Што после развод?!

Добивај вести на Viber

Да се разбереме. Никогаш не сум сонувала за венчавка од бајките. Не се замислував себе облечена во снежно бел фустан, со долг вел од кој ќе се сопнувам, како играм валцер во преполна сала украсена со срциња и балони...а сето тоа да се одвива како на забавена снимка која ќе ја паметам цел живот. Друга приказна е тоа што не сакав да бидам пејачка, ниту пак глумица, туку мојот избор (за среќа траеше до пубертетот, кога ми се разулавеа хормоните), беше да станам калуѓерка. Идејата ми беше предизвикана од сестра Ана, која работеше во домот за стари лица во Битола, каде што дедо ми беше директор и ме носеше таму за да ги развеселувам бабите и дедовците чии семејства некако подзабораваа на нив. Сестра Ана беше дојдена од Словенија, имаше небесно сини очи и румени образи. Ми беше олицетворение на добрина. Но, мина и тој период. Станав економист, со потреба од уметност, која пополнуваше одредени празнини кои не се надоместуваа со пари од брокерскиот занает.

По сите мерила бев на прагот да станам стара мома. Но, на 30 се омажив, родив дете и на 37 се разведов. За сета жал на обожувачите на драми, скандали и трачеви, разводот беше подеднакво убав како и журката по повод свадбата. Не, немаше журка за таа прилика!, но беше полн почит и љубов еден кон друг, како луѓе кои минале убави години заедно и имаат нешто што ќе ги врзува сиот живот...дете. Ударите ги добив отпосле. Пријателите или барем онака како што се нарекуваа, почнаа да исчезнуваат еден по еден. И онаму каде што ќе бев повикана, одев сама, во друштво полно парови кои ме гледаа како опасност која не можеа да ја дефинираат.

Стигмата од општеството. Нема жена која не се соочила со тоа после разводот. Како да стануваме лепрозни и тема на муабет, со неразјаснети прашања од типот:

“Мора да имала друг...мора да имал некоја”

”Aбе се знаеше дека ќе дојде до тоа, различни беа”

“Слушнав дека не се поднесувале со свекрвата”

Никој не ме праша како сум. Никој не се ни обиде да покаже разбирање дека едноставно некогаш се случува развод и дека тоа не значи оти нашите животи стануваат помалку вредни. Гледав луѓе кои си шепкаа за мене, истите тие за кои знаев (сум ги гледала, не верувам на информации од “втора рака”) како се караат пред своите деца, луѓе кои потполно без срам и перде се шетаа со своите љубовници околу, докажувајќи си себе дека се фраери...или јаки риби!

Со парчето хартија на кое пишува “Пресуда” за завршен брак, се стекнувате со уште еден (free of charge) епитет...РАСПУШТЕНИЦА, употребуван со огромна леснотија. Збор кој лесно се тркала низ јазикот, без ниту еден да го протркала низ умот. Распуштена жена, не вреди, ја оставиле, опасност, пупупу-скраја да е.

И наеднаш животот ви се менува. Отфрлени од луѓето, со невидлива, а толку блескава реклама над вашата глава...распуштеница. И наеднаш, се’ што сте постигнале во животот станува неважно. Дали сте биле на чело на моќна компанија, дали сте успешен политичар, дали сте добра мајка и добар човек, дали помагате секому...сето тоа се става во втор план кој е многу светлосни години зад зборот со кој се означува разведена жена.

О да. Ме навредувало. Ме навредува и ќе ме навредува. Ме навредува од името на сите жени кои се одлучиле или кои биле приморани да се одлучат на таков чекор. Ете, мојот пример е редок. Но, почести се примерите каде што постои семејно насилство, понижување и нарушување на интегритетот на жената. Според нашето зачмаено (а имам толку убави термини за ова кои не се да ги напишам во колумна-ама веројатно и вам ви паѓаат на ум) општество, пострашно е да си разведена жена, отколку малтретирана од било кој аспект. Побогу, зарем вашата лажна емпатија кон некоја жена на која со црвени букви озгора и’ пишува МАЛТРЕТИРАНА, ќе и’ го среди животот и ќе и’ ја врати насмевката?

Не сум и никогаш нема да бидам плачка. Не жалам за ниту еден миг од она што сум го минувала низ животот. Не сакам да сменам ниту една секунда. Она што го имам сега, не ми е дадено на послужавник. Се изборив. Не со газење преку лешеви, туку со труд и работа, со созревање и многу, многу болно проникнување во себе. Лекциите кои ги научив се следните:

Инвестирајте во своите ќерки (намерно ги посочувам женските деца), научете ги да имаат самодоверба и да се борат за себе.

Помогнете им да се осамосталат и да стекнат во животот доволно за да не остануваат во врски и бракови затоа што немаат каде да одат.

Колку и да се нивните одлуки спротивни на вашите очекувања, не ги осудувајте. Верувајте, низ животот ќе бидат доволно осудувани ако се свои и силни.

Научив дека жените на овие простори вредат онолку колку што им тежи прстенот на домалиот прст, наречен бурма. Дека и најубавите и најпривлечните жени се гледаат со презир ако не се омажиле.

Научив дека може да сте паметни и образовани, начитани и достоинствени, но ако немате партнер тоа е неважно.

Научив дека што и да постигнете во животот, никогаш нема да е доволно добро ако не се вклопите во калапот.

Научив дека во ова општество, вдовиците се повеќе почитувани од разведените, само затоа што постои таа лажна емпатија која на жената која останала сама, ама баш ништо не и’ значи. Ниту ќе и’ го надомести саканиот, ниту пак ќе и’ ја олесни живеачката.

И најважно од се’.

Научив дека ќе дадам се’ од себе да воспитам дете кое ќе ги вреднува луѓето според она што го носат во себе. Без да го гледа нивниот брачен статус, или религија, без да обрнува внимание на нечија сексуална определба. Да води сметка дали оние со кои низ животот ќе се сретнува и’ овозможуваат да научи нешто од нив и да стане подобра верзија од себе.

Да има ги гледа постапките, а не да им ги слуша зборовите.

Да биде без сомнежи кога ќе си го слуша внатрешниот глас при донесување одлуки.

Да знае дека ја има мојата безусловна поддршка и љубов во секоја животна ситуација.

Да биде сочувствителна на начин кој нема да ги навреди тие околу неа. Без медиокритетски однос, без предрасуди и со многу љубов.

Научив да се сакам себе и тогаш кога добивав удари...и тогаш кога се чувствував несакано и отфрлено. Научив да бидам ЈАС и да сум среќна дека се имам себе.

А штом научив јас...тогаш може секој. Не се двоумете ако треба да одберете помеѓу себе и предрасудите кои ќе ве стигматизираат. Има компромиси кои не вредат ама ич. А особено не за да си го уништите животот, затоа што го имате само овој, тука и сега!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Велат, со к’смет да си низ векот
оти векот долг е
и подолг од смртта ако со убо не го врвиш
ако она шо од Господ дадено ти е
со мака го поминуваш
ете
сите голи и боси се раѓаме
некои голи и боси животот го врват
а некои пак од многу-то и појќе имаат
од најаска-прејаска
од напивка-опивка
од љубов-збеснување
само велат чоек со к’смет да се роди
да му биди чкртнато среќен да е
и од малку среќа
да знај многу да се радува
а од многу болка
малку да се саклдисва
на душата црни думи да не си клава
и срцето стиснато ко тупајнца да не му е
оти векот долг е пиле
и уште подолг ќе ми ти се гледа
ако низживотот без к’смет тераш
од една-две бељи ќе сториш
од солза-цел океан
та голтај ги и шмркај ги во себе
градите ќе ти се осолат и исушат
к’смет да имаш
да имаш доволно за да можиш мирно да спиеш
и низ денот да дишиш без да те притиска
без да се потсеќаш оти воздух ти треба
и без насила нозете да ги тераш да ти чекорат
та за еден ден да се умориш ко за година
оти така не се врви низ векот
низживотот така не се оди
колку да се речи оти живејш
колку да ти мини редот на земјава
ама пусто не треба само да се трудиш
туку од раѓање со милост да си благословен
од уста медена за да се фати мислата
за да можиш со убост да растиш и старејш
оти налет и сто да ги истераш
ако секој ден сакаш да те нема
и ако секоја ноќ се молиш да не осамниш во денот
оти џабе ти е се’ ако без мерак животот ти мине
пиле, дете ко ќе се роди првата мисла е
живо и здраво да е и к’сметлија да биди
за кај и да биди, арно да му е
и да му се погоди и живеачката и женачката
да му се погоди сонасмев до сто и една да тера
оти пиле
чоек без к’смет е полојна чоек полојна ништо
ко сенката од петиците да му се одлепила
ко птица, смејалчето од очите да му одлетало
чоек без к’смет чупче
е ко жена без чедо
ко дрво без корен
ко куќа без огниште
ко бунар без вода
чоек без к’смет е чоек умрен од раѓање
кој сиот живот поарни времиња чека
кои никогаш не идат
пиле, чупче мое
к’смет да имаш, толку само...за живот да имаш
за живот да имаш, за живототда те има