Со фитнес ослободува стрес, трчањето ѝ е страст: Која е Нина Ангеловска, идната министерка за финансии
Јавноста ја знае како основач на Grouper.mk и претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Нина Ангеловска од вчера е актуелна како идната Министерка за финансии, по објавувањето дека ќе биде предложена за оваа функција од страна на премиерот Зоран Заев.
За Женски магазин, оваа шарматна дама неодамна зборуваше за себеси приватно.
„ Денот ми почнува брзо и организирано, без „snooze“. Немам проблем со станување, а најчесто станувам со истата мисла со која сум легнала претходната вечер. Првото утринско кафе го пијам сама додека го планирам денот и ги прелистувам обврските на дневната агенда. Многу важен дел од денот ми е спортската активност, па најчесто ако е вторник или четврток денот го започнувам со кратко 4-5 километри трчање од каде црпам енергија, а ако е некој од другите денови во неделата денот го завршувам со мултифункционален фитнес тренинг каде се ослободувам од било каква негативна енергија и стрес“, раскажа Нина која блиските ја опишуваат како голем поборник на спортскиот живот.
За да може успешно да се префрли од една на друга одговорност и да е истовремено ефикасна во тоа, за неа е клучна прво пасијата, па капацитетот и желбата за учење нови работи.
За нејзиниот успех, таа вели дека најмногу е заслужна мајка ѝ која ја научила многу нешта.
„ Мајка ми од мала ме учеше дека знаењето е единственото нешто што никој не може да ни го земе и дека треба да бидам најдобра во тоа што ќе го правам. Така на пример на 4-5 годишна возраст ќе ме однесеше со неа во банка и додека чекавме ред ќе ми објаснеше што е уплатница и фактура. Ако нешто не забележев, ќе ме подучеше „Мора да си ачик, да забележуваш се околу тебе“, се сеќава Нина на детството.
Според неа, гледањето мотивациски видеа креираат привремена инспирација, но не и долгорочна мотивација.
„ Верувам дека мотивацијата е сила која доаѓа од внатре, која предизвикува акција и сите ние ја носиме или креираме во себе и за себе. Затоа мислам дека секој треба да си го најде својот извор на мотивација и добро да се грижи за него“, порача Ангеловска.
Минатата година, таа беше избрана од „Форбс“ и се најде на “30 under 30” листата од триесет најдобри претприемачи на ниво на Европа.
За компанијата „Групер“, таа вели дека се појавила во вистинско време на вистинско место. „ Во време на економска криза кога сите бараа начини да заштедат, кога во земјава не постоеше еден веб сервис од ваков тип, попустите се покажаа како одличен поттикнувач за многу граѓани да го направат своето прво онлајн купување“, раскажа Нина за својата гордост.
Предлогот од премиерот, таа го гледа како шанса да биде предводник на промени во земјата во која ја планира и својата иднина. „А честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска. Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство, да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна фукнција“, напиша Ангеловска на својот Фејсбук профил.
Нина со партнерот
„ Вечерта ми минува динамично и скоро секој ден различно, ама скоро секогаш со партнерот. Некогаш работно до подоцните часови во канцеларија или дома, некогаш со вечера во друштво, некогаш со вежбање, некогаш со пијачка и советување со мајка ми“, раскажа Нина за своите дневни ритуали.