Сања Арсовска: Ми се плаче колку ми недостига театарот

Добивај вести на Viber

Чудесно арт-видео сними Сања Арсовска, актерка на Драмскиот театар во Скопје, за „Театар дома“, избирајќи текст на современиот бугарски писател Георги Господинов од неговата збирка микро-раскази „Сите наши тела“. Вели посегнала по овие микро-раскази зашто во ова време на глобална криза на макро-ниво, логично е да сме свртени кон себе и кон она што е ситно, мало, а есенцијално - на лично, микро-ниво.

-Со професијата со која се занимаваме ние постојано се истражуваме себеси,  но во ова застанато време сфатив дека сум издржлива, дека можам да живеам бавно и релаксирано. До времето пред оваа корона-криза, сите живеевме многу брзо. И јас бев во постојана трка,  цело време ме газеше времето, постојано ми недостигаа уште по неколку часа во денот, а сега сè правам бавно и спокојно, па дури и уживам во тоа дури и ако е во прашање обично миење садови – вели Сања.

ВИДЕО


Додека трае оваа сеопшта хибернација, таа снима со екипата на Петко и фамилијата за проектот „ТВ училница“, кој им помага на децата во совладувањето на наставниот материјал преку онлајн настава. Но тоа, вели, не и ја надоместува потребата за театарот.

-Тој ангажман успева да направи да се чувствувам корисна, но не ми го надомести театарот. Ми се плаче колку ми недостига театарот. Животот ни е ставен на пауза и чекам некој да ни соопшти кога паузата ќе биде завршена и како ќе продолжи животот понатаму. Се плашам за театарот. Не дека нема да има што да каже, туку дали ќе има некој тоа да го види, слушне, почувствува. Претпоставувам дека уште долго ќе траат препораките за физичка дистанца и групирање, па оттука и мојот оправдан страв за тоа како ќе го одржиме театарот дур конечно не заврши ова.

Не сака да прави проекции за животот и за театарот по оваа хибернација низ која минуваме сега.

-Не проектирам, не предвидувам. Не знам каде оди ова, не барам одговори сега. Единствено ми е тешко што се чувствувам немоќно било што да променам. А знам дека промената ќе стигне.

Додека да се случи тоа – чекаме сите. Каква и да е таа промена што ја чекаме.


Јасна Франговска

Музика во видеото: „Fu…“ -  Александар Пејовски