Се разболев по смртта на татко ми: Интервју со Нора Шаќири
Нора Шаќири-Марковиќ е познато Тв лице, искусна и како телевизиски и новинар во пишан медиум. Девојка со ведар и нескротлив дух, секогаш отворена да го критикува она што не и се допаѓа, но и да го пофали она за што смета дека е добро. Нејзин последен ТВ проект е контактната емисија „Овде и сега“, а од минатата есен, работи во Министерството за култура, во кабинетот на заменик министерот Владимир Лазовски. Нора е среќно мажена за музичарот Марко Марковиќ, а центар на нејзиниот свет се петте внуци за кои вели дека и будат мајчински чувства. По загубата на татко ѝ, познатиот новинар и уредник во МРТ, Хисен Шаќири, Нора вели дека се соочила со голем проблем со тироидната жлезда, за чије лекување меѓу многуте други тема зборува во интервјуто кое го правевме во март.
Женски магазин- Кои се точно твоите обврски во Министерството за култура и како ти е во релативно новата работна средина?
Нора- Во Министерството за култура работам во кабинетот на заменик министерот за култура Владимир Лазовски, како негов асистент и односи со јавност во неговиот кабинет. Работам за човек кого го познавам долго време и како актер и приватно, и ќе кажам дека искрено не верував дека административната работа ќе ми биде забавна и динамична. Луѓето со кои поминувам повеќе од 8 часа за многу кратко време станаа дел од мојот живот, од моето секојдневие, тие луѓе таму ми се како семејство. Не ми беше тешко да се снајдам, иако тргнав токму со помислата: „Леле, како ќе се снајдам?“, но во овој момент оваа екипа со која работам не би ја менувала за ништо.
Женски магазин- Како реагираше на написите од типот: По кој основ Нора се вработи во Министерството?
Нора- Кога почнаа да се шират како вирус сите тие написи за мене дека сум дел од Министерството за култура, па дека сум дел од кабинетот на министерот, па дека сум некаков шеф на некаков сектор, јас ни оддалеку не помислував за таква работа и се прашував од каде сите тие натписи за мене и кој тоа сака да ме види таму? Толку силни рафали се испукаа што навистина помислив дека нема да останам жива. Но, некое време потоа баш тие натписи ме доведоа тука каде што сум сега. Се изначитав и се изнаслушав разно-разни конструкции на темата „Нора и Министерство за култура“, што навистина не можев да верувам колку луѓето можат да отидат далеку. Небаре Претседател на земјава станав, а можеби и треба да станам - сигурно поубаво ќе биде за сите.
Внуците ми будат мајчински чувства и тие се оние кои буквално постојано ми викаат дека едвај чекаат нивната тетка вистински да стане мајка.-Нора со брат и Денис
Женски магазин- Позната си како отворена и гласна личност, која искрено кажува што и пречи во нашето општество. Дали твојата искреност некогаш скапо те чинела?
Нора- Да, искреноста и отвореноста се дел од мојата лична карта и така и ќе остане. Јас поинаку не знам и не можам. Ме чинеше скапо искреноста и во дадени ситуации многу болеше кога бев брутално искрена, но затоа денеска сум на чисто со многу луѓе и ситуации токму поради мојата искреност.
Женски магазин- Како со запозна со твојот сопруг Марко Марковиќ, и што е она што најмногу го сакаш кај него?
Нора- Со Марко се запознавме во за мене најтешкиот период во мојот живот. Еден месец по смртта на мојот татко некако успеав да соберам сила и да се замешам меѓу луѓе и тогаш се појави тој. Ме прегрна, ми изрази сочувство за татко ми и ми рече дека ќе ме чува засекогаш. Не знам како, ниту пак од каде се појави, ама кога ме прегрна знаев дека Марко е тој. Кај Марко сакам буквално СЕ, и тогаш кога ме вади од такт јас бескрајно го сакам. Марко е прекрасен лик, миленик на моите пријатели, Марко го сакаат сите затоа што е навистина многу добар човек. Обожавам кога го слушам како пее поготово кога сум кај него на свирка, и кога ќе отпее нешто за мене.
Ме прегрна и ми рече дека ќе ме чува засекогаш. Не знам како, ниту пак од каде се појави, ама кога ме прегрна знаев дека Марко е тој. - Нора со сопругот
Женски магазин- Нашиот народ знае да полн со предрасуди. Дали размислуваше за комшиските, сеирџиски коментари кога реши дека животот ќе го поминеш со човек од друга националност и вера?
Нора- За жал, предрасудите се дел од нашето секојдневие, јас научив да живеам со истите. Во текот на досегашниот живот многу предрасуди беа фрлени врз мене од тоа дека сум Албанка, дека сум муслиманка, дека сум јавна личност, па се до моментот дека се омажив за човек од друга националност и вера. Многумина мислеа дека со невкусни коментари можат да ни ја згазат љубовта и врската со Марко. Но, се случи токму она што мене ми е девиза во животот „ОНА ШТО НЕ МОЖЕ ДА ТЕ СКРШИ ЌЕ ТЕ НАПРАВИ ПОСИЛЕН“. Јас и Марко победивме и покажавме што значи вистинска љубов, почит еден кон друг, почит кон семејството и кон пријателите.
Женски магазин- Да ја имаш таа моќ, што би сменила во нашето живеење и во нашиот пристап кон нештата?
Нора- Јас сум родена да ги менувам нештата. Ако ми се даде шанса, а верувам дека ќе ја добијам, на дело ќе покажам што можам да сменам во ова општество, иако до сега во многу наврати сум покажала дека сакам и ги менувам нештата.
Јас и моите браќа многу работи наследивме од нашиот татко, но она што засекогаш ќе го носиме е чесноста, искреноста, пожртвуваноста за семејството и професионалноста.- Нора со брат и, музичарот Бени Шаќири
Женски магазин- На Фејсбук објави статус дека страдаш од проблеми со тироидната жлезда, а како причина го наведе стресот, стравот и загубата. Како си сега, како се лекуваш, и кој е најголемиот стрес кој си го доживеала?
Нора- Точно, веќе неколку години имам проблем со тироидната жлезда- хашимото синдром. Се претпоставува дека чинителот за оваа моја состојба е преголемиот стрес, оној момент кога татко ми го лустрираа, и човекот почина за 4 месеци. Тој стрес што го доживеав ме изеде буквално, и ми ја накалеми оваа болест со која ми беше многу тешко да се справам. Но, благодарение на онаа црта од мојот карактер, ИСКРЕНОСТА и зборувањето отворено за овој проблем, јас си навлеков убави луѓе кои ми помогнаа полесно да ја прифатам состојбата и ме упатија на пат кој за мене значи огромно подобрување на здравствената состојба. Пијам стандардна терапија, но она што многу ми помогна е АЈУРВЕДА. Ајурведата е најстариот медицински систем кој живее од дамнешни времиња во светот. Ајурведата потекнува од пред 5000 години и нуди севкупен здрав живот. По консултација со Др Викрам Чаухан и експертот Каролина Кичевска јас повторно функционирам онака како што треба човек да функционира со здрава тироидна жлезда. Од тука сакам да им порачам на сите оние кои имаат проблем со тироидната жлезда, пред сѐ да го минимизираат стресот и да се посветат на овој систем на лекување кој јас го практикувам. На сето тоа додавам драги камења кои за мене ги прави Алекстра и со истите ја подобрувам функцијата на тироидната жлезда. Сега живеам спокојно.
Неколку години имам проблем со тироидната жлезда. Се претпоставува дека чинителот за оваа моја состојба е преголемиот стрес, оној момент кога татко ми го лустрираа, и човекот почина за 4 месеци.
Женски магазин- Која е најважната работа која ти и твоите браќа ја научивте од вашиот покоен татко и кои ти се најдрагите спомени на него?
Нора- Споменот за мојот херој -мојот татко никогаш нема да исчезне. Јас и моите браќа Бени и Денис многу работи наследивме од него, но она што засекогаш ќе го носиме е чесноста, искреноста, пожртвуваноста за семејството и професионалноста. Доживотно ќе му бидеме благодарни за ова. Хисен е нашиот херој, а ние негови наследници.
Женски магазин- Дали твоите внуци ти будат мајчински чувства и се гледаш ли во скоро време како мајка?
Нора- Ах, моите внуци се мојот центар на свет. Таа петорка ме опчинува, ме разгалува, ме разоружува. Бескрајно ги сакам и буквално се би направила за нив. Секако дека ми будат мајчински чувства и тие се оние кои буквално постојано ми викаат дека едвај чекаат нивната тетка вистински да стане мајка. Се надевам дека скоро и тоа ќе се случи, тоа е мојата најголема желба.
Женски магазин-Каква е Нора како тетка, сопруга, сестра, ќерка, пријателка?
Нора- За тоа каква сум како ќерка, сестра, тетка, пријателка, сопруга треба да кажат оние на кои сум им сево ова.со сигурност знам дека сум НАЈДОБРА И НАЈСАКАНА ТЕТКА на Сам, Анук, Иса, Мик и Бен.
Женски магазин-Ти недостига ли работата на телевизија?
Нора - Телевизијата е моја прва љубов. Бескрајно ми фали работата во телевизија и да бидам искрена, сега да добијам понуда веднаш без двоумење би ја прифатила. Телевизијата е магија која опива постојано, од телевизијата никој не се излечил, остануваш зависник засекогаш.
Милица Џаровска