Со љубов, ама и со ум

Добивај вести на Viber

Замислете дека ви се случува љубов, токму таква каква што сте биле убедени дека постои само во приказните. Голема, вистинска љубов (ова “голема и вистинска” е по ваши критериуми) која ве исполнува целосно, во која се чувствувате удобно и свои, заштитени и безбедни. Кој имал среќа да ја доживее знае за што зборувам,оти е ретка и скапоцена. Башка, некако се изместија времињава, па станува дискутабилно колку знаеме да ја препознаеме, колку имаме храброст да ја живееме или колку животот не’ огрубел па бегаме од неа ко ѓаол од крст (под знак прашалник е дали воопшто може да се избега). Ако треба да кажам за себе, со сиот багаж зад мене собран во искуства и години, не знам баш колку имам капацитет да се вложам во тој предизвик или можеби само си наоѓам изговори кои нема да важат ако ми се случи како гром од ведро небо.

Нејсе, да се вратам на моментот “бааааааам, љубов”. Како и во секоја љубовна приказна, после меѓусебното запознавање и “пеглање” на табиетите за да функционирате еден со друг, доаѓате до моментот кога идејата за брак ви изгледа сосем прифатлива и нормална. Минале години, го знаете човекот, му ги знаете сите добри и лоши страни, некојпат ви доаѓа да му ја влепите една (па и повеќе), ама длабоко во себе знаете дека тој е ТОЈ. А ТОЈ не дека секогаш ја обожува земјата по која газите, но е убеден дека сте вие ТАА со која сака да го мине животот. Без идеализирање, без лажна слика еден за друг. Едноставно, заедно сте посилни, подобри и кога ќе ја повикате пред себе сликата за тоа какви ќе сте во следните 20-30 години, секогаш го гледате и него до себе. И еден ден си велите дека сте спремни за големото ДА, кое ќе претставува отпочнување на нова етапа во вашиот живот.

Се припремате за свадбата, попатно минувајќи од фаза на еуфорија до нервоза ако работите не одат како подмачкани, а ретко одат баш така. Низ годиниве сум присуствувала на многу свадби и секоја била приказна за себе. Некои биле правени со сите адети, некои наликувале на коктел забави, имало и такви кои биле журки, но и комбинирани со ручек за најблиските и потоа забава за пријателите. Кај блиски луѓе сум била сведок дека припремите можат да бидат песна или мачење, зависи од спремноста дали биле доволно истрајни да си го истераат тој чин според нивната замисла. А не ретко, замислата се разликувала од таа која ја имаат родителите кои се воделе од традицијата да се отчестат секаде каде што некогаш биле викнати на свадба. За разлика од сега кога многу вакви веселби се прават порастеретено, памтам дека порано беше сосем поинаку. И кога велам поинаку, не мислам на тоа дали било полошо или поарно, туку дека беше сосем природно главниот збор да го имаат постарите (оттука е онаа изрека дека свадбата е всушност за да прослават родителите, а не младенците). Списоците за гости наликуваа на долги фермани во кој се точкаа имиња на луѓе кои или не ги познавате или сте чуле за нив еднаш и толку било. Се сеќавам на една свадба на моја пријателка која сета исцрпена седна на масата на која бевме собрани друштвото кое излегувавме заедно и рече “повеќе од пола луѓе немам врска од која страна се, дали од моја или од негова”.

Како и да е, вечерта секако ќе помине. Она што ми останало во глава од секоја свадба, без оглед дали била традиционална или не, било дека главните честитки секогаш се сведувале на имање љубов. Дури и деновиве кога на ФБ ми се појавија слики од еден преубав пар кој се венчал, забележав дека скоро сите коментари беа посветени на љубовта. “Секогаш вљубени”, “да ви трае љубовта”, “вечна љубов”.  Не ми земајте за зло, ама кога е бракот во прашање чинам дека умот е тој што е најважен, оти љубовта секако ја има. Впрочем, таа била причина за бракот. Е да, ќе речете оти има и други причини за склучување брак, но сепак во колумнава ќе останам на страната во која верувам и ја разбирам, односно љубовта.

Она за што никој не не’ спрема во реалниот живот или не сме сакале да го сфатиме/прифатиме оти ни се чинело дека е премногу деградирачко за чувствата кои ги имаме кон партнерот, е дека никогаш љубовта сама по себе не е доволна. Ок, се сакаме до небо и угоре. Ок, ќе си гугуткаме додека ни е тазе еуфоријата оти сме се земале или додека не се слееме во секојдневието. Еве, не мора и да е брак, нека биде долга врска или заедничко живеење. Но, што потоа? Што после деценија или две? Како да се одржи она парче магија кое не’ споило со реченицата “додека смртта не не’ раздели”, како да се остане на патеката на која сме тргнале без да скршнеме во ќорсокак. Да, веднаш ќе се сложам оти таа патека не е автопат и дека низ годините сама се дефинира на каде ќе тера, но сепак, идејата на секој од нас кога го почнува тоа патешествие е дека истото би било убаво да трае. Е, тука доаѓа умот, иако ич не звучи романтично. Скоро е неверојатно како ја идеализираме брачната заедница или живеачката под ист покрив (и не мора да е брак) додека не ја вкусиме. А вкусот не е секогаш егзотичен и “њами”. На трпезата која носи име НИЕ (со пусулче или без), има се’ и сешто. Од мед и млеко, до....не, нема да кажам она што мислите, ќе спомнам само дека има и вкусови кои прават мачнина во желудникот и кои не ги поднесуваме. И си бара работа и труд, оти сува љубов тешко да ќе опстои без да ни се испотат задниците. И не дека има формула или дека ќе фрлите паричка во бунарот за желби, не дека и покрај сите ваши напори ќе имате секогаш супер фитбек, не дека нема којзнае колку пати да ви дојде да кренете раце и да си кажете “абе ај, не се гњавам веќе....доста ми е”. Но, поентата е токму во тоа, додека има љубов да се одржува и да се негува. Мене и на многумина не ни успеа. На крајот од денот, со сила убајна не бива а кога веќе доаѓаме до чинот “збогум”, да е барем пријателски и достоинствен, да не речам со човечка љубов меѓу двајца кои биле заедно одреден период од нивните животи.

И можеби грешам, но се’ ми се чини дека голем пропуст е што кога ќе го добиеме пусулчето дека сме венчани, се однесуваме како најголемиот дел од работата да е завршен. Таа ноншалантност со која генерализираме дека “сите бракови се такви” ако не сме задоволни и среќни, не’ води до она другото пусулче на кое пишува “пресуда за развод”. Напротив, со чинот на стапување во брак почнува секојдневната работа на односот кој ќе е ставен пред тестот околу нервози за пари, сметки, одлуки за деца, умор, раздразливост, угорници и удолници, каде на одмор, љубомори, односи со фамилијата на сопругот/сопругата, навиката која ја нагризува љубовта, искушенијата кои се секогаш толку примамливи и светкави. Токму во тие и такви мигови, треба да се сетиме на љубовта која првично не’ споила, а потоа доаѓа акалот за да поработиме на неа и да и’ го вратиме сјајот.

Бракот не е како имањето деца, еднаш засекогаш и безусловно. Безусловно можам да ја сакам само ќерка ми и никој повеќе, дури ни себе. Не земам здраво за готово она што ми се дава, оти на оваа возраст знам дали нешто вреди и колку, исто како што знам колку сакам и можам да дадам. Ако ми се случи некое “будење” од зимски сон, ќе ви раскажам дали сум била мудра да го применам стекнатото искуство. Оние кои веќе биле во брак и се пред нов, а ист таков предизвик, верувам дека научиле нешто од првото искуство и дека ќе знаат како да не ги повторат грешките од минатото. На оние кои допрва ќе стапат за првпат на “лудиот камен” (многу ми е смешен изразов, ама кога ќе размислите подлабоко сепак има некоја симболика) или кои се тазе земени, ви честитам од срце. Да ги терате работите со ум, оти љубов ви се гледа од очите и насмевките. Да бидете мудри и да знаете како да го задржите тоа што ве направило среќни со човекот со кој што сте и со кој сакате да остарите. Да памтите и тогаш кога ќе е најтешко дека не џабе сте го одбрале токму ТОЈ човек и дека не џабе тој знаел дека сте ТАА жена. На крајот на денот, ако верувате дека љубовта победува се’, тогаш дајте се’ од себе за да ја имате таа верба до крајот на животот.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Има луѓе по калап еден за друг праени

Или барем така на прв поглед се чини

Ги гледаш отстрана дека ко едно се

Тој косата и’ ја подместува

А таа костумот од трошки му го зачистува

Секое утро кафето заедно го шмркаат

И пред секој низ врата да излези

Под совршен агол по еден бакнеж си делат

Та квечерината дома ко ќе си дојдат

Седнуваат на трпеза

За да си раскажат скржаво

Како денот на секој му изврвел

Да си ги почешаат јазиците со досадни шеги

А потем

Тој весникот в раце го фаќа

А таа панталоните со цакса му ги пегла

И молчат

Дур телевизорот на најсилно пуштен е

Та се лажат еден со друг дека слухот ги напушта

За да не се слуша тишината меѓу нив

Која баботи како на времето срцата ко им баботеа

Дур телата в постела им се потеа

И еве ги спастрени

За меѓу луѓе стокмени

Со заштрафени насмевки и запотени дланки

Тој столчето и’ го подместува

(а напати му дошло во последен миг да и’ го тргне)

Таа му заблагодарува дур забрзано со очите трепка

(а во себе помислува оти можела и подобро да се омажи)

Еден со друг речениците си ги завршуваат

За пред другите

За брука да не пукне

И повторно молкот во срцата им се пика

Кога дома во глува тишина се прибираат

Грб со грб свртени в кревет легнуваат

И двајцата во ѕид се џарат

Без ниту една мисла еден за друг

Празни и уморни небаре уште тројца на плеќи носеле

И личат однадвор ко да се по калап еден за друг праени

Дур не се загреби по површината

За сета тага на виделина да излези

И како разбуден вулкан пеплосани да ги остави

А има

Ете и други, подруги има

Ах

Има и луѓе за кои да се чудиш како заедно се

Различни ко небо и земја

И викаат еден на друг

Како кога таа во ПМС сакаше да го задави

Или кога тој сакаше косата да и’ ја искуби

Викаат и се џавкаат

Како снаа и свекрва гласно се расправаат

Ама пусто

Еден без друг не можат

И заедно секоја ноќ во постела си легнуваат

И тогаш таа ко мачка почнува да преди

А тој како паун пред неа да се дуе

И се љубат

Се љубат со сета сила во нив што клука

И се бакнуваат како никогаш до тогаш со усни да не се допреле

Гладни еден по друг облеката набрзина ја слекуваат

И итаат за да се спојат

Ко никогаш да не ќе се разделат

Има луѓе

Кои едни со други среќни се

И петпари не даваат за комшиите шо мислат

Оти ними арно им е дур се љубат

И од оние другите

Осудени едни со други да остарат

И до смртта да не се најдат

Ниту пак среќни да бидат

Едните во љубовта несовршени

А другите во глумата совршени

Дур завесата со трескот не се спушти

И претставата не заврши

Како животот што бадијала ќе им замини