Сѐ ме потсетува на Оливер: Мајсторски концерт на Џибони и на Влатко
Кога двајца мајстори се на иста сцена, добитна комбинација е добар концерт. Тие се стари пријатели и соработници, а и вечерва во Скопје, во ВИП Арената како и многу пати до сега Влатко Стефановски и Џибони докажаа дека кога нивните две енергии ќе се спојат, публиката тоа знае да го препознае и да го награди.
Настанот наречен All You Need is Love го отвори младиот бенд „Funk Shui“. Влатко одржа концерт по нив, а Џибони на сцената стаса дури околу 23 часот.
„Заедно летавме со Џибони од Љубљана. Добро е што успеавме да слетаме, едвај стасавме. Кога авионот се спушти на скопското тло, ми олесни“, раскажа Влатко.
„Сега на сцената ќе повикам еден млад музчар. Тоа е мојот син, Јан Стефановски. Го повикувам да седне на тапани“, рече Влатко а талентот на неговиот син, публиката го награди со овации. На бис, Влатко ја отсвире најубавата, „Бистра вода“ и доби ѕвездено небо од телефони кои тој ги нарече дигитални свеќи.
Џибони пак, на самиот старт од настапот, се присети на Оливер Драгијевиќ. „Последен пат бев тука со Оливер. Сѐ ме потсетува на него“, рече Џибони и ја испеа „Среќа“. Концертот го организираше „Авалон“ продукција.
М.Џаровска