Шукрије Пини самохрана мајка на дете со пречки во развојот: Имаат предрасуди за состојбата на син ми – сосетката вербално нѐ малтретира, нѝ фрлаат петарди на балконот
Станарите во зградата може да ти бидат како семејство, а првата сосетка поблиска и од роднина. Вака размислувала Шукрије Пини (30) од Гостивар, кога се вселила во социјалниот стан. И покрај нејзината убава мисла, забележала отпор од станарите.
– Живеевме под кирија и кога ми го доделија социјалниот стан бев пресреќна. Сакав да се дружам со соседите, да си помагаме, да пиеме кафе. Но, моите желби се претворија во кошмар. Имаат предрасуди поради моето дете кое има пречки во развојот. Им пречи звукот кој се создава кога ги фрла играчките. Има три и пол години и ништо не зборува. Понекогаш испушта звуци. И тоа им пречи – открива Пини и нагласува дека најголем проблем имаат од нивната прва сосетка.
– Постојано не малтретира вербално. Се жали дека ѝ правиме бучава кога се бањаме со синот, кога го чистам тоалетот, кога малиот стои на балконот кој го делиме со неа. Еднаш физички ме нападна велејќи ми дека само јас го користам лифтот, кој е од деловната зграда. Принудени сме да живееме под стрес од неа и нејзиното семејство. Таа е агресивна жена. Не можеме безбедно да живееме. Не знам кој, но неколкупати ми фрлија петарди на балконот за да се плашиме. На сите им објаснувам син ми е мал и расте без својот татко. Има пречки во развојот и во говорот. Не сакаат да ми влезат во положба. Не можеме на мир да живееме. И јас сум мајка. И мене ме боли за синот како нив за нивните деца. Не сакам да го помине во стрес своето детство, бранејќи му да игра во својот дом – вели таа.
Иако е сведок на многу детски лудории, вриштења, на децата од соседите таа никогаш не се пожалила.
- Тие се деца. Некои се мирни, други темпераментни. Ќе заплачат, ќе се степаат, слушам гласови, но не реагирам. Така растат децата. Од друга страна пак мојата прва сосетка прави јадење на балкон, кој го делиме заедно. Некогаш слушаме звук на плинска боца која пука. Тоа е небезбедно за нас – посочува Шукрије.
Завршила средно медицинско образование со одличен успех. Но, спречена е да работи поради грижата за своето дете.
– Првпат се омажив на 18 години. Родив син, кој откако се разведов живее со татко му. Почнав да работам на 20 години како келнерка во ресторани во Гостивар. Во еден од нив го запознав мојот нов партнер со кој живеев кратко време. Ме напушти кога бев бремена 5 месеци. Тешки беа моите денови. Живеев под кирија сама, без ничија поддршка. Вториот син Халил го родив во Гостивар во 2020 година. Во тие мигови да застанам на свои нозе најмногу ми помогна Дороти Пачкова која собра донации, пелени, за една година. И сега одвај се снаоѓам за да платам сметки со социјалната помош што ја примам. Мојот татко работи приватно и ми помага колку што може, иако е болен. Има три стента. Немам никаква друга поддршка. Малиот си бара внимание, храна, пелени. Се трудам да сум тука со него. Решив да ја барам правдата кај надлежните институции. Верувам дека ќе се изборам детството на син ми да биде исполнето со љубов, а не со стрес и страв – заклучува Пини.
С.А.Н