Соња Јаќовска Самарџиева: Првото излегување со Ристо ни беше на ден Велигден

Добивај вести на Viber

Кога се појави во филмот „Засега без добар наслов“ на Срѓан Карановиќ, со легендарните актери Мира Фурлан и Мето Јовановски во 1988 година, јавноста ја освои со својата природна, раскошна убавина и со талентот. Епитети кои беа предност за нови улоги на филмското платно и театарската сцена. Беше дел и од актерската екипа на „Трст виа Скопје“

Сепак, Соња Јаќовска Самарџиева своите амбиции ги насочи кон други аспекти од уметноста. Вели дека не се откажала од актерството, туку едноставно го зголемила дијапазонот кон театарската уметност.

Таа е актер по професија, магистер по Театрологија, доктор на науки, уредник на Сектор за Играно документарна програма во Македонската телевизија. Автор е на голем број документарни филмови, како и емисии од областа на културата и уметноста. Последните години се профилира во жанрот на интервјуа со видни личности од областа на културата и уметноста. Сопруга е на познатиот пејач, автор и главен и одговорен уредник на „Сител“, Ристо Самарџиев. Мајка е на две ќерки, Симона (33) Магистер по Менаџмент на човечки ресурски и Бисера (23) – постдипломец на Клиничка невропсихологија на CITY College, University of York. Во оваа пригода акцентот го ставивме на традицијата, подготовките и прославата на Велигден во семејството Самарџиеви.

* Велигден – симбол на убавината и раскошното предание на нашата празнична култура. Време кога молитвите за добрина и меѓусебна љубов се сплотени на многу верници. Што претставува за вас овој голем празник?

- Сеќавајќи се вака наназад, всушност првото излегување со Ристо ни беше токму на ден Велигден. Отидовме заедно во црква, седевме до полноќ и всушност тука започна нашата љубовна приказна. Од друга страна, бидејќи сум родена во април, често славиме и роденден и Велигден. 

* Најголемото богатство што родителите може да ни го остават е доброто воспитување, верата, традицијата. Кои семејни вредности ги пренесовте откако создадовте ваш дом? Каде го ставивте акцентот при воспитувањето на децата?

Секако дека најголемото богатство за мене се моите две деца, ќерките Симона и Бисера, за кои велам дека се моите роденденски близначиња, бидејќи се родени неколку дена разлика. Симона е на 7 мај, а Бисера 11 мај, секако со 10 години разлика помеѓу нив. Со Ристо се трудиме да ги научиме на чесност, трудољубивост, љубопитност и да се почитуваат себеси и своите дела. Во денешно време, со искривоколчени вредности, не е едноставно да се воспитува дете. Но, и двете девојчиња се веќе оформени личности и со свои сфаќања адекватни на годините кон нештата. Така што веќе ни е олеснето дека она што со татко им сме го вложиле, имало ефект. И двете девојчиња, Симона и Бисера станаа две прекрасни млади девојки, на кои сме многу горди. Симона е магистер по Менаџмет на Човечки ресурси и е вработена, а Бисера е на постдипломски студии по Клиничка невропсихологија на CITY College, University of York. Симона веќе живее во свој стан, Бисера студира во странство, така што со Ристо ги поминуваме деновите како младенци. Секако друштво ни прават и нашите две кученца кокер шпаниели - Луна и Буцко.

* Кога ги почнувате подготовките за празникот, поточно бојадисувањето на јајца и украсувањето на домот?

- Подготовките за Велигден последниве години ги започнувам во четврток, пред изгрејсонце. Тоа како млада не го правев, но сега ми е многу убаво кога пред изгресонце ќе ги бојадисам  првите јајца во црвено. Едното задолжително останува дома, а другите ги носиме во црква со нас. Секоја година наоѓам нови начини на бојадисување  на јајцата.Се случува сите јајца да се разликуваат помеѓу себе и да се уникатни. Е, тогаш не можам да се определам кое да остане дома, а кое да го подарам. Сакам домот да го освежам со нова покривка за маса или нови перничиња во знакот на Велигден. Да ни биде свежо, весело и полетно. 

* Како изгледа прославата на Велигден во домот на Самарџиеви? Дали сте само вие задолжена за празничната софра и што најчесто подготвувате?

- Морам да признаам дека ако сме во Скопје за Велигден, свечениот ручек го минуваме со родителите на Ристо. Често, како прв пролетен празник, сакаме да прошетаме некаде надвор од Македонија. Една година бевме во Париз, лани во Салзбург, неколкупати сме биле и на едрење на Јонско море, ако времето тоа го дозволува. Кога децата беа мали, одевме со нашите пријатели низ Македонија, и тоа беа денови на кои сите се радувавме и за кои се уште со нашите пријатели се потсетуваме. Сме го дочекале Велигден во Дојран, во Охрид, и скоро во сите цркви во Скопје. Бидејќи во Соборниот храм вообичаено е голем метеж, одиме во други цркви. Но, еден од најинтересните Велигдени беше на Пантелејмон, каде што Ристо, заедно со Петар Ренџов, Арсе и други негови другари, предводени од Михаил Ренџов, во недостаток на свештени лица за изведба на свечената велигденска песна, тие во црквата ја пееја песната. Навистина тоа беше многу восхитувачки момент кога нивните гласови оддекнаа низ црквените ѕидови. Често воксреснувањето Христово го дочекуваме кај наши блиски, чија што голема тераса гледа директно во црквата Св.Јован. Кога одозгора ги гледаме запалените свеќи и моментот на самото кршење на јајцата, делува нестварно. Но, ако сме во Скопје, кај баба Кате и дедо Гоце ги кршиме велигденските јајца, се насладуваме со Елбасан тава, која совршено умее да ја направи мајка му на Ристо. Наздрвавуваме за здравје на сите. Последниве години ако е убаво времето, ако е веќе затоплено, одиме во викендичката во Долно Соње, кое станува еден наш мал рај за одмор. Годинава, бидејќи Бисера има велигденски распуст од студиите, сите се радуваме на времето кое ќе го поминеме сите заедно. Каде и да сме. 

* Имавте главна улога во филмот „Засега без добар наслов“, заедно со Мира Фурлан и Мето Јовановски. Како изгледаше средбата со славната актерка по многу години, кога ви беше соговорник во интервјуто?

- Средбата со Мира Фурлан се случи сосема случајно и драго ми е што излезе прекрасно телевизиско интервју од таа средба. Но, беше интересно и тоа дека некоја година подоцна, на фестивалот Манаки во Битола, добитник на наградата Златна камера беше кинематограферот Божидар Николиќ, со кого го снимав овој филм. И со него направив искучително интервју. Со Мето Јовановски често се среќавме поради природата на нашата работа. Само со уште еден драг пријател остана да се сретнам по снимањето на „Засега без добар наслов“ – со мојот драг пријател Радан Поповиќ, кој живее и работи во Америка, а е син на познатата српска актерка Рада Ѓуричин. Веќе долги години одржуваме врска. Токму тој ме извести ноќта кога почина Мира Фурлан. Ми вели: „Морав тебе прва да ти кажам, нѐ напушти наша Мира...“

* Се откажавте од актерството, но се ориентиравте на едукација и на промовирање на филмот и личности од тој свет зад камерите. Жалите ли понекогаш за одлуката? 

- Не се откажав од актерството, од тоа нема откажување, туку едноставно го зголемив дијапазонот кон театарската уметност. Занимавањето со уметност има разни аспекти, а имав среќа тоа да го работам во телевизиската работа. И од друга страна, кога најблиски соработници ви се Васил Пујовски, Петре М.Андреевски, Стојан Стојаноски, Богдан Поп Ѓорчев, Иван Митевски, Душан Наумовски, може само да си речете каква среќа имав јас! Од друга страна, како доктор на науки, всушност придонесувам кон висок квалитет на целокупната продукција на Секторот за Играно документарна програма, на која сум уредник. Последниве години сум насочена кон документаристиката, која всушност претставува одреден врв во телевизиската работа. Особено сум горда на моите проекти како документарецот од Берлинале за премиерата на филмот на Теона Митевска, потоа репортажата „Драмски на Стеријно Позорје“, хрониката за фестивалот Рута Тура Триглав, кој прв пат се одржа во Скопје во Драмски театар, како и документарецот по повод 70 години од првиот македонски филм „Фросина“, со кој се претставив на филмски фестивал во Торонто. Моја гордост е и серијалот во 6 продолженија „Мојот драмски“, во која го опфаќам цел историјат на овој театар, од неговото создавање. Ме чекаат и други проекти, кои бараат сериозен пристап за реализација. 

* Која од ќерките го наследи вашиот талент за глума, а која талентот на Ристо за пеење?

- Големата ќерка Симона заврши средно музичко училиште, свири клавир, а помалата, Бисера посетуваше ниже балетско училиште. И двете пееја на „Златно славејче“. Бисера ја отпеа песната која навистина постигна голем успех кај најмладите „Слончето Бимбо“. Но, ниту една од нив не го избраа актерството или музиката како животна професија. Мислам дека во еден дом доволно е еден уметник.

* Каков е Ристо како сопруг и татко. Му дадовте ли семејна поддршка на концертите со „Меморија“?

- Ристо е исклучително вреден и потполно предаден на својата професија. Камо среќа да требаше поддршка само околу концертите со „Меморија“. Еве, пред две недели имаше премиера на балетот за деца „Петар Пан“, чиј што автор на либретото и сонговите е Ристо. Потоа концерите со Камерниот оркестар од Битола посветени на Јонче Христовски, кои предизвикаа големо внимание и оставија силен впечаток кај публиката и во Битола и во Скопје. И така, уште многу проекти кои се нижат еден по друг, бидејќи така е во уметноста, подготовките траат извесно време додека да го видат светлото на денот. 

* Која ви е негова најомилена песна?

- Ристо има плејада на песни кои се навистина многу убави. Со неговата интрепретација секоја песна добива нова димензија. Сите негови песни ми се драги и навистина ги сакам. Еве, на пример, малкумина знаат дека текстот на песната „Сонце за три света“ е на Ристо. Песната „Дирлада“ со трубачите на сцена, навистина стана вонсериски хит. Но, има една песна која, многу малку ја слушам во етерот, а сметам дека е одлична. Станува збор за песната „Друг ти е драг“ од албумот „Патеки и улици“. 


Соња Алексоска Неделковска

Повеќе фотографии погледнете во ГАЛЕРИЈАТА: