Од дете го паметам овој израз, а за кој бев сета во прашалници оти го сфаќав буквално. Се сеќавам дека кога ќе речеа моите за некој дека е со крстот на чело, упорно се обидував да се сетам дали човекот навистина имал крст на челото кога сум го видела последен пат. Отпосле, кога веќе бев повозрасна ја осознав суштината на изразот и го сфатив неговото значење. Порано, да си со крстот на чело или да бидеш прогласен за човек со крстот на чело, беше привилегија. И не само привилегија, туку и гордост. Тоа значеше дека е човекот чесен, дека образот и името му се чисти и без дамки од било каков криминал или скандал. Чинам дека сите имаа една тивка стравопочит кон чесноста, која значеше многу повеќе од печалење пари. Образот да ти биде чист и за пример беше поважно од тоа стомакот да ти е полн. Да се ородиш со фамилија во која луѓето се со крстот на чело, беше поголема работа од тоа да се омажиш или ожениш богато.
Во времето на нашите баби и дедовци, честа и чесноста беа алфа и омега за се’. Не дај Боже да видиш како некому паднале пари, а да не се стрчаш да му ги подадеш. Скраја да е ако најдеш новчаник, а да не истрчаш до најблиската полициска станица за да го најдат човекот кој го изгубил. И по правило, секогаш се враќаше полн, со парите и документите внатре. Не дај Боже да се возиш во автобус и ако има повозрасен или бремена жена, да не станеш од столчето....тоа беше голем ерес. И не дај Боже да те дознаат дома ако не си испочитувал нешто од непишаните норми, оти настануваше вистинска драма. “Не те воспитував да си апаш”, “На што личи тоа” итн. оти секогаш вистината излегуваше на виделина. Едно процедено “срам да ти е” од мајка ми и татко ми, ме болеше повеќе од раните на колената кои ги имав заработено од паѓање од велосипед или ролшуи (тука ќерка ми превртува со очи, оти нели тоа ролшуите се старомодни).
Ако направам една ретроспектива, од аспект на чесноста и “крстовите на чело” многу ми недостасува минатото. Не ми недостасуваат моментите со кои секогаш сме ги ставале другите пред нас и нашите потреби, или моментите кога сме биле робови на туѓото мислење. Не ми недостасува потресеноста што ќе си помислат комшиите, ама ми недостасува питомоста на времињата во кои кротките и чесните беа ставани на пиедестал. Денес некако се извитоперија работите. Стана смешно да се водиш од чесни побуди, наместо од користољубие. Микро светот во кој секој од нас битисува не смееше да стане изговор за да прифатиме се’ и сешто што ни сервираше светкавиот Запад, кој само блеска однадвор додека однатре гние. Сите ние кои паметиме како било пред 20 или 30 години, знаеме точно за кои времиња зборувам. И еве не’ денес како се прпелкаме ко риби на суво во свет во кој има се’, ама се’ помалку ги има луѓето со крстот на челото.
Немате претстава колку силно се радувам кога ќе прочитам по социјалниве мрежи дека некој нашол нешто изгубено и повикува на помош да се најде човекот кој го изгубил или кога ќе прочитам како во продавница некој помогнал на повозрасен со кесите. Ме радува кога прочитав за сведоштво кога детенце немало доволно пари за тоа што купило, па се нашол некој во редот кој ја доплатил разликата. Таа питомост, непретенциозност, таа желба да се излезе во пресрет оти никогаш не знаеш што може и тебе да ти се случи, ме остава без збор. Во морето полно ајкули кои не водат сметка ни за домашните, а не па за непознати сепак има ЛУЃЕ. Во морето во кое владеат правилата на “удави некого за да испливаш на површината” да се најдат оние кои се со крстот на чело е исто како да ви се падне на лото. Ако порано им се потсмевавме на оние кои беа лажговски и арамии, сега истите стануваат пример за тоа дека парата ги сака повеќе таквите, но и дека тие поминуваат полесно низ животот. А за жал, ова е консумерско општество во кое си никој и ништо ако немаш пари.
Но дали е навистина така?
Дали и колку сме спремни да се продадеме за грст алтани, оти сепак ништо не носиме со себе на оној свет. Но, да имаме на ум дека кога заминуваме сепак оставаме нешто на светот по што ќе бидеме запаметени. Изборот е многу едноставен, или ќе оставиме да не’ памтат по арно или по лошо. Па не џабе се напишани еден куп книги и се снимени едно чудо филмови во кои јасно се кажува и покажува оти секогаш добрината раѓа добрина. Душава ја имам исплакано на филмот Pay it forward и на краткиот филм Give in to giving. Ниту една работа како родител не ме прави повеќе горда од мигот кога Нина ќе ми рече “да купиме храна за бездомници” или “организиравме донации на училиште”. Да, горда сум на успехот во школо, на дипломите ама сето тоа станува второстепено кога ќе видам дека станува човек кој ќе е со крстот на чело.
Немојте да мислите дека не сум свесна оти крстот на челото се смета за наивност, па дури и за глупоштина. Не мислете дека не знам оти и’ оставам во аманет да оди по потешкиот пат и на тој пат да налетува на едно чудо луѓе кои ќе бидат сосем различни од неа. Не сум улава за да не сум свесна оти во многу наврати и ќе ме опцуе што сум ја насочила по патот по кој поретко се оди. И некогаш си велам дека ја имам оплескано целата работа и дека повеќе ќе се намачи низ животот што е ваква каква што е.
И тогаш ќе се завртам околу себе. И ќе ги видам луѓето кои блескаат од убост која им извира однатре. Луѓе чии крстови на челата светат како ореоли и кои се топли, свои, убави. Во тој миг знам дека сум постапила токму онака како што треба, дека сум оставила семе во плодна земја од кое ќе никне раскошно дрво. И не ми е веќе мака, не ми е криво. Оти ги има, верувајте ми оти ги има таквите кои нема да ви истераат очи со претенциозност и нема да им го слушате викањето, оти се скромни и тивки. Таквите чекорат смирено и кроце, попатно пружаат рака за да кренат некого од калта без да се плашат дали ќе се извалкаат. Знаат да се појават токму тогаш кога вербата и довербата во луѓето ви е на умирачка и да ве утешат. Знаат да ви го оплеменат животот, да ве охрабрат и да ви дадат надеж. Оти знаете, сепак на крајот секој од нас си ги пронаоѓа сродните души, порано или подоцна. И ако некогаш децата во лутина ви кажат оти сте ги воспитале погрешно (алудирајќи на чесност) со оглед на џунглата надвор, не им земајте за зло и не им фаќајте кусур. Ќе сфатат еден ден...тогаш кога ќе се фатат себеси како им ги всадуваат истите вредности на своите деца.
- Добрината е јазик што глувите го слушаат, а слепите го гледаат-Марк Твен
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат оти што ќе посадиш
Тоа в градина ќе ти никни
Чунки од садница рози црвени
Плевел не ќе се исправи непоканет
За земја да измачи
Да не се искорени никојпат до крај
Оти плевел самоникнат
Само штета знае да стори
Велат оти се’ почнува од зрно
Дури и највисокото дрво
Та и најразгрането да е
Од едно ронче љубов никнува
И од неа високо угоре кинисува
Чунки небото ќе го стаса
За да ги разбуричка облаците
И да го прелаже дождот
Велат оти и за нас луѓето
Исто било како со растенијата
Што ќе посадиш во чоек
Дур уште мал и млад е
Тоа во него ќе из’рти
И таков ќе се стори
Оти од љубов, љубов се раѓа
И од зло, само зло никнува
Та знам оти во овој свет поган
Кротките и питомите полошо врват
И за потсмев секому служат
Ама пусто, пусто душава не ми дава
Зад себе зло да оставам
И сува земја без семе од арнина
А озгора со верба полиена
Или барем ронка надеж
Оти поарни времиња ќе дојдат
А со нив и поубај луѓе
Кои плевелот ќе го откорнат
И нешто свое
Нешто кое ќе трае да остават
Велат оти што ќе насадиш
Само тоа ќе ти никни
И дека милост без милост не извира
Ниту кроткост без кроткост бива
Та еве, еве ме кај се думам
Како од едно коренче
Цела шума љубов-дрвја да изникнат
За да има, за да се најде некому
Тогаш кога верба ќе изгуби
И клетви ќе му дојди да реди
За да се сепни и љубов самиот да насади
Оти само од љубов
Љубов ќе никне, љубов ќе порасне