Њујорк, Мајами и крстарење на Карибитe: Софија Јанева за незаборавното 16-дневно патување во САД

Добивај вести на Viber

Софија Јанева е 29 годишна девојка од Скопје која обожава да патува, фотографира и ужива во животот. Од професионален аспект, таа е дипломиран економист за кого маркетингот отсекогаш бил огромна пасија во животот, па во моментов раководи со маркетинг агенцијата. 

Позната од блогот и Инстаграм профилот „Adventures with Janeva“, Софија како фриленсер и блогер работи веќе неколку години и пренесува лични искуства преку содржината која е оригинална, креативна и интересна.

За Женски Магазин раскажа детали од неодамнешното патувањето во САД кое траеше вкупно 16 дена. Таа ги посети Њујорк и Мајами, а беше и на крстарење на Карибите.

* Пред неколку години за Женски Магазин откри дека сакаш до 30 години да посетиш над 60 земји. Како оди со остварувањето на планот?

- Таа животна цел не ми е сè уште до крај остварена, остануваат уште многу неоткриени дестинации и авантури пред мене, верувам дека мојата желба за патување нема да заврши до крај на мојот живот. Засега имам посетено голем број места кои беа на мојата листа, но една од омилените дестинации секако ми е Америка, каде планирам повторно да се вратам.


* Беше на патување во САД. Кажи ни како дојде на идеја да отпатуваш таму, каков беше процесот за добивање на виза?

- На ова мое подолго патување во САД прв пат ги посетив Њујорк и Мајами, а потоа заминавме на седумдневно крстарење по Карибите со „MSC Cruise“.

Желбата за ова патување ми беше од многу одамна и оваа година конечно ја остварив заедно со специјализирсна агенција за ваков тип на крстарења. Процесот за добивање на виза за САД не беше комплициран бидејќи се одвиваше со посредство на агенцијата, а воедно јас и претходно имав виза кога бев на школување во Калифорнија една година.

* Што ти остави најголем впечаток во Њујорк? Што не ти се допадна воопшто?

- Патувањето во САД беше незаборавно и навистина успеавме за дваесетина дена да посетиме голем број дестинации. Најнапред бевме пет дена во Њујорк, сместени во прекрасен хотел на Менхетн и секој ден беше посебна авантура. Најголем впечаток ми остави Тајмс сквер и всушност целиот Менхетн со урбаниот изглед и автентична архитектура. Исто така уживав во прошетките низ Централ парк, зелена оаза во урбаната џунгла на Њујорк, преполн со спортски и културни знаменитости, каде жителите и туристите наоѓаат релаксација од брзото темпо на градскиот живот. Го посетивме и Бруклин и Бруклин бриџ, култна локација за снимање на многу филмови…Посебно ме воодушеви посетата на новата опсерваторија Самит Вандербилт од која има најубав поглед кон Емпајр стејт, Крајслер билдинг и Централ парк. Ако можам да издвојам нешто што не ми се допадна тоа е големиот број бездомници по улиците на Менхетн и метрото, но сепак Њујорк остава впечаток на безбеден град „кој никогаш не спие", можете да шетате и во раните утрински часови, а околу вас да има постојано туристи и полиција.

* Дали би можела да живееш во Америка?

- Америка е дестинација на соништата на многу луѓе и лично имам многу пријатели кои заминаа да живеат и работат таму.

Мојата омилена дестинација е и ќе остане Калифорнија, каде имав можност да живеам една година и каде го завршив средното училиште. Лос Анџелес е градот на моите соништа, центар на филмската индустрија, модата, Холивудските ѕвезди, Дизниленд, прекрасни плажи, шопинг центри и забавни паркови... Место каде создадов нови и доживотни пријателства. Секогаш кога ќе ми се укаже можност и без размислување ќе се враќам во Лос Анџелес. Сепак, немам планови да живеам во Америка бидејќи засега сум среќна со мојот живот што го имам изградено во Македонија.

* Како помина во Мајами?

- Мајами, Флорида е посакувана туристичка дестинација поради прекрасните песочни плажи, ноќниот живот и топлата клима.

Воедно, Мајами е препознатлив и по светски наголемата колекција на арт деко архитектура. Опкружен со два огромни национални паркови „Biscayne National Park“ и „Everglades National Park“, привлекува туристи од сите краеви на светот. Над 70% од популацијата е со шпанско потекло

Некои од најубавите плажи се:

„Miami Beach“, каде може да се ужива во водените спортови, но и во околните барови, ресторани.

„South Beach“, каде покрај долгата песочна плажа се организираат целодневни забави и е популарна кај помладата популација

„North Miami Beach“, помирна плажа со пешачки патеки и ресторани.

Мајами е нуркачки рај поради кристално чистата вода, морскиот свет и разновидните подводни карпи. Мајами е познат по големиот број музеи и галерии, меѓу кои „Vizcaya Museum and Gardens“.

Кулинарската сцена изобилува со разновидни локални специјалитети, познатата „Key Lime Pie“, „Cuban sandwiches“, „Stone crabs“, „Arepa“ (специјалитет од Венецуела), различни „fritas“ (верзија на хамбургер), „Chicken Waffles“.

На крај, уживаме во познатите коктели како „Miami Vice“, „Mojito“, „Cafecito“ и „Jupina“.

* Како помина твоето прво крстарење?

- Имавме голема среќа што моето прво крстарење беше на најновиот брод на „MSC Seascape“, пуштен во употреба пред шест месеци. Бродот беше навистина луксузен, има 19 спрата, собира 5500 лица, има повеќе од 15 ресторани и барови, 4 базени, вклучително и „Infinity pool“, фитнес, театар, кабаре, „game room“, казино и многу други содржини за забава и релаксација.

Крстарењето го препорачувам затоа што за седум дена посетивме честири различни дестинации, Бахамски острови, Јамајка, Кајмански острови и Мексико и воедно уживавме во безброј забави на бродот навечер.


*Д.Караташова Илиоска