Секој ден после школо ќе ве тепам и тебе и жена ти

Добивај вести на Viber

Два месеца откако стана прваче, забележавме дека нашиот син има проблем со видот. По препорака на очниот лекар мораше да го затвори едното око со фластер, за да го активира, народски кажано „мрзливото око“. Ги известив наставничките, а потоа ги замолив да им се обратам и на неговите школски другарчиња.

- Знам дека сте многу добри и паметни. Ве молам да му помогнете на вашето другарче. Да внимавате на фластерот на окото, да не го допирате, мора да остане чист. Исто како и другото око– им реков со милозлив глас.

Истиот ден кога син ми го зедов од училиште, забележав дека фластерот му е воден. Објаснувањето беше дека едно школско другарче го испрскало со вода во очите. Си реков, првачиња, можеби биле заедно во тоалет и случајно додека ги миеле рачињата, ненамерно го испрскал со вода. Не навлегов во подетално испрашување.

Следниот ден фластерот му  беше извалкан од прашина. Ми рече дека истото другарче му фрлило песок во очите, додека си играле во дворот на големиот одмор. Се вратив во училницата и наидов на детето и мајката.

„Мило, те молам биди внимателно додека си играш со син ми. Носи фластер на едното око и не може добро да гледа“ - го потенцирав повторно проблемот во присуство на неговата мајка, која додека зборував беше свртена со грб и со своето тело го покриваше детето. Не ми обрна внимание. Ниту покажа емпатија. Знам дека секој родител различно реагира. Се потпрев на претпоставката дека ќе зборува со детето дома.

Фидбекот од тој разговор беше следен. Утредента мајката дошла во училиште и на сите деца им рекла: „Ако го вознемирувате син ми, ќе ви врати.“ Нешто во стилот „не удирај прв, ама ако те удрат - тепај“. Правило кое никогаш не сме го употребувале како родители.

Тој ден фластерот беше зелен. Истото дете откорнало трева, го фатил син ми и од зад грб му ја навалил главата. А потоа му го триел фластерот со тревата. Го прашав син ми (од мал до денес е исклучително мирољубива личност) дали настанала караница меѓу нив. Ми одговори со плачлив глас: „Ништо не му правам мамо, ништо.“ 

Да не го слушнев предупредувањето на мајката, ќе помислев дека таа постапка на детето е од револт што го карале или советувале дома, па му одзеле дел од времето за игра. Но, ова беше нешто сосема друго.

Веќе го знаев одговорот на прашањето дали проблематичните деца се „диплома“ на неуспешното родителство, a останатите „лакмус хартија“ на атмосферата во топлиот семеен дом. Понесена од болката за моменталната состојба на син ми, го оставив во холот и се упатив кон автомобилот на таткото на другарчето. Лупнав со ногата во предната врата и со гестикулација му покажав да го отвори прозорецот. Потоа, тивко му реков:

„Секој ден после школо ќе ве тепам и тебе и жена ти. А зошто, ќе ти каже таа“.

Знаев дека син ми во текот на школувањето без разлика кое одделение ќе биде, секогаш ќе се соочува со проблеми и тешкотии во контактот со другарите. Затоа е добро да научи сам како да се носи со такви проблеми. 

Знаев дека овој мој потег е некултурен, произлезе од срцето, а не од умот и е за осуда. Но, не стануваше збор за тепачка или провокација на две мали дечиња, кои се уште не се адаптирале на новата средина. Не помогнаа ниту моите молби, ниту опомените од наставничките.

По мојата закана фластерот беше секој ден чист. Таткото не се уплаши од мене, но ја препозна болката.

Од тој ден, се до завршувањето на основното училиште го оставив син ми сам да се бори и да „гори“ во минливите детски кавги. Се случуваше, родителите да си размениме „лути стрели“ но, во граници на пристојно однесување и со решение за проблемот. Најважно ми беше што моето дете беше среќно во училиште.  Со мајките на дел од школските другарчиња и денес сум во пријателски контакт. Мајката на другарчето секогаш ја поздравував кога ќе ја сретнев на родителските средби и ја вклучував во комуникација. Почна да ми зборува после неколку години.

Драги мои родители на првачиња. Поаѓањето во прво одделение претставува многу важен момент и за вас и за вашите деца. Но,  училиштето не се само книги, моливи, боици, тетратки. Ќе научат да пишуваат, да собираат бројки, да цртаат. Постојат вредности кои таму не се учат. А нив децата ќе ги стекнат дома и ќе ги „донесат“ во училиште. 

Прво правило - од вас зависи дали тие вредности ќе ја збогатат атмосферата во училница со љубов, емпатија и смеа. Или обратно.

Во контекст на случката сигурно ќе прашате: „А, што правеа наставничките?“

Има една изрека. За детето мајката е најубава, таткото е херој, а учителката најпаметна. За мојот син од првиот ден до последниот, неговите наставнички Анета Георгиевска и Снежана Симовска беа и најдобри. Истиот епитет им го даде и на наставниците од подоцнежните одделенија кои предаваа во ОУ „Христијан Тодоровски – Карпош“. Без разлика дали ќе го укорат или ќе му стават помала оценка.

Второ правило - никогаш да не ја озборувате наставничката пред вашето дете. Таа треба да биде авторитет. Секако, ако не ги исполнува стандардите на својата професија ќе реагирате на повисоки истанци.

Останатите правила ги препуштам на стручните лица од оваа област.

Со среќа! 


Соња Алексоска Неделковска