, сум среќавала преубави луѓе со уште поубави души, сум среќавала луѓе кои биле озборувани како “види го/ја каков/каква е грд/а”, а биле најубави во моите очи оти имале алтани во срцата.
Никогаш не сум била убава по некои стандарди на женска убавина, ниту кога сум била млада, а ниту пак и сега. Ама кога некој ќе ми рече “Ах бе Ана, што убав човек си”, тогаш се чувствувам како најубавата жена на светот. Оти знам дека она што го носиме во себе ни излегува низ очите и знам дека луѓето со убави души имаат некој сјај кој им се гледа и однадвор. И таман ми е, сосем доволно за да бидам своја и да си речам оти убоста однатре е најголемата и највредната убост која никогаш не умира, дури ни тогаш кога повеќе нема да сме на овој свет.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има луѓе чија душа им е на мегдан
Сета убава и мазна
Како со монистри навезена
Како со срма обрабена
Како со алтани на руба наредени
Кој од кој посветол
Кој од кој поубав
Кој од кој повреден
Има луѓе чија душа е како од кристал
Мајсторски исцртан
Кревок а толку личен
За во него да го наточиш
Најубавото вино на светот
Или некој редок ликер
Од чија арома кожа се намовнува
Та го пиеш полека и со сласт
Има луѓе чија душа е мека како леб
Кој мириса три куќи потаму
Кога од рерна ќе се извади
Мек и сунѓерест на допир
Та непцата те чешаат за да го вкусиш
И вкусот му е како рајот во уста да ти е
И со раце го кршиш внимателно
Со возбуда и исчекување на залакот
Има луѓе чија душа е како градина
Полна цвеќе и трева зелена
Во која ти иди да си легнеш
Меѓу сета убост која ја има
За да си го одмориш срцето
За да ти се разбистри умот
Без плевел и без трње
За да ти здивне грбот на неа
Има луѓе чија душа е небо широко
А на него птици песнопојки
Со синило кое во око ти го збира
И од кое утеха добиваш
Та знаеш оти сé ќе биде добро
Дури и тогаш кога не е
Ама некако стивнато ти е внатре
Оти надеж за поубаво утро ти даваат
Има луѓе
Има луѓе чија душа е како иљач за сите болки
Кои знаат меден збор да ти дадат
Тогаш кога за никаде си
Кои љубов ќе ти дарат
И кога себе не се љубиш
Кои се тука, до тебе
И тогаш кога сам со себе не си
Има луѓе кои на кантарот на животот
Тежат повеќе од самиот живот
Оти без нив живот нема