Со една лименка или пластично шише до влезница на концерт на Констракта, Дина Јашари и бендот „Хајка“!

Добивај вести на Viber

Со една лименка или пластично шише како влезница, благодарение на Пакомак, во петок 16 септември, можете да влезете на концерт на Дина Јашари, бендот „Хајка“ а потоа и на настап на Констракта и бендот земља грува кој ќе се одржи на платото пред Филхармонија (плоштад Мајка Тереза), како дел од дводневниот фестивал „Звукот на Скопје“.

Првата вечер од фестивалот е во знакот на екологијата и поттикнувањето еколошки навики кај граѓаните. Целта е селектирањето на отпадот да биде дел од нашето секојдневие, од нашиот животен стил, а во функција на здрава и чиста животна околина.

Убаво е чувството кога две традиции ќе се спојат во една, „Звуците на чаршијата“, сега „Звукот на Скопје“, се одржува веќе 16 години, а нашиот концерт „Sound of green“ се реализира по десетти пат годинава и одлучивме заедно и партнерски да работиме со КИЦ. Идејата е да има добра забава, но и едукација на младите за екологија и за селекција на отпад. Влезницата за тој концерт ќе биде едно пластично шише или една лименка. Бендовите, добрата музика и забавата ветуваат дека ќе привлечеме публика и да испратиме еколошка порака од целиот фестивалрече Ико Брдароски од „Пакомак“.

Истиот ден како дел од фестивалот низ чаршијата ќе бидат бендот „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“ ( Diaz Wojtas Duo), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ (MASEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет ( Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto).

Плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред зградата на Филхармонија, паркот Ибни Пајко и неколку други места во чаршијата и следниот ден ќе бидат локациите на кои ќе се одржат музички настапи, изложби, театарски претстави, поетски читања.

„Љубојна“, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла“, „Foolish Green“, „Брука бенд“ ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза“ ( пред Филхармонија), а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите „Баклава“, Дориан и Добрила, „Перија“. Во рамките на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц, истакна Антонио Димитров, директор на КИЦ, кој го најави најновото издание на Фестивалот.


ПР објава