Што носиш во себе, тоа гледаш околу себе

Добивај вести на Viber

Кога бев бремена, мислев дека по улици шетаат само бремени жени. Дури, едно време бев убедена дека значително е пораснат бројот на трудниците во тој период. Се разбира дека не бев во право и дека не беше така. Но, тогаш сите сензори ми беа насочени кон бебиња и големи стомаци, па некако како да ми беа антените наострени баш да ги приметувам жените кои чекаа принова. Откако се породив, како да ми се смали бројот на бремени жени на сметка на младите мајки (изразов е повеќе во смисла на новопечени) кои туркаа колички во парк. Кога се исфарбав џиш црвена, чинам дека само црвенокоси шетаа околу, па после ги приметував само оние со кратки коси...па бринетите. Сфатив дека во одредени периоди од животот сум била фокусирана да го приметувам она што мене ми било актуелно во тој период. И така е со секој од нас, сите имаме поголема перцепција за надворешниот свет од гледна точка на тоа што ни се случува во нашиот микро свет. И не само што ни се случува, туку и што носиме во себе како градежен материјал на нашите души.

Сите веќе ја знаете апликацијата Threads, која мене лично ме потсеќа на Twitter. Ми се појавуваат нотификации одвреме навреме, иако ич не сум активна на тоа чудо, оти сум навикната на фејсов и на инста. Но, за да ги решам нотификациите некогаш ги отворам за да не ми стојат на телефонот оти ми бодат очи. Да, малку контрол фрикот измешан со опсесивната компулсивност ми прават чудесии во умот, ама иако е посилно од мене, се тешам дека сепак сé уште не е алармантно. Да се вратам на муабетот. При едно такво отворање на Threads-от, гледам текст во кој девојка (жена) опишува како поминала на прв состанок. И тоа оди вака некако: дечкото бил супер, муабетот им одел беспрекорно, бил внимателен, духовит, емпатичен, имало хемија....ноооооооо (секогаш тоа “но” ги прави сите проблеми во животот), бил понизок од неа. И сега? Ако ме прашавте пред 30-тина години дали би ми пречело да сум со некој кој е понизок од мене, веројатноста да добиевте потврден одговор ќе беше околу 90% (можеби и повеќе). Овие 90% тогаш ќе се должеа на незнаење и неискуство, на чувството на надмоќ и егоизам. Но, ако ме прашате сега дали би ми пречело да сум со некој кој е понизок од мене, а да ги поседува сите можни квалитети кои мене лично ми се потребни и прифатливи, одма ќе речам КУПЕНО. И за да бидам политички коректна, оти во денешно време секој се наоѓа навреден со сé и сешто и од пусто пазење кој како се изразува, ќе почнеме да молчиме (кај и да е), да кажам дека ова “купено” е во контекст “прифаќам без размислување”.

Сите сме некакви и секакви. Ниту физички ниту карактерно сме совршени, многу сме далеку од тоа. Но, работењето на себе отсекогаш се подразбирало дека секој од нас настојува да биде подобар човек. А за недостатоци, секогаш ќе имаме барем по еден особено во изгледот. Некој кубури со уши, некој со нос, некој има премали а некој преголеми гради, некому задникот му е рамен, некому му е поголем, некој е со повеќе целулит, килограми и да не редам понатаму. Поентата ми е да кажам дека има работи кои можеме да ги смениме на себе, но има работи кои апсолутно не можеме да ги смениме. И во време во кое премногу се реагира за тоа дека има исмејување за нечие тело и изглед (body shaming), поприлично ме изненади споделувањето за тоа дека главниот проблем да се биде со некој е висината. Значи, ако не сум задоволна од тоа колку килограми имам, ќе си барам чаре. Акцентот тука е на тоа дека најважно е дали сум јас задоволна со себе и својот изглед, а не како ме перцепира околината. Така, ќе пробам да си го решам проблемот со режим на исхрана која ќе исклучи нездрави навики, вежбање и слично. Ако не ми се допаѓа да бидам бринета и сакам да сум русокоса, ќе појдам на фризер и ќе излезам како нова жена. Ако си имам мака со брчките, има чаре и за тоа. Секој си го бира својот начин за тоа како да си биде во љубов со сам себе. Но, ако сум висока 173 сантиметри, што да правам околу тоа???? Како да се сторам 180 или да се смалам на 165 (ова смалувањето доаѓа со староста, ама имам уште фурни леб да јадам за да дојдам дотаму). И впрочем, како тоа висината има врска со хемијата?

Станавме премногу оптеретени со изгледот, односно со тоа дали нашата физичка појава ќе биде позитивно прифатена од другите. И ова се однесува буквално за сите нас, оти во таа битка која сите ја биеме со некакви си поставени нереални очекувања и стандарди не се поштедени ниту жените, ниту мажите. Ви имам кажувано дека сум била “опомената” за целулитот од маж кој сигурно не изгледаше како Кеану Ривс. Од жените се очекува дека не смеат да имаат бели влакна во косата и на свои 60 или 70 години, оти тоа станува недолично и делува лошо на желудникот на сите кои ги гледаат. Исмејувањето за вишокот килограми е одамна лоша шега, прашањата за наглото слабеење или дебелеење е надвор од сите граници на добро однесување. Но, од друга страна и мажите се ставани на ѕидот на срамот ако немаат коса, или ете, како во случајов, ако се ниски. Колку пати имате слушнато “маж не е маж ако...” и ставете по свој избор: не заработува повеќе од жената, усисува и мие садови, не гледа фудбал и низа вакви небулози. Стереотипите се секаде присутни, само што за жените се коментирало секогаш послободно, оти сме биле во позиција во која секогаш некој се обидувал да нé потчини. И ако веќе знаеме како е да се биде ставен на тапет за изгледот, зошто конечно да не направиме нешто за да го спречиме тоа, општо земено?

Да, секој има право да одбере партнер по свои мерила. Некои се фокусирани на изглед, некои на карактерни особини, некои прават комбинации од двете. Никој нема право да се меша во нечиј избор, но чинам дека е навредливо да се зборува за аргументи “за и против”, ако е во прашање појавата. Имам читано прилично потсмешливи коментари за тоа дека љубовта нема очи, што во основа е вистина. Имам читано исмејувања на изјавите дека човек гледа со срцето и секогаш ми било многу тажно што некој се дави во цинизам за работи кои се во суштина точни. Колку е само тажно кога сме фокусирани на формата, па себеси покрај некого се гледаме како да сме во излог. А најтажно од сé е кога ќе сфатиме дека нималку не сме созреале за да ги надминеме сопствените ниски побуди. Да, верувам во хемија и да, верувам во љубов. Но, не верувам во тоа дека убавината или висината се клучни во еден однос кој треба да се гради и опстане. Мислите дека сините очи, беспрекорното тело или длабочината на џебот се преуслов за еден однос да биде почн почит и љубов? Што правиме со тоа дека сакале или не сите се менуваме или со тоа дека животот некогаш ни приредува изненадувања, па од супер успешни може да станеме голтари! А со сигурност знам дека однос кој се темели на подлабоки и посуштински работи, полесно ги минува сите препреки и искушенија, отколку однос кој се базира на “види колку е убав/а”.

Сите ние гледаме она што сакаме да видиме, она што сме ние самите. Дали ќе ја одбереме суштината или формата, повеќе говори за нас отколку за нашиот избор. Впрочем, ние сме нашиот избор. Периодов барам околу себе спокој и кроткост...и сфаќам дека ја наоѓам само кога сум јас олицетворение на спокој и кроткост. Оти секогаш го привлекуваме она што го носиме во себе, без исклучок.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Што во себе имаш

Тоа од себе ќе дадеш

И окото само тоа ќе ти бара

Да го наполниш со убост

Ако во убост душата ти седи

Или со секавици и молњи

Ако невреме во тебе ровје фрла

Што во себе имаш

Тоа околу себе ќе гледаш

Оти секојпат ќе те влечи

Да бараш слични нешта

Какви што во себе носиш

Та некојпат во ден без дожд

Ѕуница од некаде ќе ти дојди

А некојпат во сончев ден

Црни облаци небо ќе ти кријат

Што во себе имаш

Од тоа срцето ќе ти се храни

Оти никојпат најаска не ќе имаш

Ако со трошки се гоштеваш

Та ќе колваш како мршојад

За да не се наситиш во векот

Или царска гозба ќе имаш

Ако срце ширум отвориш

И со убост нежна го наполниш

Што во себе имаш

Тоа ќе дадеш

И токму тоа ќе земеш

Та до тебе е дали мисла-алтан ќе имаш

Или клетва уста ќе ти погани

Оти секој од нас го живее она

Што внатре во себе го има

И како градина го полева и негува

За да му роди плод вкусен

Што во себе имаш

Тоа со себе ќе однесиш

Кога од овој свет ќе заминиш

И од тебе зависи дали в ковчег ќе се прпелкаш

Или мирно смртта ќе ја отсонуваш

И дали зад себе светлина ќе оставиш

Или душата во темница ќе ти талка

Оти никој не стасал подалеку

И никој не земал повеќе

Од она што во себе го носи

Од она што во себе го има