Ние сме народ кој се разбира од сѐ. Ама баш од сѐ, почнувајќи од политика (како најисцрпна тема во
секојдневниот муабет со партнер/ка, колеги и колешки, родители и деца) па сѐ до осврт кон оние побезначајните, а сепак важни за да
се дели ум. А кога сме веќе кај умот, ми се чини дека ако се воведе категорија
во Гинис за себепреценување, сигурно никој нема да нѐ победи, освен ако бројот на нашите иселеници во
некоја земја не го надмине бројот на тамошните жители. Ние сме народ кој сака
за себе да мисли дека е Итар Пејо и како сите сме ги за***ле со нашите
итроштини. Први за да смислиме некоја финта (читајте глупост) за да бидеме
главни фраери во друштвото. Чаламење во секој поглед. Ние сме народ кој
последните пари ќе ги даде да плати на музиката за да ја испее „онаа мојата“, колку
да пукнат душманите мислејќи оти најновиот бизнис ни оди подмачкано. А обично
душманите баш ги заболе лев глужд и за нас и за нашиот бизнис. И згора на сѐ, народ сме кој за сѐ во животот се вади со тоа дека „сите ме мразат“, како студент кој никогаш не ги научува лекциите до
крај и паѓа на испит, ама мора некако да се извади оти на домашните им е веќе
дојдено преку глава.
Ние сме народ чиј претставник веднаш ќе го препознаете меѓу толпа луѓе, оти тој единствен ќе ви каже „слушај ваму сеа, ја да ти кажам како оди таа работа“. Имаме мислење за сѐ, најмногу за она за што имаме најмалку познавања. Развиваме теории кои држат до моментот кога алкохолот ќе изветрее. Учиме наизуст мисли и цитати од мудреци, писатели, поети и сите оние за кои мислиме дека можат да ни послужат за да изгледаме што попаметни на социјалните мрежи или во друштво.
И не, не се амнестирам ниту себе. Впрочем, дури и ова писаниево што ќе го читате може да се стави во таа категорија...мудрување. И за да не излезе дека само развивам теории кој не држат вода, ќе ви кажам точно што ми пречи.
Не сакам никогаш да се правам нешто што не сум. Нема поента, ме заморува и на крајот, треба само малку време да помине за секој од нас да си го покаже вистинското лице. Кога нешто не знам, прашувам. Кога нешто не ми е јасно, барам објаснување. Кога ќе ме прашаат нешто за што немам поим, велам дека не знам. Толку е едноставно. Толку впрочем и треба да е едноставно. За сите.
Од политика не се разбирам. Не гледам телевизија, не читам весници, не следам портали. Знам што ми се допаѓа, а што не. Не сум и никогаш нема да бидам партиски војник, оти мислењето, ставот и честа не може никој да ми ги купи. Не сакам да бистрам политика на долго и широко. Но, тоа не значи дека сум слепа и дека не гледам околу себе. Имам став кој не го наметнувам и за кој не сакам да дискутирам, особено не со фанатици кои политиката ја сфаќаат како алфа и омега на своето постоење. Има избори на кои секој од нас го кажува она што го мисли и чувствува преку заокружување. Затоа, бегам подалеку од сите оние кои со „слушај ваму“ сакаат да ме едуцираат за кого и зошто треба или не треба да гласам.
Не сум музички поткована. Си имам некој свој вкус за музика во која уживам. Не се разбирам во техничкиот дел од музиката, аранжмани или како тоа веќе се вика. Ама знам што ми сака увото и душата. Не сум експерт за гласање или како што се нарекува телевоутинг. Не ја сфаќам Евровизијата трагично, ниту имам потреба да правам критички осврт на тоа што се случило. Особено немам живци кога ова второво (музиката) ќе ми го измешаат со првото (политиката). А уште помалку имам живци за политички препукувања на терен кој е најмалку врзан со политика. А се изначитав по фејсбуков сѐ и сешто. И што е најинтересно, сите дискусии започнуваат со убаво срочен вокабулар (веројатно за да се остави впечаток на начитаност и ум), за да завршат со кочијашки изрази (кои на пример јас ги користам исклучиво во сообраќајот).
Како стареам, сѐ помалку имам трпение за „ја да ти кажам како треба да направиш“. Имањето став и мислење е една работа, а расфрлување со двете е сосем нешто друго. А особено ме збеснува кога овој наш народ си дава за право да ги наметнува своите ставови. Така, имаме сега развиена демократија за секој да може ама баш што му падне на ум да тропне (иако јас малку поинаку ја сфаќав демократијата), без усул и без скрупули. Па затоа на секој чекор се накотија мудреци кои во секое време ќе ви кажат дали и како треба да постапите во одредена ситуација, како да се облечете, што да мислите за одредена тема. Истите тие најдобро знаат кој со кого, како, кога и зошто. И вака можам да одам барем уште 3-4 страници ворд без да ставам дури и запирка.
Олабавете луѓе. Аман веќе олабавете. Олабавете со паметувањето, со советите кои никој не ви ги бара, со желбата да го импресионирате светот со себе. Олабавете со хомофобиите и останатите „фобии“. Имајте си мислење, ама не трујте никого со тоа. Дајте малку ширина во размислувањата. Дозволете си да ја прифатите и туѓата мисла и размисла за нештата. Не запнувајте секој пат да докажувате (или да се докажувате) кој е попаметен. Пробајте некогаш и да молчите, без да се трудите да го убедите Универзумот дека ултимативната вистина е она што вие го зборувате и пропагирате. Не ви пречи вам политиката, ниту музиката, ниту јавното декларирање на хомосексуалноста. Ви пречи тоа што немате друго што да правите освен да се правите паметни и/или да плетете приказни за нечиј живот. И вие, исто како и мене, имате само еден живот, овој. И вие, исто како и јас ќе одлучите дали ќе го минете огорчени и несреќни со борбеност да се докажете пред неважни луѓе или ќе си посветите внимание и ќе си се сакате онака како што ви доликува.
Следниот пат, пред да започнете со своите проповеди за тоа како се живее, што треба некој да прави, како да размислува и за што да има идеали...запрашајте се каков е вашиот живот. Кое и какво било вашето последно достигнување. Кога последен пат сте помогнале некому (вистински), кога сте станале наутро со насмевка на лицето и кога последен пат сте кажале дека љубите...или кога последен пат сте чуле дека сте љубени. Олабавете...олабавете заради себе и секогаш имајте на ум дека ова, сега и тука е нашата шанса. Живејте без омраза. Впрочем, само така човек може да има квалитетен и исполнет живот. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Алтан зборот да ти е
Ко ламба во ноќ да свети
Ко стомна вода за жеден чоек да биди
Ко корка леб во рака на сирак
Ко мирен сон за грешник
Уста ко ќе отвориш мед да потече
Ама пусто за така
За така да биди треба душата чиста да ти е
Ко бистра вода во планина
Ко небо без облаци
Ко снага на мома лична
Ко дете на мајчини гради
Душата да не ти се испогани
Со лоша мисла да не ја храниш
Со завист да не ја поиш
Да ја чуваш ко азно под перница
И одвреме навреме да ја забришуваш
Таму кај шо се заматила да ја светниш
Кај шо лошотилак капнал
Таму пиле да ја замиеш
За да не ми ти го нагризи срцето
Оти најбрзо чоек заборава кој е
Ако душата некаде по пат си ја остави
И не клај некој знак за да се врати по неа
Та после
После години ко ќе минат џабе е
И да ја сретниш пак си заборавил оти твоја била
А и да ја одминеш можеш
Оти ѓаолот веќе си ја зел и по свое ја скроил
Алтан да ти е зборот
Со него да лечиш
Со него љубов да даваш
Некому надеж
Некому љубов
Некому утеха
Ама никому бол да не нанесиш
Оти чоек колку и силен да се прај
Ниту телото
Ниту душата од камен му се
И на дикат си клава
Од умот после на срцето му тежи
Дур еден ден телото не му оболи
Дур болести не го изгризат однатре
Да ми го паметиш ова
Дека зборот знае сабја да биди
Да исечи онаму кај шо нож не можи
Да искини во чоека се’
Ко од хартија да сме сторени
Така можи зборот да те скини
Така можиш некого со збор да скиниш
И не џабе се рекло
Оти зборот треба алтан да ти биди
Поарно премолчи
Поарно на само изнапцуј се
Викај и лути се
Оти еднаш кажан да го голтниш не можиш
Ниту назад да го вратиш
И тебе ќе те боли
Не само оној за кого бил наменет
И тебе на душа ќе ти тежи
И умот таму ќе ти биди
Умен да е чоек
Умни да сме и да знајме во себе СТОП да речиме
Да го замрзниме зборот пред од нас да излези
Оти тој алтан треба да е
И ништо помалку од иљач
Ништо помалку од љубов
Ништо помалку од живот