СЕ ОГЛАСИ „ВИТАМИНКА“ ЗА ЦЕНАТА НА ЗЕЈТИНОТ: До пред два месеца набавувавме сурово масло до 1.500 евра за тон, сега цената е 2.200, но, кризата се смирува

Добивај вести на Viber

Во врсака со информацијата дека поскапува маслото Брилијант од 115 на 135 денари, се огласи компанијата „Витаминка“, која го произведува овој производ.

„Првиот квартал од годинава, ‚Витаминка' како компанија покажа одговорност поради економската криза и ја здржа цената на ниско ниво долг временски период. Претходната цена на Брилијант беше 125 денари за литар, со што внимаваме и важно ни е да нема големи ценовни скокови кон граѓаните. Но, изминативе недели ситуацијата се смени во однос на набавката на суровина од Бугарија и Украина, што останаа единствени алтернативни пазари за нас. Нерафинираното масло од овие пазари е со значително повисока цена, што се одрази и врз малопродажната цена на маслото. И покрај покачувањето, цената на Брилијант е најниска од сите производители на масло на македонскиот пазар. Истовремено, компанијата доследно ги почитува препораките и се раководи според насоките на Владата за справување со економската криза“, се вел.и во соопштението од компанијата.

Оттаму нагласуваат дека новото сурово масло кое е набавено од Бугарија, Романија и Украина, чини околу 2.200 евра за еден тон, а пред три до два месеца цената се движеше од 1.200 до 1.500 евра за тон. Малопродажната цена на маслото, што е берзански производ, зависи од движењата на цените на светските берзи.

„Поради увозот од Србија, кризата со маслото за јадење се смирува и нема потреба граѓаните да прават залихи“, нагласуваат од „Витаминка“ во својот допис до јавноста.