Сопругот и ќерките ми се најконструктивни критичари, но и најверни обожаватели: Утринско кафе со Афродита Мицковска

Во текот на работната недела денот ми започнува многу рано, се будам најдоцна до 6:30 часот за да бидам пред 8 часот на работа, каде што и го пијам првото утринско кафе, читајќи вести на Интернет. Веќе второто кафе е резервирано, го пијам со колегите. За време на викендите, утринското кафе задолжително го пијам со мојот сопруг и Аракис, нашиот домашен миленик, маламут, петтиот член на семејството, кој нестрпливо чека да заврши нашиот ритуал и да заминеме заедно на прошетка во Градскиот парк. Прошетките во парк рано наутро ме препородуваат, иако ми пречат нечистотијата и ѓубрето што ги оставаат луѓето по ноќните журки во паркот.

Ме мотивираат многу работи, ме мотивира животот во мене. Ме мотивира сонцето кое секое утро блеска и ме полни со енергија за убав почеток на денот, ме мотивираат едноставни, креативни луѓе, успешни и искрени луѓе, ме мотивираат успесите на работното поле, но најмногу од сè ме мотивира моето семејство и огромната заемна љубов која струи меѓу нас, моите две прекрасни ќерки Елени и Бјанка, како и мојот сопруг Владимир, кои се мои најконструктивни критичари, но и најверни обожаватели и го исполнуваат мојот живот за да блеска во полн сјај.

Дневните планови и обврски во текот на работната недела се секогаш поврзани со работните задачи на моето работно место: запазување на рокови, правење анализи, давање предлози... Попладневните часови редовно се наменети за вежбање или прошетка со кучето, а најголема привилегија, кога сите други активности ги одложувам, е да се слободни моите ќерки од нивните активности и да го поминеме попладнето во заедничка дружба.

За време на работната недела денот ми завршува со чаша убаво црвено или бело вино пред ТВ, гледајќи некој добар филм со сопругот. Понекогаш знаат да ни се приклучат и двете ќерки. За време на викенд, вечерите се резервирани за дружби со пријатели или посета на културни, забавни настани кои во изобилство ги имаше во градов пред пандемијата, и кои најмногу ми недостасуваат во овој период.

Како што кажав, секоја вечер од работната недела е резервирана за гледање добар филм, со убаво, вкусно бело или црвено вино. А книга... кога читам книга губам чувство за време и простор, целосно сум внесена во неа, сите домашни обрски се одложени или незавршени, толку многу сакам да ѝ се предавам на книгата. Книгата не ме заспива, туку ме расонува, па знам да читам и до раните утрински часови. Затоа, претпочитам да читам книги за време на викенд и годишен одмор, кога можам и целосно да им се препуштам.

(* Афродита Мицковска, директор на сектор финансии, сметководство и контролинг во Кроација Осигурување Живот)