Соња Здравковска Андоновиќ: Пишувањето поезија е дел од моето живеење
Со оглед на тоа што работи во образование, целиот живот ѝ е организиран во две смени, како што се и смените на работа. Од тука произлегуваат и трите вида на утринско кафе.
- Кога сум претпладневна смена, кафето си го пијам пред огледало додека се шминкам или се подготвувам за на работа. Кога сум попладне, особено во пролет или почеток на летото, пиењето утринско кафе ми е вистинска уживанција. Си седнувам на балконот кој ми е опкружен со неколку елки, птици, небото и денот може да почне. И секако, најомиленото кафе ми е за викендите, кога со семејството сме заедно, ослободени од работните обврски. Но, додека го пишувам ова, постојано ми се наметнува една мисла, дека најважно од сè, во утринското кафе, се мислите. Позитивните мисли го создаваат највкусното утринско кафе – вели Соња Здравковска Андоновиќ, магистер по културологија (во книжевноста), професорка по македонски јазик и литература и поетеса. Дополнува дека последната реченица, некако се поврзува и со прашањето - што ја мотивира?
- Позитивната мисла, сфаќам дека е моќен креатор на секојдневицата, па и воопшто на животот. Но, секако, позитивниот став кон животот е поврзан и со самодовербата, зрелоста, карактерот, многу останати фактори кои се стекнуваат низ живеењето и низ искуството и комуникацијата со луѓето. Тешко е да си ставиме розеви очила, но уште потешко е да го тргнеме сонцето од животот. На крајот на краиштата, сепак, подобро е да изразиме благодарност за постоењето во новиот ден, отколку да не можеме или да не сакаме да го прифатиме предизвикот на живеењето – посочува таа.
Според Соња ние жените ги имаме најголемите обврски во семејството. Со еманципацијата, жената стана вработена на работа и вработена дома. Стана еднаква со мажот на работа, но не еднаква и дома.
- Во сите домашни обврски се обидувам да го вклучам целото семејство, зашто жената не може да биде и готвачка, перачка, чистачка, наставничка, педагог, психолог, набавувачка на продукти, облека, обувки, а другите членови да бидат услужените. Е, некогаш ми успева да ги ангажирам, некогаш не. Генерално, разговорите, договарањата и секако емпатијата, љубовта, можат доста да помогнат. Завршницата на денот, исто така е силен предизвик во живеењето. Неколку дена во неделата имам тренинг за пилатес, а останатите денови пешачам. Ако не го завршам денот со овие активности, тогаш е некоја дружба со пријатели, театар, поретко концерт. Понекогаш се и обврски со работата. Ние наставниците, работата често си ја носиме дома, прегледување писмени, тестови, подготовка за час итн. За викенд, почесто завршницата на денот е во поопуштена атмосфера – посочува Здравковска Андоновиќ.
Откако магистрирала, многу ретко може да прочита книга која до крај ќе го задржи нејзиното внимание.
- Тагувам заради ова, ми недостасува страсното читање на книгите. Сега почесто моето читање се однесува на комуникација со одредени страници на интернет, за духовен развој, психологија, некогаш и стручна литература, образование. Можеби повеќе сакам да читам за најновите достигнувања во гореспоменатото. Во книжевната литература, некако, како сè да ми е прочитано. Можеби повеќе сум посветена на реалноста и разгледувањето на можноста да создадам нешто подобро во мигот во кој живеам. Што се однесува до гледањето филм, речиси воопшто не можам да изгледам еден филм, од почеток до крај. Ретко, многу ретко. Театарот, да. Го обожавам. Тука ми е вистинската уметност. Филмот не. И слично се случува и со моето пишување. Почнувам да пишувам, кога се раѓа таа почетна инспирација и потоа, кога ќе треба да седнам да ги доработам песните, почетниот елан се губи. Но, имам и фази во кои активно работам и така генерално, се одвиваат циклкусите во пишувањето на поезијата. Со објавувањето на мојата поетска збирка песни „Ex voto“ како една обврска да исполнив, така почувствував. Сега останува поангажирано да се предадам на пишувањето поезија која е дел од моето живеење, мојата мисла и доживување на светот. Време кое го имам само за себе и за мојата душа – заклучува таа.
С.А.Н