Се омажи Андријана Лазова, новинарка во Канал 5 телевизија: Сопругот ме освои со тоа што не се трудеше да ме импресионира

Добивај вести на Viber

Млада, амбициозна и секогаш на страната на вистината, Андријана Лазова од неодамна и Божиновска, пет години е новинарка во Канал 5 Телевизија. Гледачите имаат можност секојдневно да ја гледаат како дел од информативната редакција со прилози од политичкото секојдневие, но и како водителка на дебатната емисија „Само вистина“.

Работата и е задоволство, посебно онаа теренската бидејќи таму се среќава со колегите новинари, но и нејзините почетоци во телевизијата се поврзани со новинарските приказни од терен.

Борбеноста е нејзината главна карактеристика, а тоа го препишува на хороскопскиот знак Лав. Во приватноста од неодамна е сопруга на Марјан, и покрај Лазова е и Божиновска.

ЖМ: Пошироката јавност те познава како новинарка од информативната редакција на Канал 5 Телевизија, но и водителка на дебатната емисија „Само вистина“. Колку години си дел од семејството на Канал 5 телевизија?

- Годинава полнам пет години во Канал 5, но за мене исто како цел живот, од причина што на некој начин таму најдов сè што ми одговара на мојот карактер. Најважно од се според мене, спој од искусни и млади колеги кои меѓусебно имаат одлична соработка.

ЖМ: Дали отсекогаш знаеше дека ќе бидеш новинарка или како мала имаше сосема поинакви амбиции?

- Па би рекла дека имав замисла. Сакав преку работата да придонесам во менување на општеството и системот на подобро, па макар и тоа да е минимално. Тој што се занимава со оваа професија знае колку е тоа остварливо. Дополнително, во хороскоп сум Лав, па мислам дека сите коцки се на место.

ЖМ: Како ти започнува еден работен ден?

- Со оглед на тоа што ние од редакциите кои работиме за вести и политички емисии немаме многу рано во денот работни обврски, не важиме ниту за ранобудни луѓе. Кафе „на нога“ дома, второ кафе со колешката Јана на работа, па потоа сум достапна за муабет и почеток на работниот ден.

ЖМ: Каде повеќе се пронаоѓаш во теренската работа или во студио, и зошто?

- Можеби теренската, бидејќи таму се моите почетоци, а секако и најголем дел од денот сè уште ми поминува во комуникација со колеги, меѓу другото и од други медиуми. Секако, во студио е многу поразлично и со своја „магија“, една скала погоре во новинарството.

ЖМ: Бидејќи телевизиската работа е многу поразлична од сите други медиуми, што беше за тебе пресудно токму телевизијата да ја одбереш како медиум во кој ќе работиш?

- Искрено, не сум имала поинакво искуство за да направам споредба. Сметам дека секој вид медиум има своја тежина, а за секој жив човек треба да има соодветен „бунар“ за информирање.

ЖМ: Јана, Михаела, Александар, Бети и Ивана се колегите и колешките со кои ротирате на емисијата „Само вистина“ и сте заедно во информативната редакција, колку со нив знаеш и приватно да се дружиш по работните обврски?

- Јана, Михаела и Александар ми се дел од најблиските луѓе и за арно и за лошо, така што знаеме често да си ја продолжиме дружбата од работа во кафеана. Јас не сум од тие што се водат по она „дружба е дружба, служба е служба“, затоа што кога имаш вистински пријатели, сосема е неважно дали тие се „од мали нозе“, од маало, од фамилија или од работа.

ЖМ: Кога би имала волшебно стапче што би променила во медиумскиот простор, што би сакала повеќе да гледаш и слушаш во медиумите?

- Повеќе музика, едукативни емисии за деца и промоција на она што го имаме, независно за која сфера се работи.

ЖМ: Кавадарци е градот од каде потекнуваш, колку често си таму?

- Вообичаено еднаш месечно. Таму ми се родителите и многу мои драги личности, кои не сакам да ги запоставам поради далечина од само 100 километри. Секој кој пораснал во помал град, знае каков поразличен начин на живот има таму, друга димензија која е убаво да се испочитува.

ЖМ: Неодамна стави потпис пред матичар, сега и официјално си со статус „омажена“. Каква е љубовната приказна на Андријана Лазова со сега веќе сопругот Марјан? Каде се запознавте, колку време сте заедно, како те побара за жена?

- Речиси три години сме заедно со Марјан. Првпат се сретнавме во кафуле на плажа во Охрид, случајно почнавме да разговараме преку една маса (во балкански стил) и оттогаш започна се. А ме побара за жена на свој начин, во домашна атмосфера на денот кога почнавме да живееме заедно, на 8 март минатата година. Нема поубаво чувство кога ќе си ја најдете другата половина која точно знае кои моменти ви се особено важни. И по вторпат да се родам, пак него ќе го изберам.

ЖМ: Со што те освои сопругот?

- Со тоа што не се трудеше да ме импресионира, туку успеа на класичен начин да ме запознае и да ја продолжиме нашата комуникација – во живо, а не преку социјални мрежи.

ЖМ: Правевте мала венчавка во црква и матично, а потоа и свадба. Имавте традиционална свадба со сите адети или помодерна?

- Ги поделивме церемониите во два дела поради една причина, да ја испочитуваме традицијата за земање невеста од куќата каде што сум пораснала со родителите. Затоа би рекла дека беше полу-традиционална свадба. Иако 10 години живеам во Скопје, јас сум „плачка“ и најемотивен дел ми беше заминувањето од дома од Кавадарци, тогаш всушност сфатив каков чекор направив во животот. Ништо не е пореално од насолзените очи на родителите кога се мажи дете.

ЖМ: Каква венчаница одбра за свеченоста?

- Со оглед на тоа што сум минималист, одбрав класична венчаница во нормална ширина и без премногу детали. Најважно од се за свадбата ми беше да имаме одлична забава со луѓето со кои се сакаме и почитуваме, нешто што мислам дека беше успешно реализирано.

ЖМ: Дали го задржа твоето, го зема на сопругот презимето или и го задржа своето и го додаде неговото?

– Го додадов, сега сум Андријана Лазова Божиновска.

Габриела Додевска Глигоровска

Фото: Приватна архива