Шпаркасе Банка преку платформата „Sparkasse Life“ ги поддржа најмалите банкари на првиот училиштен ден
На 1 септември – првиот училиштен ден – Шпаркасе Банка во согласност со својата корпоративна стратегија за општествена одговорност и грижа за вработените, а во рамките на платформата „Sparkasse Life“, им пружи поддршка на своите вработени, родители на првачиња, како и на нивните дечиња што денес за првпат ќе седнат во училишните клупи со многу емоции и радост.
За сите вработени од Шпаркасе Банка кои се родители на првачиња, обезбеден е слободен ден, односно право на платено отсуство од еден работен ден за првиот училиштен ден на своето дете, со цел вработените максимално да го искористат денот и да ги испратат своите деца првачиња на првиот училиштен час.
Дополнително, на сите деца на вработени од Банката кои се првачиња оваа учебна 2022/2023 година, како подарок ќе им бидат отворени депозити од типот Детско штедење, на кои Банката ќе депонира определен износ. На овој начин, Шпаркасе Банка сака да го поддржи патот кон напредокот на своите најмали банкари, но и да го даде својот придонес во стекнување добри финансиски навики за штедење уште од најмали нозе за овие дечиња, кои се иднината на нашата земја.
„Ја вреднуваме емотивната страна на работата и се трудиме да развиеме силен тимски дух, однос на доверба и пријателство, бидејќи веруваме дека тоа е она што ги прави луѓето посветени. Во нашата корпоративна политика многу значајно место заземаат настани и активности наменети за добросостојбата на вработените, како овој слободен ден кој е платен и кој му следува на секој родител на прваче, а преку симболичните подароци сакаме да ги мотивираме и да ги поттикнеме нашите најмали банкари уште од првиот училиштен ден да го дадат својот максимум, да го искористат својот потенцијал и со ентузијазам да почнат да чекорат по едукативниот пат. Наша цел е корпоративна култура со вредности во кои сите ќе веруваат и ќе ги живеат секојдневно и навистина сме среќни што во голема мера тоа и го постигнуваме“, изјави Билјана Санев, директорка на Дирекцијата за човечки ресурси во Шпаркасе Банка.
Под платформата „Sparkasse Life“, но и во рамките на пошироката регионална кампања „Верувај во себе“, Шпаркасе Банка се труди силно да ја пренесе пораката до сите да веруваат во себе и да се надградуваат и да ја движат заедницата напред. Токму затоа, преку платформата Шпаркасе Life во која се содржани сегменти од различни области на живеењето, Банката пружа долгорочно партнерство и силна поддршка на целокупната заедница во која дејствува.
Шпаркасе Банка ги охрабрува сите да бидат мотивирани и секогаш да трагаат по нешто подобро за себе, да бараат додадена вредност и квалитетна услуга и секогаш мудро да ги одбираат следните чекори. Да веруваат во себе зашто имаат банка што верува во нив.