Сања Лукаревска за Бадник и Божиќ: Со своите околу трпезата и посното гравче е слатко
За Сања Лукаревска, директорка на Управа за јавни приходи и заменик претседател на СДСМ, Бадник е ден кој целосно му го посветува на домот, на семејството. Има нешто посебно во таа вечер на скромност, во тоа исчекување. Да имате со кого да го вртите лепчето и да му се радувате на паричето како амајлија, вели декае повеќе од празник.
Благодарна е што има големо семејство и што се зголемува секој следен Божиќ. Тоа му додава радост на Радосниот ден.
ЖМ:Потекнувате ли од традиционално семејство , кое на големите христијански празници гледаат како на израз на побожност? Како бевте воспитувани во тој контекст?
-Во што верува некој и на која религија ѝ припаѓа сметам дека е интимно прашање. Почитувањето на тоа длабоко чувство во секој од нас е темелот на моето домашно воспитание. Сė што од човек прави да биде подобар човек, го прифаќам без да поставувам прашања од каде ја црпи таа сила. Да, јас сум православна христијанка, верувам во моќта на молитвата. Не знам со што се мери побожноста, но длабоко верувам дека секој од нас го носи својот крст. Дали ќе го прифати како благослов, тоа е лична одлука. Бројни се искушенијата во животот и ако во нешто не веруваме дали ќе можеме да поверуваме ?!
ЖМ: Посната Бадникова вечера, како претпразнение на празникот на Христовото раѓање, го соединува семејството. Зборовите на нашите предци "Пред Божиќ, зад Божиќ, кај и да си , дома да си", се пренесуваат од генерација во генерација. Почитувајќи ја оваа максима, со кого ги славите овие празници и каде ?
-Бадник е ден кој целосно му го посветувам на домот, на семејството. И некако, тоа ми е ден во кој најбргу доаѓа вечерта. Со своите околу трпезата, и посното гравче е слатко. Има нешто посебно во таа вечер на скромност, во тоа исчекување. Да имате со кого да го вртите лепчето и да му се радувате на паричето како амајлија, е повеќе од празник.
ЖМ: Дали секоја година вашата семејна прослава на христовото раѓање добива нова форма, димензија, или сте верни на традиционалните обичаи ?
-Верни на традицијата, и Божик го прославуваме како останатите христијански македонски семејства. Благодарна сум што имам големо семејство и што од Божик на Божик сė повеќе не има. Тоа му додава радост на Радосниот ден.
ЖМ: Како изгледа вашата трпезата за Бадник и Божиќ и кој ја подготвува? Дали во вашиот дом има женски и машки работи?
-Иако во тие денови сите се мешаме во кујната сепак „шефот“ е мојата мајка. Работите не ни се поделени според полот туку според правилото кој најдобро ќе ја заврши работата (хахахаа). И пак главна е мајка ми. Впрочем, тоа е така и пред Божик и зад Божик. Без неа не би постоела таа совршена хармонија од љубов подготвена и принесена и на Бадниковата посна вечера и на Божикната трпеза.
ЖМ: Велат дека постот не е гладување или диета, туку прочистување на телото и умот, од лоши мисли и лоша храна. Човек пости затоа што сака, а не затоа што мора.Дали постот како институција на религиозна норма и канон, во вашата фамилија постои како традиција?
-Со години ја постам последната, Страдалната недела пред Велигден. Тоа никој не ми го наложил. Самата ја почувствував таа потреба. За мене постот не е просто воздржување од храна, ниту времено прочистување на телото и на умот. Зашто, дали ако се воздржуваме една или повеќе недели од храна и од грда мисла или збор е доволно за причесна, за благослов. Дали постот е ресетирање, бришење на старите гревови и добиен простор за нови ? Не. Постот е мир во себе и со себе, средба со совеста во сопствената тишина.
ЖМ:Божиќ кај сите ги буди спомените врзани за семејството. Може ли да се присетите на прославите на празникот во вашето детство?
-Сите сакаме да ни падне паричето како добар знак. Но, на мене и во детството и до денес ретко кога ми паднало, а и моите никогаш не ни помислиле, а камоли да ми го наместат.Најчесто паричето и паѓа на мојата мајка, на нашиот столб, и со тоа чувство на правична среќа го дочекуваме секое Божикно утро. Пак ќе речам, благодарна сум на бројното семејство и на сите заеднички спомени. На нив, како раковска душа, честопати се навраќам. И во тие спомени најсилен е споменот на топлината. Онаа празнична топлина на домот како прегратка, како штит.
ЖМ: Постои ли некоја посебна случка, настан која ве врзува за овој ден?
-Сите спомени на Божик ми се драги и не можам да издвојам некој посебен за , како што велат, нешто да не расипам. Доволно е Божик да ни се случува, сите на број и сите заедно. Во мир. Доволно е.
ЖМ: За крај, што посакувате да ви донесе 2024 година професионално и приватно и која е вашата порака за нашите читатели?
-После сė што поминавме во изминатите три години, од борба со пандемија до борба со инфлација, искрено посакувам подобра, попредвидлива и поспокојна 2024 година. Во моментов, случувањата во светот не одат во прилог на моите желби, но верувам во силата на доброто, во силата на разумот. А и проекциите даваат оптимизам за економски подобра 2024 година. Тоа што годината е престапна, тоа е уште еден подарен ден. Всушност, секој ден е шанса за нов договор со нашето време. И сė е возможно ако го „трошиме“ со луѓе со добра волја.
Од срце, Среќна 2024 и честит Божик.
Соња Алексоска Неделковска