Со кастрилката би им ги исекла сите прсти, на сите до еден од случајот Онкологија
Имам една ножица - кастралка на работа (во цвеќарницата нели), која ја користам за поткастрување ружи, други подебели гранки, со неа сечам и пластика, понекогаш и метални прачки. Сече сѐ. Уплав имам од неа, оти си велам, немој некогаш во брзината на правење букети и аранжмани, да си дофатам и некој од мојте прсти. Уплав имам од неа, ама не постои друга опција за кастрење тврди и подебели прачки и гранки. Единствено таа може да исече сѐ. Па дури и прсти.
Е, со неа би им ги исекла сите прсти, на сите до еден од случајот Онкологија. Око не би ми трепнало.
Не, не у затвор.Не! Малку е тоа. Сечење прсти.
И не само нив! Они се сега актуелни, бидејќи другите “актуелности“, ги ташкаме и преџвакуваме ко помија свињи. Е така се чуствувам. Ко да ме џитнале у кал, полна со помија и морам тука да се валкам и да јадам и блујам истовремено.
Овие “од горе“, ми викаат те смени устав, те знаме, те химна, те име, те триста пичкематерине…(да ми извините на израз)
А овие “од доле“-нашиве, мува не ги лази и супер им доаѓа тоа што овие “од горе“ душата со памукче више ни ја извадија и крвта капка, по капка ни ја испија.
Не! Мува не го лази, бидејќи тие градат кариери, “градат“ банковни сметки, градат куќи и палати. Сѐ на сметка на тоа.
А кула една од карти не знаат да направат мамичето нивно мамино. Бидејќи од таму се дојдени од атар со кал и помија за свињи.
А “ние“, што ќутек јадевеме “стотка“ ако земевме од ташната на мајките, ко мрднати некој, не ни можевме да претпоставиме, дека како тие доаѓаа од калта со помија, дека така нас ќе не тураат сите еден по еден во таа нивна кал. Е така! Стојме простум сите ние, а тие не буткаат еден по еден. Ко Самоиловите војници. Исто. Секој 100ти од нас, случајно ќе се спаси.
Ах, како би им ги исекла прстите со кастралка. Сите прсти и на рацете и на нозете. За нит да можат да одат, нит да јадат и пијат.
Да се угушат во сопствениот измет и гној.
Сто пати до сега сум сакала да напишам дека “додека не се обеси некој на плоштад“, од нас ништо нема да биде. Баба ми стално така викаше. Имаа тоа бабите наши такви “чудни мудрости“ да насетат лопови и животињи.
И на секоја таква реченица, мајка ми ќе ми рече-“немој не пишувај така, не те личи!“
И ајде, бришам јас. Сѐ некој други контексти барам да напишам нешто на овие теми, бидејќи не личи да псуеш, да вреѓаш, да се закануваш…
Демек сѐ со арно. Доброто ќе го победи злото. Тој тебе со камен, ти него со леб. Тој те мава по еднит образ, ти намести му го другиот.
Да се согласувам. Вака треба да биде ова. Ама со луѓе! А не со стока-животинска.
Божеее, како ми иде сите да се постројат еден по еден и да им се сече прст, по прст со кастралка. На секој стоти по еден прст да му се остава.
Ах Тања, Тања… Погледни сѐ што пишуваш…
Абе срце ми се кине, солзи ми течат, душава со јад и чемер ми е полна во моментов.
Ем, се срамам, ем, бес ме мава, ем душата крволочна ми е. Очите крв црвени. Мамичето ваше маминио. Да ме доведете во ситуација, вакви гадости да пишувам.
Ах, како би ве сотрела. Ѓубриња ни едни бездушни.
Три работи фатив да работам. Ко мрдната трчам по репортажи, по колумни, по цвеќиња, по свадби, крштевки и погреби за да не ве гледам и да не ве слушам. И да заработам, за да можам ко чоек да живеам, во оваа држава што станува најскапа у свет.
Сфатив дека не можам да се исселам оттука. Сфатив дека не можам да бегам. Ни од себе, ни од роднава ми грутка. Си реков, ќе работам ко коњ, само за да си го направам сопствениот свет розов.
И не ми давате, и не ми давате. Аир да не видите мамичето ваше мамино.
Прстите, прстите со кастралка треба да ви се исечат. Да вриштите од болка.
Така, како што сеа вриштат сите, што им станува јасно, како сте им ги умреле најблиските. Деца, мајки, татковци, сестри, браќа, мажи, жени…
Божееее. Можно ли е ова!?
Се иштипав цела. Се штипам триесет години веќе, сакајќи да се разбудам, од овој лош сон.
Кој сте бре вие бре. Кој сте бре!!??
Која мајка ве роди, кој татко ве направи?
Да не може човек ни на ракометари да се израдува, на фудбалери, ни на одбојкариве сега…
Срцето ми препукна оној Никола Ѓеорѓиев, коа им рече на цела сала химната да ја пеат. Сите заедно, во еден глас.
Знаете ли бре вие каков момент е тој!? Знаете ли бре мамичето ваше мамино.
Дечкото нит знае да пее, нит би се усудил така пред роднини-дома да земе микрофон… Сигурна сум.
Го понесе љубовта, желбата, срцето… Душата си ја извади тука и ја распосла. За кого!? За Македонија!!!
За вие ко најкрволочни крвопијачи да се сладите со таквите души. И пари да броите…
Ах еден по еден у пекол да горите.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазинКолумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: