Со позајмени 280 денари се вратив од Прилеп во Скопје, бев депресивна, но одлучив да се борам: Елена Петреска ја раскажа животната приказна
Пејачката Елена Петреска е еден од нашите најдобри и најуникатни женски вокали. Иако во последно време е послабо активна на поп-сцената, музиката е и понатаму дел од нејзиниот живот. Таа е вработена во Националната опера и балет како дел од хорот, и иако не го исполнија сонот на нејзината мајка да стане оперска пејачка, таа е среќна во средината во којашто работи. Елена за првпат јавно, зборува за тешкиот период од нејзиниот живот, од анскиозноста, до незадоволството од самата себе кое ѝ го донела поп-музиката, до исклучително тешката финансиска состојба во која се наоѓала. Во еден период, таа била приморана од Скопје каде што студирала да се врати во родниот Прилеп поради немање средства да се издржува, и вели дека назад во Скопје дошла со позајмените 280 денари од нејзиниот тетин. Елена е денес во брак со Андреј Толевски, мајка на Михаел и на Софија, но како што вели ничиј живот нѐ е мазен ниту совршен колку и да изгледа така.
*На твојот Фејсбук профил објави статус во кој велиш дека си ја загубила самодовербата и си станала анксиозна. Во кој период медиумската експонираност те направи несигурна, зошто ја загуби самодовербата?
-Не можам да кажам со сигурност. Ете, тој е периодот во кој јас изгубив самодовербата зошто тоа се сплет на ситуации и околности кои малку по малку ме влечеле надоле. Од мала сум на сцена, го сакам тоа што го работам, тоа е мојот живот. Но, кога почнав да се појавувам на телевизија и да се гледам од страна се’ некако стана различно, прво мојата нефотогеничност. По првата моја насловна страница ме виде една водителка во живо и ми кажа: Не дозволувај веќе да те сликаат! Тоа за мене во тој период на почетоци беше шок. Па, оттаму дојде и мојата идеја дека не сум доволно убава за да бидам на ТВ, па никогаш не сакав да си ги гледам настапите и гостувањата во емисии. Едно чудно време беше тоа, па се убедив дека треба да ги заслужам вниманието и љубовта со некој посебен критериум.
*Како дојде до тоа да чувствуваш дека сите се подобри од тебе, со оглед на тоа дека си одличен вокал, успешна во својата работа, имаш хармоничен семеен живот?
-Кога веќе ја почнав целата оваа приказна со статусот еве ќе прозборам отворено, иако никогаш не сум сакала и не сакам да звучи патетично, зошто на сите ситуации кои сум ги поминала гледам како на мои животни лекции преку кои растев и сѐ уште растам.
Првиот таканаречен шамар беше кога заради финансиската состојба во која западнавме морав да се вратам во Прилеп и да ги прекинам студиите на Музичка академија. Бев разочарана и депресивна, но одлучив да се борам, секогаш се сеќавам на тие 280 денари за автобуска карта кои ми ги даде мојот тетин и со кои се вратив назад во Скопје и почнав да пеам за да заработувам за живот. Имаше моменти кога немав денар во џеб и кога го допрев дното, но фала му на Бога, и на мојата мотивација, работа на себе и трудољубивоста, почнав да се качувам на скалата да стигнам до нулата, зошто таму кај што бев беше минус. Не се откажував никогаш, се борев постојано, одев на фестивали, на настапи, некогаш со позајмени фустани, со сандали фарбани со боја, со фустани направени од марами, зафатени со безопасни, кои сама си ги изработував. Се сеќавам на Охрид фест кога победив со песната “Галебе” а едвај отидов на фестивалот со 500 денари во џеб… сега си се чудам на храброста и самодовербата која ја имав.
После секоја напорна работа за сѐ да изгледа и звучи како што треба (онолку колку што дозволувале условите) тешко ги поднесував лошите коментари, поготово кога почнав да ги читам коментарите по социјалните мрежи, коментарите на Јутјуб, за моето пеење, за мојот изглед, тешко ми паѓаа и коментари од опкружувањето во некои периоди од животот и што секој си даваше за храброст да ме анализира, да напише се’ и сешто за мене. Не бев подготвена за тоа, бев мала и неискусна. Кога си оставен сам на себе, кога немаш ветер во грб, многу е лесно да создадеш пакт со негативните коментари и да ги присвоиш како да се твои, па од тука и почнува сомнежот во себе и во своите можности.
Но, пак ќе кажам, има некоја сила која секогаш ме води, а јас ѝ се препуштам и работам на себе, ги чистам сите тие белези од минатото, учам од нив како да станам подобра личност. Една од најсвежите лекции на кои работам е токму самодовербата.
Понекогаш пеев на места на кои не сакав да бидам ама никогаш не дозволував да паднам, затворав очи и си замислував подобра иднина.
И семејството е работа на себе, благодарна сум за се’ што имам, не е секогаш хармонично како на слика, тоа го знаеме сите колку и да прикажуваме идила на социјалните мрежи. Секогаш треба компромиси и прилагодувања но не би го менувала за ништо на светот, тоа е мојот универзум!
*Во кои периоди се случи да излезеш пред светот и да глумиш како што велиш дека е се’ во ред?
-Како што кажав во претходното прашање, имаше и успони и падови, но никогаш не се жалев, нашата професија е таква, ја ставаш насмевката на лицето и излегуваш на сцена. Не бев ни свесна дека глумам, едноставно животот се случува и мораме да пловиме, да се прилагодуваме. Само луѓето што се околу мене знаеле како излегувам на сцена. Мајка ми на пример, никогаш откако се вработив во опера нема дојдено на претстава, премногу лично го доживеа тоа што се откажав да од тоа бидам оперски пејач, а јас со анксиозноста се запознав токму во тој период кога престанав да одам на факултет, но денеска сум среќна што животот повторно ме однесе на таа сцена.
*За кои професионални понуди и направени грешки жалиш?
-Сум прифатила песни кои не ми се допаѓале, не бев воопшто сигурна во себе. Мислев дека не заслужувам и немам право да побарам подобро, и дека со кажувањето НЕ, ќе ги навредам авторите. Тоа на почеток на кариерата ми се случуваше и со стајлингот, ми се наметнуваше гардероба во која не се чувствував своја, но така е кога мислиш дека сите знаат подобро од тебе. Исто така имало и добри песни кои ми се залепиле на душа, како „Река“ која е дефинитивно мојот стил, „Галебе“, „Симни ми звезди“, „Лажам“, „Без дилема“…и уште неколку други. Драги ми се и преработките на евергрините , кои и ден денеска секое утро се слушаат на една наша телевизија.
*Како ја надмина оваа состојба на страв и несигурност, на кој начин реши да одиш напред?
- Работа и само работа на себе. Кога ќе се погледнеш во огледало и ќе си признаеш сам на себе каде е проблемот. Единствениот проблем сме си сами на себеси, во нас е клучот на сите одговори и само ние самите можеме да си помогнеме. По патот на себеспознавањето се појавија многу учители кои ми подадоа рака, кои ми ги отворија очите, кога велам учители мислам и на книгите, на случајните средби и рандом разговори преку кои се учат животни лекции. А најголемата животна лекција преку која животот го донесов на позитивна вибрација е Благодарноста! Нема поголема моќ од тоа да се биде благодарен за сите убавини, за сите мали нешта што го сочинуваат животот!
*На крајот, што научи одејќи по потешкиот пат?
-Многу битно нешто што научив е дека секој има своја реалност и секој е во право… во право е се’ додека не сфати дека може да гледа и подалеку од тој зачаран круг во кој постојано се врти. Реалноста е наша проекција од мисли и зборови со кои сме направиле спогодба, затоа препорачувам секој еден човек да си направи анализа на речникот и мислите кои секојдневно ги користи, зошто таму се кријат одговорите.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива