СЕ ОДРЖУВА ЗА ПРВПАТ: Саудијките уживаа во модна недела
Во Саудиска Арабија за првпат се организира недела на модата со организирано дефиле за ексклузивна женска публика.
На дефилето во градот Ријад, каде беа повикани и познати европски имиња како Жан Пол Готие и Роберто Кавали, забрането е да се фотографира. Вакви модни манифестации во арапскиот свет досега беа одржувани само во Дубаи. Овој пат на сцената се изложуваат модели на саудиските дизајнерки Арва Ал Банави и Машал Ал Рајхи.
На модната недела учествуваат 14 дизајнери од Бразил, Либан, Русија, Саудиска Арабија, САД и од Обединетите Арапски Емирати.
Повеќе реформи се прават во Саудиска Арабија во последно време, а се зголемуваат и првата на жените.
Строгите општествени ограничувања драстично попуштија под водство на принцот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој дозволи јавни концерти, повторно отвори кино-сали и ја укина забраната жените да возат.
Сепак, ограничувања и натаму има. Приемот на отворањето беше отворен за мажи и камери, но само на жените им е дозволено да одат на модните ревии, а беше забрането и надворешно фотографирање.