Секоја песна, посебен филм: Богат кабаре концерт на Мијата

Добивај вести на Viber

Богат кабаре-акустичен  концерт кој ја разнежи публиката, одржа канатвторката Мијата, вечерва во Македонската Филхармонија.

„Јаболки и круши за уметнички души“ е оригинално наречено ова нејзино музичко и драмско патување. На репертоарот беа песните од албумот „Небеска“ и понови хитови. „Волшепства“, „Постојам“ која и е посветена на Македонија, „Нема да помине“, која на „Макфест“ во 2006 година ја испеа за својот покоен татко, а вечерва со посебни емоции, потоа „Домаќинска“, песна која совршено се вклопи во овој кабаре концепт. 

Имаше и една руска романса и француска шансона, мигови кои ѝ дадоа посебен шмек на вечерта. 

Убавината на настанот е што гледавме ретко квалитетен, комплетен уметнички настап, а не само класичен концерт. Мијата освен што врвно пее, глуми, и речиси за секоја нова песна се пресоблеблекува во нова креација. Секоја песна беше филм сам за себе, а сепак сите заедно совршено вклопени во една целина. Интимната атмосфера во малата филхармониска сала се „наруши“ на крајот, кога задоволната публика стана и заедно со Мијата го испеа нејзиниот најголем хит „Верувам во себе“.

Вреди да се спомене дека вечерта ја збогатија рецитациите на сестра ѝ, актерката Јелена Мијатовиќ, глумата и пантомимата на нејзиниот партнер на сцената, Мето Јанакиевски, придужните вокали на Ангела Здравковска и бендот кој ја следеше. Режисер на оваа светска претстава која треба да се повтори е Војо Цветановски.   

Милица Џаровска