Симона Смилеска Петков се бори за македонскиот идентитет во Австралија: Се намалува интересот за македонскиот јазик кај децата на нашите иселеници

Се преселила во Австралија пред 10 години, кога во Македонија го запознала сопругот Зоран, но се уште е подготвена да го спреми куферот и да се врати назад. Сепак, желбата да ги промовира македонскиот јазик и култура се пресудни да остане.

Симона Смилеска Петков е дипломиран професор по математика, медицинска сестра, квалификуван асистент за деца со посебни потреби. Од понеделник до петок работи во ОЕТ, компанија која се занимава со тест по англиски јазик и е дел од Универзитетот Кембрич од Англија и Боксхил од Австралија, а во саботите предава македонски јазик во Викториското државно училиште за странски јазици. Живее во Џилонг, град од окoлу 250.000 жители, втор по големина во Викторија, на само педесетина километри југозападно од Мелбурн.

Џилонг го опишува како прекрасен сончев град со постојан ветер, којшто според климатските услови многу наликува на нејзиното родно место Гевелија. Мајка е на ќерките Илијана (17) и Мариа (9). Нејзиниот сопруг работи во Основно училиште како асистент за дигитална технологија. Таа е еден од најголемите промотори на македонскиот јазик во светот.

-Животот во Австралија е многу брз. Не можам да кажам дали е подобар, но сигурно е многу различенВерувам дека така е ѝ кај нас во нашата Македонија. Навистина треба да сакаш и да се потрудиш да се прилагодиш на овдешниот животМислам дека сеуште сум спремна со куферот да заминам назад, зашто ми недостасува топлината на македонскиот народ, пријателите и роднините. Веднаш штом дојдов, побарав на интернет каде има македонска црква, некое играорно друштво, зашто како долгогодишна играорка во Македонија, тоа многу ми недостасуваше. Ги најдов и ја зачленив постарата ќерка. Во 2018 година бев кореограф на најмалите.– вели Петков, која после неколкугодишна голгота да најде работа, дошла случајно до информација дека во едно училиште во Џилонг се изучува македонски јазик.

-Сакав да ги запишам нашите деца, но не можев да најдам информација каде е училиштето и кога се одржуваат часовите. После неколку години дојдов до таа информација преку македонската програма на локалното радио и веднаш се јавив во училиштето. Додека две години волонтирав како наставник по математика во средно училиште, тогашниот наставник, македонски иселеник Љупчо, знаејќи дека барам работа, ми кажа дека сум квалификувана да предавам македонски јазик. Тоа ми даде надеж и желба да останам овде и да го промовирам јазикот и македонската култура. Стапив во контакт со тогашната учителка по македонски јазик во нашиот град и таа ме покани да се приклучам на Друштвото на Македонски Учители во Викторија. Така станав активен член и доброволно се пријавив да бидам дел од тимот волонтери којшто го креираше македонскиот јазик на онлајн платформата Education Perfect. Така македонскиот јазик се најде рамо до рамо со сите светски јазици и може да го изучуваат децата од цел свет преку оваа платформа. Тоа беше промовирано на локални телевизии и во локалните македонски дневни весници во Австралија.– открива таа.

Во март 2020 година почнала да работи на замена во Викториското Училиште за јазици, како учителка по македонски јазик. Во јули истата година ѝ било понудено работно место во Џилонг, коешто го прифатила и сеуште е таму. 

-Јазикот го промовираме на различни начини: преку социјалните мрежи, во црквите, во македонските клубови, места кадешто се движат Македонци, македонски фестивали, преку медиуми, како локално радио, SBS, локални телевизиски канали и на многу други места. Од пред две години формиравме друштво на македонски учители низ светот и имаме успешна соработка со сите колеги и колешки од целиот свет. Кога почнав да предавам македонски јазик во класот, имаше десетина ученици и тој број порасна до 23. Децата учеа и се забавуваа сѐ до пандемијата. Потоа бројот драстично опадна и многу е тешко да се врати.– посочува таа и дополнува дека во метрополата има поголем број на ученици во саботните училишта,како и повеќе паралелки. Изучува деца од различна возраст, од седум до осумнаесет години.

-Тоа е еден од повеќебројните фактори поради кои немаме поголем број ученици. Има многу Македонци, но интересот опаѓа зашто веќе децата на иселениците се од трето или четвро поколение. Голем број од децата се од мешани бракови и дома не зборуваат македонски јазик. Тие ученици се соочуваат со поголеми потешкотии во изучувањето и малкумина го завршуваат образованието по македонски јазик. Миграцијата од Македонија не е масовна како во минататотое само од Македонија, туку и од Европа, па затоа тивко изумираат сите европски јазици во Австралија. Ние се трудиме на секој можен начин да го поттикнеме интересот за изучување на македонскиот јазик, но за жал од мое лично искуство поддршката од Македонската заедница е толку минимална, речиси никаква. Воопшто не го промовираат македонскиот јазик кај децата како што доликува, зашто тие се иднината.

- Нашите ученици имаат можност да следат настава на англиски и македонски јазик во неколку основни и средни училишта во Мелбурн. Малкумина се информирани и не знаат дека постои државно бесплатно училиште по македонски јазик. Уште повеќе, учениците имаат право да го одберат македонкиот јазик како еден од завршните испити за средно образование. Многу полесно е за нив да добијат високи резултати по македонски доколку го владеат јазикот, отколку по било кој друг предмет. Во 2022 година, мојот ученик Александер доби највисоки резултати во цела држава и беше награден од Премиерот на Викторија. Сметам дека многу е важно за децата да знаат од каде им се корените, да научат нешто за Македонија, македонската култура, историја и нашите традиции. Само така ќе добијат желба да ја посетат татковината, особено тие што никогаш не биле во Македонија.– заклучува Смилеска Петков.

Соња Алексоска Неделковска