Синот на Весна Бејби се сели кај татко му во Америка: Едвај се крепам, тешко е

Добивај вести на Viber

Синот на Весна Петрушевска, Кирил Тренкоски, за две недели заминува во САД кај својот татко Јанко Тренкоски. Кирил кој има 17 години, во Хјустон ќе ја изучи четврта година од гимназијата, а потоа таму ќе продолжи со студии.

„Броиме ситно со Кирил кој ќе оди во Хјустон за да заврши гимназија и факултет. Тој е едно од децата кои сакаат да го освојат светот. Безброј пати го прашував дали е сигурен и секогаш без двоумење одговара потврдно. Немам подобра опција да му понудам во овие луди времиња. Не прашувајте, срце ми се кине. Убав на мајка. Го гушкам, плачам ко некоја задушна баба секој ден, а он ми вика: „Мамо, мислев умрел некој, ме исплаши“, напиша Весна на својот Фејсбук профил.

За Женски магазин, актерката вели дека во овој период, ја теши работата со нејзините мали глумци, со кои одржува летна школа на отворено, како дел од нејзината „Актерска школа Весна Петрушевска“.

„Среќа што работам, инаку едвај се крепам. Тешко е“, вели Весна.

Желбата на Кирил да замине во САД е од пред две години. „Последниве две години се договараме со татко му кој е таму. Одеше на два пати во Хјустон кај Јанко. И ете дојде време да замине. Сè му е јасно за состојбата со вирусот, но брои денови, овде не може да ја поднесе неправдата и системот“, вели Весна за својот син и додава дека е свесен за новиот предизвик што е пред него и не се плаши.

Нејзината 15-годишна ќерка Мина е многу врзана за својот брат. За да ја охрабри својата мајка, таа реагира сосема спротивно од Весна. „Мина вели, супер е, сами ќе бидеме. Но и таа е многу тажна деновиве“, ни раскажа Весна.

М.Џаровска