Со Мелани го изненадивме Јохан, тој е смислата на мојот живот: Соња Тарчуловска се враќа на фолк-сцената со песна од ќерка ѝ
Соња Тарчуловска, познатата фолк-пејачка по осум години пауза, најавува враќање на музичката сцена, со песна чиј автор е нејзината ќерка, Мелани. Низ интересна приказна, Соња која е мајка на три деца: Мелани, Младен и Јоана, раскажува за нејзиниот живот во овој период, за сопругот Јохан и за тоа како го изненадила кога решила повторно да запее. Соња вели дека кога за првпат ја слушнала песната од ќерката, заплакала и си рекла дека сега е вистинскиот момент да ја испее.
*Кога последен пат си пеела на домашен фестивал, кога последен пат си снимила песна?
-Последен пат на сцена се појавив во 2014 година на „Фолк Фест Валандово“ каде што ја испеав песната „Моја Библија“ и тоа беше мојата последна снимена песна, но и периодот пред тоа не се појавував често на музичката сцена, ме имаше па ме немаше.
*Најави враќање на сцената со песната „Ватрена“, а за новата песна велиш дека ја напишала ќерката Мелани, која е успешна мачда пејачка. Како се случи тоа Мелани да е автор?
-Перидов напорно работам на мојата нова песна и видео спот кои што набргу ќе бидат презентирани на публиката, а песната „Ватрена“ на социјалните мрежи ја искористив како музички сингл во позадина со фотографиите од снимањето на новиот спот како најава на тоа што ќе следува. Мелани не е автор на песната „Ватрена“, туку на мојата нова песна што ќе излезе. Новата песна е инспирација на Мелани, која што веќе долго време ме провоцира да се вратам на македонската музичка сцена. И бидејќи ги игнорирав нејзините провокации, еден ден ми рече: Сакам да слушнеш нешто што ќе ти отпеам и ми го испеа целиот текст, а јас со солзи во очите реков, ова ќе биде хит кој што мора да го снимам.
*За каква песна станува збор, како се чувствуваше додека ја пееш, за чиј пазар е наменета?
-Песната е светски познат инструментал, кој што е преработен и препеан од многу музички изведувачи во различни земји, но текстот што ми го напиша Мелани несомнено ќе биде најубавиот урбан фолк денс. Тоа е песна која што ме натера да се издигнам како „Феникс“ и ми ја пробуди мојата енергија, развивајќи една приказна, филм дека станува збор за еден голем Хит. Ова одамна го немав доживеано. Станува збор за урбан фолк денс, препознатлив во мој стил. Песната ја изработи Дејан Момировски, мој долгогодишен соработник од студиото XXL, а текстот е на Мелани.
Кога влегов во студио за да ја снимам песната се почувствував како Соња, Соња која што знае што сака и што бара. Се почувствував дека ја пеам пред цела Македонија. Песната е наменета за македонскиот пазар, бидејќи долги години наназад добивам безброј реакции и прашања кога ќе запеам повторно, и ете јас со оваа песна сакам да ја испочитувам мојата публика, а воедно и да се оддолжам со овој нов Хит.
*Изгледаш поинаку на новите слики на социјалните мрежи, менуваш ли имиџ?
-Јас и во минатото константно менував имиџ, бидејќи мојата професија е уметност, а уметноста бара и поддржува уникатност и сум сигурна дека тоа го постигнав со новиот имиџ.
*Што вели Јохан на оваа твоја промена и желба да запееш?
-Јохан отсекогаш бил заљубен во мене без разлика на мојот имиџ, а песната ја слушна откако веќе ја испеав и снимив во студио. Тој е мојот најголем поддржувач, но со Мелани заедно сакавме и се договоривме да го изненадиме. Кога ја слушна песната беше многу изненаден и ми рече: Ете ова е мојата Соња!
*За Јохан многу пати имаш кажано дека е твојот ветер во грб, што е она што најмногу го сакаш кај него?
-После сите овие години Јохан не е само мој партнер и ветер во грб, тој е мојата љубов, маж кој несебично секој ден ми покажува како се сака и колку е животот убав, сакајќи ме со сите мои маани и доблести, а воедно е и прекрасен родител. Поточно сите овие поминати и идни години тој е смислата на мојот живот.
Милица Џаровска