Секое лошо за арно е

Добивај вести на Viber


Во Македонија сите знаат сè. И како се прави ова и како се лекува она. И како птиците летаат и каде ли ќе слетаат. И како цвеќињата цветаат и кога ќе прецветаат. И во секоја професија, може да го критикуваат и најголемиот професионалец со назнака дека тие можат подобро, имаат решение за секој проблем, тие знаат кога треба и како треба, иако реално ни теза не поставиле, ни испитување не создале, а богами и алтернативи не понудиле. Но, фрлаат зборови, агресивно и моќно, да печат кога ќе погодат, без разлика што најчесто тие се навредливи и немаат никава корелација со она на што се однесуваат.

Во Македонија имам впечаток дека сите патиме од докажување дека сме најпаметни, дека ние знаеме сè, дека ако ние бевме таму, ќе го имавме решението во рака… Па, ако беше така земјава ќе беше економски џин, супер ѕвезда во светски рамки. Ќе можевме да купуваме што сакаме, да одмараме каде сакаме и кога сакаме, иновациите ќе не пресретнува од секое ќоше. Наместо тоа, во реалноста, ние преку телефони собираме пари за лекување, скоро на секој контејнер наоѓате лице кое пребарува остатоци од храна, луѓето одбираат да не работат за 12 илјади, подобро ќе земат социјална помош од 2000 денари или ќе питаат.

Од дома сите како воајери, најлесно е да мериме тактики и да бидеме најдобри. На Фејсбук и останатите социјални мрежи, секако може да се правиме најмудри. Но, не треба да заборавиме дека и категоријата „најдобро“ е релативна. Секој од нас е индивидуален примерок од човечкиот род, кој по законите на природата е ограничен, па дури и да го дава сопствениот максимум. Токму и затоа чудна е борбата со која сите ние се нафрламе едни на други како изгладнети лавови. Секој од нас е човек. Човек кој се бори во животот, понекогаш храбро, понекогаш бега само за да ја спаси главата, можеби затоа што стравот ќе го совлада.

Сите ние прифаќајќи ја битката за совршенство, влегуваме во некој филмска арена. Таму пак, некоја чудна нереална сила не турка напред, ни го подгрева адреналинот да не води до полудување во трката во која за да победиме, подготвени сме да жртвуваме сè. Во трката да трчаме најбрзо, често забораваме да погледнеме кого газиме, а и кој не гази. Не охрабрува и води системот кој се темели на манипулации, па така разединети, се лактаме едни со други, трубиме дека ние сме најдобри, се радуваме тогаш кога другиот тагува. Нашите апетити растат, а порциите се намалуваат. И, која е цената? И без победа може да живееме, но без воздух не можеме. Секој од нас има право на избор и желби. Факт е дека сите ние еднаш си заминуваме од овој свет. Смртта не може да ја избегнеме. Но, може да го живееме животот како посреќни луѓе.

Често забележувам дека излудени од политиките, уморно го минуваме животот. Не се радуваме на обични нешта. Не ги забележуваме работите кои минуваат крај нас. А тие се случуваат сега. Утре само ќе забележиме дека завршиле. Времето не може да се врати. Она што се случило веќе е во минатото.

Денес е нов ден. Ако сакаме да градиме убава иднина, ќе мора да ја понесеме поуката која ја добивме вчера, од изгубената шанса, од пропуштената можност, од нереализираната желба. На крај животот не трае вечно. Затоа и треба да се живее. Не за другите. За нас самите. Во него, најблиските се најголемото богатство. За нив вреди да прифатите жртви, но и да прифатите поуки од грешките. Некогаш нема да бидат по ваша волја. Но, ако носат верба за подобро утре, сигурно ќе имаат вредност, ако не за вас, тогаш за вашите деца. Секое лошо за арно е, иако тешко е човек да верува кога тоа реално му се случува. И да, вие може да бидете одговорни, но само за вашиот живот и постапките во него. Не судете за другите. Не знаете на што точно се темели нивната одлука. Не знаете што придонело за нивниот избор и однесување. Можеби и вие доколку бевте на нивно место, ќе го направевте идентично нивниот избор. Од страна, сè изгледа полесно. Но, ги немаме сите факти на располагање. Токму поради тоа, живејте, наместо да судите. Поддржете наместо да оценувате. Бидете конструктивни наместо критично деструктивни. Или поедноставно, пробајте ја тишината. И со неа се испраќа порака. Понекогаш помоќна и од најсилните зборови.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска