Соња Симоноска за животот во Базел, Швајцарија: Ја ставаат облеката во гумен ранец, го врзуваат околу себе и од работа до дома се враќаат пливајќи по Рајна

Добивај вести на Viber

Ви се случило ли некогаш да посетите или престојувате во некое место и од првиот момент да се чувствувате пријатно и опуштено. Да имате чувство како да припаѓате тука, како да сте родени тука, како да сте дома.

Има места во кои едноставно се вљубуваме, а ни самите не знаеме зошто. Едноставно таквите места имаат душа, имаат срце. Така, Соња Симоноска, дипломиран географ, која посетила многу земји на повеќе континенти, го чувствува градот Базел, кој се наоѓа во северозападниот дел на Швајцарија. Лежи на тромеѓето на Швајцарија, Франција и Германија.

- Ако Берн е главниот град на Швајцарија и градот на највкусните и единствени „Läderach“ чоколади, Цирих, градот на банките, Базел е главниот град на уметноста и културата во оваа земја. Тоа е град на стотици музеји, познатиот и уште почуден Tinguely Музеј, музејот на фармацијата, на цртаниот филм, Археолошкиот 4 спратен музеј, Музејот на уметноста и кој уште не? -Тоа е градот на најпознатите фармацевтски гиганти, „La Roche“, „Новартис“, градот на познатата агрохемиска компанија „Syngenta“ и многу други светски познати фирми. Тој е градот седиште на сите Национални Банки во Светот. Каква коинциденција ?! Не е во Цирих, пак е во Базел – вели Симоноска и дополнува:

- Тој е градот на Рајна, главниот и значаен крвоток на овој средновековен град. Лето или зима, есен или пролет, секогаш е различен од другите, а животот е овде посебен и релаксиран. Базелчаните се поразлични од другите луѓе, тие се едноставни и опуштени. Го сакаат животот и уживаат во него на многу едноставен начин, седнати покрај брегот на Рајна со едно вино и задолжително стаклени чаши за вино, кои секој со себе си ги носи.

Секој период од годината градот нуди разни забави на отворено, културни настани, прослави – открива Симоноска која подолг период живее во Швајцарија, а Базел и е омилен град.

На почетокот на март започнува еден од најпознатите карневали во Швајцарија  познат ширум Европа. Тоа е познатиот Базелски Карневал. И самиот почеток на фестивалот е посебен. 

- Започнува секогаш во понеделник со таканаречениот „Morgestraicht“ во 4 часот наутро. Во ова време во поширокото централно подрачје сите светилки мора да бидат изгаснати. Потполен мрак е, а илјадници луѓе кои се дојдени од секаде, ги преплавуваат улиците на градот, мракот не треба ни со мобилен телефон да се наруши, што е една посебна магична атмосфер. Започнува тридневниот Карневал со светлата на посебно рачно изработени и насликани големи фенери и секој има своја приказна. 

Базелчаните се посебно горди на овој Карневал, според нив тоа се едни од највозбудливите денови во годината. Тие и живеат за овие три дена, тој е нивната „дама“ на која се гордеат. А и навистина е дама, го разубавува градот. Секоја година по десет илјади маскирани учесници земаат учество на овој настан, не се професионални музичари, но во текот на целата година се подготвуваат и ги свират специфичните звуци на дувачки и ударни инструменти, се движат со посебен чекор, танцуваат и ја одбележуваат својата традиција. Танцуваат тие, танцува градот со нив, грми, лудува, се поклонува, се забавува. 

Сите живеат како едно, бебиња, возрасни, лица со инвалидитет. Сите се на улица, незаборавно и возбудливо, празник е за сите. Но, колку и да се пишува, ова не може да се опише, треба само да се доживее. А кој ќе дојде еднаш на овој карневал, ќе посака да дојде повторно – посочува Соња и дополнува дека не само таа, дека секој ќе се чувствува опуштено без разлика дали ќе прошетапо стариот дел на градот и ќе се воодушевувана старите градби од пред 1200 години, кои се уште се во употреба, или ќе седнае под сенките на стогодишните дрва, околу ѕидините на познатата Мунстер Катедрала, во која се наоѓа гробот на познатиот Еразмос и ќе ужива гледајќи го од височина мирниот тек на Рајна.

-Или ќе седне во мојата омилена „Schiesser“ слаткарница со 150 години традиција - не е битно, јас постојано уживам во него. А летата, се овде посебни. Иако Базел нема море или езеро, овој град има убави речни плажи. Мирис на вода, на креми за сончање, по улиците летна атмосфера, луѓе во костими за капење. 

Базелчаните традиционално уживаат да пливаат во Рајна, иако реката е многу длабока и во неа пловат огромни траекти ,тие како да го знаат својот ред. Пловните средства на средина, тие храбро пловат покрај нив. На лето животот е покрај плажа, се плива, се прави скара, се танцува, се слуша музика – вели таа.


Понесена од атмосферата понекогаш се прашува дали некој оди на работа, но веднаш го наоѓа одговорот.

-Но, да, Швајцарците се вреден и работлив народ, а традиционално во летните топли денови по работното време тие се собираат покрај Рајна, на по некој пијалок или мала закуска. По завршувањето, си ги пакуваат своите бизнис алишта: кошули, вратоврски, сакоа, фустанчиња, лаптопи, шишиња за вода ги ставаат во специјални водоотпорни ранци „Wickelfisch“ пронајдок на некој нивни сограѓанин, кои обично се со силни јарки бои, за полесно да бидат видени од бродовите. Ги врзуваат ранците околу себе и влегуваат во Рајна. Не мислат на своите шминки и фризури, опуштени се луѓето, уживаат и се разладуваат, не е битно дали е шеф на банка или осигурително друштво, лекар или бравар, пливаат до дома или до некое договорено место. Ако ги поздравиш од брегот со кревање на рака, секако ќе те поздрават и тоа секогаш со насмевка.Или те поздравуваат тие први, и така можеби те поздравил и некој политичар или некој газда на некоја банка или некој службеник...Пливањето по Рајна е вистинско уживанње. Иако немам храброст да се впуштам низ оваа долга и брза река како што го прават тоа Базелчаните кои се храбри и искусни пливачи. Убаво е да се почувствува традицијата и летното уживање дури и на кратки дестинации – заклучува Симоноска.

С.А.Н.