Велигденскиот пост почнува од денес: Еве зошто е убаво да се воздржуваме од мрсна храна и што всушност значи постот

Добивај вести на Viber


Уште во првите времиња, Бог им заповедал на Адам и на Ева да јадат од сите дрва, освен од едно – дрвото на познанието. Значи им заповеда да постат и да не јадат од тоа дрво сè додека преку тој подвиг не станат зрели за да можат да ги вкусат плодовите. Меѓутоа, Адам и Ева, по наговор на ѓаволот, ја искористија својата слобода за да ја прекршат заповедта Божја и застранија од патот кон совршенството, та за нив стана невозможно да стигнат до бесмртноста и до обожението за кое беа создадени.

Од тогаш, постот се смета за главно средство за борба против лукавиот и против сопствените слабости. Христос го нагласи значењето на постот, велејќи: „овој род со ништо не се истерува освен со пост и молитва.“

Да не заборавиме дека заедно со постот од храна треба да се грижиме и за постот од страстите. Светите Отци, се истакнува дека постот е целосен само доколку истовремено се трудиме и за двете работа: постот од храна и постот од страстите.

Светиот Василиј Велики за постот вели: „Не ја ограничувај добрината на постот само на воздржување во исхраната. Затоа што вистинскиот пост подразбира да не правиш ништо неправедно, да ги одврзеш врските на неправдата. Простете му на вашиот ближен за злото што ви го направи и заборавете го она што ви го должи. Вашиот пост да биде чист, без осудување и без расправии. Не може да не јадеш месо, а да го јадеш брата си. Да не пиеш вино, а да си полн со неправда. Ниту еден совет не може толку допре до душата на алчниот, колку средбата со воздржанието.“

Преподобниот Илија вели: „Некои внимаваат каква храна ќе внесат во себе, а се немарни за тоа какви зборови ќе изнесат од себе. Немаат научено да го изгонат гневот од своите срца и страстите од своето тело – како што вели проповедникот. Но, само на таков начин се соѕидува чисто срце кое Светиот Дух го обновува.“ 

Како да постите?

Според видот на храната што се јаде, постојат четири вида на пост кој според вас ќе го одреди вашиот духовен отец или свештеникот:

  1. Воздржување од јадење месо – ова се случува само во месопусната седмица, пред почетокот на Великиот пост.
  2. Воздржување од јадење месо и сите други видови храна од животинско потекло: млеко, млечни производи, јајца. Овој вид на пост се нарекува „пост на масло“, бидејќи се дозволува употреба на растително масло во храната, како и умереното конзумирање на вино и друг вид алкохол.
  3. Пост на риба – тоа е пост на масло, но се јаде и риба.
  4. Строг пост: воздржување од јадење не само на месо и храна од животинско потекло, туку и на употребата на масло во приготвувањето на храната. Кога е строг пост не се конзумира алкохол.

Додека еднодневните пости се се постат два дена во годината - секоја среда и петок во годината.

Во петок постиме затоа што на тој ден беше распнат Господ Исус Христос. Со постот во тој ден и ние го распнуваме злото во себе за да се смилува Господ на нас недостојните, како што се смилува на разбојникот распнат до него.

Во среда постиме затоа што се сеќаваме дека на тој ден еден од Неговите пријатели Го предаде во среда.  И нам кои сме исто така негови пријатели, доколку сме невнимателни и не се подвизуваме, може да ни се случи да Го предадеме.

Еднодневни пости се и следниве денови - Водокрст, Отсекување на главата на Свети Јован Крстител, ВОздвижение на Чесниот Крст, и Велика сабота.

Повеќедневни пости се:

Великата Четиресетница (Великиот Пост), кој почнува на чист понеделник, по денот на Прочка, а завршува во неделата на Воскресението Христово – Велигден. 

Божиќниот пост, кој почнува на 15 ноември (по стар стил), односно 28 ноември по нов календар, а завршува на денот Божиќ – Рождество Христово. 

Апостолскиот пост – почнува во понеделникот, по неделата на сите светители, и трае до денот на светите апостоли Петар и Павле. 

Богородичниот пост, кој почнува на 1 / 14 август, а завршува на 15 / 28 август, на денот на Успението Богородично. 

Во одредени периоди на годината, Црквата предвидува да не се држи пост, и тогаш и во среда и петок не се пости. Тоа се следниве периоди:

Од Божик до Богојавление, со исклучок на Водокрст, денот пред Богојавление, Светлата Седмица, односно седмицата по Велигден, Духовденската Седмица, односно седмицата од Духовден до неделата на сите светители, Во неделата на митарот и фарисејот, третата недела пред почетокот на Великиот Пост, Во сирната седмица, односно седмицата пред почетокот на Великиот Пост.


Извор: денови.мк