Со Ана сме во брак скоро 13 години, се запознавме на свадбата на Тијана Дапчевиќ и тоа беше љубов на прв поглед: Семејно интервју со Џијан Емин
Ја сака музиката, посветен е и успешен во она што работи, а тоа е создавање музички дела кои ќе се залепат на секое уво. Приватно сопруг на Ана и родител на две деца, Јан и Лина.
Џијан Емин диригент во единствениот македонски симфониски оркестар и дел од првиот Национален џез оркестар, често патува поради потребите на неговата професија и често неговите музички проекти достигнуваат голем успех надвор од нашите граници.
За него најважно е по голем и успешен проект, да се врати дома и да си го гушне семејството.
Диригентот во Македонската филхармонија од поинаков агол за себе и семејството зборува за Женски магазин.
ЖМ: Неодамна се врати од Дубаи, дали причината за посетата е подготовката за оркестрацијата за големиот огномет или причината беше сосема друга?
-Посетата на Дубаи овој пат беше поврзана со подготовките на еден исто така грандиозен проект насловен „Carols By Candelight“ каде јас се појавувам во улога на музички директор, оркестратор и аранжер. Се работи за интернационален проект во еден од најинтересните простори за концерти во моментов во Duabi EXPO CITY, кој е изграден за потребите на EXPO 2020. Просторот е кружен, 360 степени со лцд дисплеи на сите страни и со високо квалитетен и технолошки напреден аудио систем долби атмос со 27 канали.
Темата на проектот е Божиќ, за кој музиката ја снимивме во Скопје со мојот „Магичен оркестар“ во состав од околу 40 музичари во просториите на студиото „Подрумот на Ангел Ќосев“ и еден дел во Филхармонија. Покрај Магичниот оркестар како еден од главни протагонисти се појавува и детскиот хор од ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ под раководство на Вера Ангеловска.
Пејачите на проектот се неколку извонредни уметници од Лондон, Манчестер и Либија.
Најавените 7 концерти беа распродадени за помалку од 48 часа.
ЖМ: Овој период се сè врти околу празниците и празнична атмосфера. Музиката е таа која дополнително влијае на расположението, каква музика обично слушаш во овој период од годината?
-За музичарите вообичаено овој период е доста активен и повеќето се ангажирани на различни проекти. По враќањето од Дубаи работам на еден заеднички настап со Рамбо Амадеус и другарите до ЗЏМ, така да музиката која ја слушам во моментов е на Рамбо (се смее). Пред тоа ја слушав музиката на Леб и сол, бидејќи имавме концерт со ЗЏМ Биг бендот. Паралелно го средуваме миксот од концертот со Луис Бонила. Слушам секаква музика, па и народна од време на време.
ЖМ: Дали го сакаш новогодишниот период?
-Секој период од годината си има своја убавина. Ова е период каде се средуваат впечатоците од случувањата од целата година. Периодот пред Нова година е исто така доста динамичен, сите се во некаква еуфорија, брзаат да завршат сè што не завршиле, се купуваат подароци, се организираат дружби, веселби … тоа мене ми е убаво. Сите сакаат да бидат со најблиските и искрено да изразат љубов. Мене лично Нова година ми е омилен празник и многу често го користам како термин за славење на различни ситуации низ текот на целата година. Сите тие веселби си ги викам Нова година (се смее)
ЖМ: Празничната атмосфера нè поттикнува на тоа повеќе да ги цениме семејните вредности. Колку со твојата сопруга ги учите вашите две деца Јан и Лина на морални вредности, почитување и споделување љубов и емпатија?
-Нашите деца ги учиме да почитуваат, да споделуваат, на вистински морални вредности, да разбираат што значи среќа, што значи кога нешто немаш, кога нешто многу сакаш да се трудиш да го добиеш. Денес децата се преплавени со најразлични информации од интернетот преку мобилните телефони и компјутери и за нас како родители кои сме пораснати во едно друго време, воспитувањето е голем предизвик. Се трудиме да направиме што е најдобро за нашите деца, како и секој родител.
ЖМ: Дали заедно уживате во новогодишното украсување?
-Јас многу би сакал да учествувам во украсувањето, но за жал поради мојата презафатеност оваа година Лина и Ана ја украсија елката.
ЖМ: Колку години сте во брак со сопругата и како се запознавте?
-Со Ана сме во брак скоро 13 години. Се запознавме на свадбата на Тијана Дапчевиќ и тоа беше љубов на прв поглед. Од тогаш сме заедно.
ЖМ: Колку еден на друг сте си поддршка не само во семејните обврски туку и професионално со оглед на тоа дека и таа е музичар?
-Да бидам искрен, доколку Ана не беше музичар не знам дали ќе имаше нерви и разбирање да ме толерира со моето темпо на активност. Таа разбира што значи посветеност во работата. Доаѓа од семејство на сериозни музичари и педагози каде музиката е на пиедестал и љубовта кон уметноста на пијанизмот и високата уметност воопшто. Нејзината поддршка во изминативе години е огромна и тврдам доколку не беше Ана покрај мене голем дел од настаните во мојот музички живот немаше да се случат. Јас понекогаш знам да „фатам“ нешто по дома, демек да средам … ама не ме бидува баш.
ЖМ: Колку години имаат Јан и Лина и какви афинитети покажуваат?
-Лина има 7 години и се однесува како и секое дете. Сака музика, играње, пеење, цртање, дружељубива е и љубопитна. Оди на балет и свири пијано. Многу сака да импровизира и да се зеза на пијано.
-Јан има 12 години и секојдневно имаме ситуации кои доаѓаат со 12 годишно дете. Многу сака видеоигри, да не кажам премногу. Има сериозен талент за музика и афинитет кон глумење. Вели дека кога ќе порасне сака да биде глумец, комедијант со образложение дека му одело „зборувањето“. Би можел и адвокат да биде, ама многу ќе имал работа со криминалци, па подобро глумец. Свиреше виолончело до пред некој месец, но поради преголема зафатеност со видеоигрите, реши да престане со изговор дека никогаш не сакал да свири чело. Сега знае и тој понекогаш да седне на пијано и да отсвири некоја музика. Во моментов е посветен на мечувањето и вели дека е многу среќен.
ЖМ: Неодамна на твојот Инстаграм сподели изненадување од твојата ќерка која имаше напишано на лист хартија „Тато те сакам“. Колку често твоите децата знаат да искажат емоција?
-Сите деца се многу чувствителни. Поготово во периодот додека растат и осознаваат нови состојби и нови чувства. Лина и Јан се исто така многу чувствителни и тие на различен начин ги искажуваат своите чувства. Претпоставувам мојот ангажман на професионален план кој понекогаш бара големо отсуство, има големо влијание врз нивната состојба. Учиме како да бидеме отворени и дома секогаш да си кажуваме сè. Често имаме изливи на најразлични емоции, претпоставувам како и секое семејство.
ЖМ: Колку се слични или различни Јан и Лина?
-Лина сака да ужива, да фантазира, да се откачува … Јан е реалист и има аналитички пристап на работите и добро ги констатира процесите. Имаат многу сличности поради генетските предодредби, но и огромни разлики кои ги прават посебни карактери.
ЖМ: Каков родител си ти, а каков сопругата? Кој прв попушта, а кој е построг?
-Нашите улоги дома се менуваат во зависност од ситуацијата. Најчесто таа е построгата, а јас попуштам. Има и ситуации кога е неопходно двајцата да не попуштаме и децата знаат да се збунат. Убавото е тоа што децата брзо и лесно ги надминуваат непријатните ситуации, а ние сме во постојан процес на учење како да се биде родител, бидејќи секој ден носи нов предизвик.
ЖМ: Постои ли еден посебен универзален рецепт за воспитување на децата?
-Јас сум убеден дека сите деца се раѓаат со генетски код преку кој веќе имаат предодредби за создавање на оригинален карактер. Ние родителите можеме да ги научиме децата на некакви основни процеси, но вистински да ги воспитуваме според некој наш замислен модел е невозможно и ќе кажам потполно погрешно. Ние како родители треба да им помогнеме на децата да си го најдат својот пат, но на суптилен начин, не со инсистирање на нашите желби и размислувања. Ова секако звучи лесно кога го пишувам, но во реалност е многу потешко и бара филозофски и психолошки пристап за полесно разбирање и пребродување на непријатните ситуации. Родителите своите желби, амбиции или најчесто фрустрации ги префрлуваат на децата, сакајќи да учествуваат во родителството, притоа несвесни дека прават сериозни нарушувања во развојот на децата. Истиот процес се провлекува и во образованието каде не се бара уникатност и оригиналност, туку се очекува сите да бидат исти.
ЖМ: Ред, дисциплина, почит, искреност … што уште би додал како карактеристики и навики кои треба да ги поседува едно дете за да порасне во нормална и здрава личност?
-Сите веќе познати добри карактерни особини е секако добро да ги поседува секое дете и родителите да наоѓаат начин како полесно да ги препознаваат и потенцираат убавите карактерни црти. Претпоставувам дека секоја возраст си носи свои побарувања и покрај домашното воспитување битно е и уличното воспитување кое е уште поискрено и немилосрдно. Спојот од овие две воспитни школи, доколку се погоди да се условно кажано „здрави“, би можеле да помогнат детето да порасне во здрава и нормална личност.
ЖМ: Во едно интервју имаш кажано „Најголемиот успех за мене е што имам семејство, се она што сум го работел изминатите години, доби смисла“. Колку семејството може да биде мотивација за полесно да се искачиш по скалилото на успехот?
-Кога се роди Јан кај мене се појави јасен фокус и потреба од голема промена. Се запишав повторно на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во отсекот диригирање во класата на проф. Борјан Цанев. Тоа се покажа како добар чекор кој ми отвори нови хоризонти на уметнички и професионален план. Почнав музика да слушам на друг начин и процесот на создавање музика природно стана покомплексен. Задоволството по некој голем успешен проект е поголемо доколку има со кој да се сподели. Секако радоста со соработниците и другарите е огромна, и вистинско уживање е дружбата со истите. Но за мене најголемото уживање е кога ќе се вратам дома во мојот „топол дом“ и кога ќе се гушнам со моето семејство. Покрај мојата природна потреба за музика, семејството е огромна мотивација за она што го работам со надеж дека давам добар пример за посветеност, ред, дисциплина, искреност, почит, самодоверба, самокритичност, љубов …
ЖМ: Што те прави среќен во последно време?
-Лина успешно промовираше еден процес каде сите дома заедно се гушкаме. Тоа за мене е непроценлива среќа и момент кога времето застанува.
ЖМ: Какво музичко уживање подготвуваш и што е она на што си сконцентриран периодов на професионален план?
-Изминатата година беше многу турбулентна и се случија многу убави работи како институционализирање и основање на Националниот џез оркестар со кој во изминативе години имавме одлични концерти во земјава и надвор. Бев дел од неколку концерти за кои имав прилика да учествувам во процесот на создавање на музиката заедно со Роџер Ино и Македонската филхармонија, настапот на Скопскиот џез фестивал со Јан Банг и Арве Хенриксен, концерт со Франческо Тристано, имавме и прекрасни концерти со детски хор каде ја свиревме музиката на Дисциплина кичме и секако неминовните концерти со ЗЏМ биг бендот.
Оваа година започнуваме официјално со реализирање на годишната програма на Националниот џез оркестар, каде ќе имаме прилика да се претставиме со различни програми, солисти и диригенти. Ова е историски момент за Македонија, бидејќи за прв пат кај нас се оформува ваков оркестар кој ќе се занимава со високо профилирана уметничка музика. Следат две нови аудиоизданија со Магичниот оркестар, настапи во странство, снимање на нови музички материјали кои се во фаза на подготовка. Со Националниот џез оркестар не очекуваат неколку турнеи на кои посебно се радувам.
Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Маја Аргаќиева/Приватна архива