Се срамам: Ѕвездата од „Очајни домаќинки“ призна вина, се соочува со 20 години затвор
Холивудската актерка Фелисити Хофман и уште 12 други лица ќе признаат вина за подмитување, јавува „Си Ен Ен“ повикувајќи се на федералното обвинителство во Бостон. Вина ќе признае и тенискиот тренер Мајк Сентер, уште еден голем „играч“ во аферата со подмитување на луѓе од центрите за тестирање кои на богатите родители им помагале нивните деца да се запишат на најелитните училишта во САД.
Шемата ја разработил Вилијам Сингер, основач на фирмата Edge College & Career Network со седиште во Њупорт Бич, Калифорнија, а актерката Хофман е на врвот од списокот со 50 луѓе кои подмитувале тренери на колеџи и лица задолжени за тестовите SAT. Според обвинението, Фелисити уплатила 15.000 долари на лажна хуманитарна организација поврзана со Сингер за лажирање на тестовите на својата ќерка.
Шемата ја разработил Вилијам Сингер„Си Ен Ен“ информира дека на актерката која беше номинирана за „оскар“ ѝ се заканува затворска казна од 20 години, но и дека поради признавањето вина, сојузните обвинители ќе препорачаат што е можно пониска затворска казна, парична казна од 20.000 долари и 12 месеци условна казна.
Во соопштението за јавноста, актерката навела дека комплетно ја признава вината и дека е подготвена да се соочи со последиците. АП нагласува дека ова е прв јавен коментар на Хофман од нејзиното приведување минатиот месец.
- Се срамам поради болката која ѝ ја нанесов на ќерка ми, на семејството, пријателите, колегите и на образовната заедница воопшто. Сакам на сите да им се извинам, а посебно на оние ученици кои секој ден напорно работат за да се запишат на универзитетите и на нивните родители кои навистина се жртвуваат за искрена поддршка на нивните деца - изјави Хофман.