Се слушнавме пред пет дена, ми рече „умирам мој Нино“- Величковски тагува за својата колешка и пријателка Мерима Његомир

Добивај вести на Viber

Големо пријателство и одлична соработка ги врзува двете пејачки легенди, Нино Величковски и Мерима Његомир. Последен пат се виделе пред една година, планирале и заеднички дует кој ќе го отпеат на валандовскиот фестивал. 

-Ми се јави во август да ми каже дека е болна. И реков да ми ги испрати медицинските наоди. Му ги дадов на нашиот познат доктор Мики Ристевски, кој констатираше дека станувазбор за многу тешко заболување. Мерима имаше рак на панкреас. Пред еден месец и испратив лекови против болки кои ги купив во Македонија, преку заеднички пријател кој и ги достави во домот во Белград. Последен пат се слушнавме пред пет дена. Иако имаше болки и збегнуваше разговори, со мене зборуваше. Во еден миг ми рече „умирам мој Нино“. Во мој стил почнав да ја тешам. И реков дека надежта последна умира. Да се држи и да биде храбра – низ солзи ни изјави Величковски.

Нивното пријателство датира од 1987 година кога првпат се запознале на босанскиот фестивал Илиџа. Во 2008 година победија на „Валандово“ со дует темата „Ние двајца . Песната доби и српска верзија.

-Многу ми е жал,бевме многу блиски и приватно. Таа беше вистинска дама за почит. Прекрасна личност. Пред една година се дружевме во Нови Сад. Беше гостинка и на одбележувањето на манифестацијата „Пет века Куманово“ на која отпеа две песни. Една од нив беше „Зајдо, зајди“. Ја обожаваше македонската песна, бидејќи татко и е роден во Охрид. За мене таа е најдобриот вокал на овие простори. Нејзиниот распон беше од Бах до севдах. Фантастично пееше босански севдалинки, но и руски икинески песни – открива пејачот.

Заедничка желба им била повторно да пеат во дует на валандовскиот фестивал.

-Песната е готова и се вика „ Сами се казнивме“. И ја пуштив и многу и се допадна. Се радувавме на нашата нова соработка. Но, животот е непредвидлив. Многу, многу ми е жал. Ќе ми недостасува и како пејачка и како пријателка – вели Нино.

(С.А.Н)