Грижата за здравјето е најголемата обврска на секој од нас. Честопати знаеме да се ставиме себеси не само во втор план, туку да ни е (ама буквално) сé поважно од нашето физичко и ментално здравје. Се вадиме на обврски, немање време, “ај од следен понеделник ќе си посветам повеќе време на себе” и никако да дојде моментот кога ни е празна агендата за да се свртиме кон себе. Се тешиме дека лошите работи им се случуваат само на другите, си приредуваме непотребни стресови кои се како јагода на шлагот на сите други стресови кои не можеме да ги контролираме и некако како да оставаме на среќата дека нам нема ништо да ни се случи. А се случува и тоа наеднаш и без никакво предупредување. И кога ќе ни се погоди да нé стрефи некоја болест, се свестуваме и си даваме ветување дека “од сега натаму ќе биде поинаку”. Ахам, да! До моментот кога ќе ни е пак арно и кога пак ќе се заборавиме, пливајќи во морето кое се вика секојдневие. И ако има болести кои не можеме никако да ги спречиме, има и такви кои се појавуваат токму како резултат на нашата негрижа кон себе.
Пред некој ден една моја блиска пријателка ми праќа податок дека само оваа година имаме 51 потврдени случаи на заболени од ХИВ (48 мажи и 3 жени), дека 5 лица починале од СИДА, додека 687 луѓе живеат со ХИВ вирусот. Она што ме запрепасти беше дека од новопотврдените случаи на заболени, сите се млади луѓе на возраст од 20 до 39 години. И пред да почнеме да се натегаме и апсолутно да не се согласиме со заблудата и предрасудата дека сидата е болест на хомосексуалците, да расчистиме една многу поважна работа од шпекулации кои се скроз неточни а тоа е следното...најважната работа е дека од потврдените случаи на ХИВ заболени, сите се заразени преку сексуален контакт. Тоа отвора едно многу суштинско прашање кое е поврзано со едукација на младите за ширење на сидата меѓу нив, но и за заштита од несакана бременост и сексуално преносливи болести. Како мајка, ова ме избезуми. Како човек, ме фрапираше колку сме небрежни.
Факт е дека имам дете кое наполни 18 години и дека е прашање на време кога ќе започне да биде сексуално активна. Во мое време, беше срамота да се зборува со родителите за сексот и за заштита. Не знам зошто беше тоа така, дали воспитувањето ни беше такво, дали постоеше некоја општа/колективна потсвест дека за тоа не се зборува јавно, дали нашите родители си го носеле вкоренетото воспитување од нивните родители кои биле покрути за сите работи, навистина не можам да кажам. Но од она што сум го собрала попатно како искуство, што од аспект како треба, што од аспект како не треба, за сексот се зборува многу отворено уште кога се децата помали. Ако за нешто сум горда на себе како родител е дека немало дома табу теми или објаснување од типот “пчелата и цветот” или “штркот ги носи децата”. Тоа ми донело благодет за детето да има сознание дека не треба да се информира за важни работи од “рекла-казала”, туку да разговара со мене за сé што ја интересира. Ако се свртам наназад, знам со сигурност дека устата ми има фатено пена од повторување работи кои сум ги сметала за клучни како да си го пази и сочува здравјето.
Сексот е работа за која треба да се зборува јасно и гласно. Сексот е работа која бара едукација навреме, а не отпосле кога може да биде проблем наместо уживање. Ако побарате информации само за прекин на бременост (абортус), ќе најдете податок дека има сé повеќе малолетнички кои абортираат, а исто и ќе најдете податок дека годинава 13 годишно девојче се породило на ГАК. Дете родило дете! Информациите се и дека сите прекинати бремености кај малолетничките се заради некористење на контрацептивни средства. Апсолутно сум за тоа дека секоја жена има право да прекине бременост, од објективни или субјективни причини но страшни се податоците дека деца кои сé уште не се ни доразвиени, имаат таква траума оти абортусот е траума и за душата и за телото. Нема да полемизирам за абортусот како тема (зборувам за жени кои свесно одлучуваат за тоа), затоа што знам дека многумина ќе почнат со тоа дека е тоа убиство, па ќе фатиме да се расправаме за религијата и колку таа оправдува абортус или не и нема да се сложиме. Знам само една работа, а тоа е дека нема ништо свето, ниту убаво во тоа да се донесе дете на свет а да не е сакано или посакувано. Оти децата чувствуваат дали се сакани и дали се дар или товар. Тоа е веќе убивање на психата на детето кое е непростива работа и која со себе носи невидено бреме, фрустрации и страотни последици.
Е сега, има уште еден феномен кој е многу познат, а тоа е дека честопати мажите се со идејата и убедувањето дека презервативите се непотребни за време на сексот. Демек, не било исто чувството, не можеле да постигнат ерекција, не им било убаво и низа други аргументи кои не држат вода. Ветувањата дека немале многу партнерки, дека ќе внимаваат, дека ејакулацијата нема да биде во жената се гола вода и никако и никогаш да не се потпирате на нив. Ваша работа е да се заштитите себе, а не да го оставите тоа во туѓи раце. Тоа е исто како да возите автомобил и да не внимавате, со мисла дека тоа ќе го сторат другите возачи па нема да настрадате. Не! Вашиот живот е во ваши раце, не ги испуштајте уздите. И најмногу ме нервира што токму тие машки егземплари кои не сакаат презервативи, се најгласни против абортусот кој можеби и можел да се спречи доколку била користена контрацепција. И да сме на чисто, можеби сте имале само една партнерка со која не сте користеле заштита, што не значи дека не сте собрале попатно некоја пренослива болест. А сексуално преносливите болести знаат да живеат во телото долго време и без симптоми, а да направат огромни проблеми кои не ретко се и со стерилитет како последица.
Едукацијата за ХИВ/СИДА, несакана бременост и заштита од сексуално преносливи болести мора да постои кај младите. Кога ќе ми текне за какви глупости политичариве фрлаат пари за сметка на она што е навистина важно, ми се крева коса на глава. Мора да постои начин како да се подигне свеста за овој проблем. Предавања по училиштата, флаери, брошури, разговор и само разговор. Не се пика под килим нешто што може утре да ги чини живот или здравје. Башка, кај што ќе им се искомплицира животот од болести, уште и ќе се соочуваат со покажување со прст, озборување и осуда. А секому може да се случи, дури и нам повозрасните. Старите имаат еден муабет кој вели дека здравјето се чува најмногу кога си здрав, кога можеш да превенираш, кога можеш да сториш нешто. После, сé е џабе и непотребно туфкање.
Кршење на табуата за одредени теми е потребно и неопходно. Колку и да ви е незгодно, разговарајте со децата за сексот. Надминете ги вашите предрасуди и не спијте на тоа уво дека треба да знаат што прават кога ќе наполнат 18 години. Не знаат, многу работи и ние не знаеме. На 18 само мислиме дека сме бесмртни и дека никој ништо не ни може. Не дозволувајте да си навлечат проблеми на глава оти вам ви било безвезе да начнете некои теми. Објаснете им дека оној кој навистина ќе ги сака и почитува нема никогаш да им рече дека заштита во сексот не е потребна. Нека не паѓаат на евтини финти дека толку се сакани и посакувани што кондомите само ќе пречат. Натерајте ги да изгледаат едукативни видеа за тоа што се случува ако не се внимателни. Кажете им дека не е срамота, ниту е знак на немање доверба ако побараат од партнерот пусулче дека нема ХИВ или некоја болест која може да им ја пренесе. Од срамотни работи издвојувам лажење, крадење и правење зло на другите. Правете го тоа што сте го правеле кога сте им повторувале дека треба неколкупати да гледаат лево и десно кога минуваат улица, дека не смеат да влегуваат во автомобили на непознати, дека не смеат да земаат пијачки од рандом ликови кои можат сешто да им стават внатре. Бидете им дури и досадни, еден ден ќе ви бидат благодарни за тоа.
Вчера беше 1-ви декември, светски ден за заштита од ХИВ/СИДА. Некои денови треба да бидат поттик за да станат секојдневие. Водете сметка за себе, водете сметка за тоа да им всадите на децата навика да водат сметка за себе.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Сé можеш да имаш
Азно неброено
Моќ невидена
Слава од која умот ти се врти
Куќа која како замок е
Руба како од бајките
Накит од кој ноќта како ден свети
Скап автомобил
И џеб длабок како бунар
Ама здравје ако немаш
Ете тогаш сé џабе ти е
И џабе е ако треба
Секој алтан за иљач да го дадеш
А некојпат иљач не се наоѓа
Сé можеш да имаш
И од ништо страден да не си
Трпеза полна
Вино како нектар
Послани дарови на постела
Свила на телото
Злато на рацете
Ама пусто
Здравјето ако попатно го изгубиш
Исто е како просјак да си
Оти имаш ама немаш
И на денот не му се радуваш
Оти броен ти е
И како одминува радост не гледаш
Оти знаеш дека е чекор поблиску
Од онаму од каде никој не се вратил
Та некојпат и ќе колнеш
Сета пара ќе ти се одмили
И азното товар ќе ти биде
На ништо не ќе ти светне окото
И од ништо душата спокој не ќе ти види
Оти чоек сé може да има
Ама еднаш ли снагата ако му попушти
Сé јабана оди
Оти ништо полошо нема
Од тоа кога не те крепат нозете
И кога знаеш оти во длабокото одиш
И тогаш сите имања, немање се
И чарето ќе го бараш
Под дрво и камен ќе копаш
За да ти се врати руменилото на образите
И пак свој да си
Пак да си оној стариот
Кога смеата во грло ти гргорела
И стисокот на дланките силен ти бил
Оти чоек сé може да има
Ама сиромав ќе е без здравје
Полојна чоек
Ни ваму ни таму
Ни за некаде ни за никаде
А за себе најмалку арен