Новата година е уште една причина да блеснете со својот
изглед и со празничното расположение. Да и дадете одишка на својата фантазија,
да бидете поинакви од останатите 364 дена. Новата година е момент кога се кршат
сите правила, кога сѐ е дозволено!
Пет македонски дизајнери и еден топ-стилист ви даваат совети за најизглед во најлудата ноќ.
РОСИЦА МРШИЌ
Нема извинување за претераност
Традиционално прашање е „Каде да се оди за дочек на Нова година?“, но многу поважно прашање што жените си го поставуваат секоја година е што да се облече за тој дочек. Иако дочекот на Новата година е преценет како настан, да бидеме искрени и да признаеме дека сите сакаме да изгледаме најубаво во новогошната ноќ. Таа вечер нуди можност да се облече нешто убаво и да се забавува во неочекуван стил.
Оваа ноќ отвара можност да изненадиме со својот изглед, но треба да се избегне претерувањето, ставањето на многу работи одеднаш – светликав фустан, многу накит, светкава шминка. Иако дочекот на Нова година е добра прилика да се излезе од комфорната зона и да се облече нешто што вообичаено не се носи, тоа не претставува извинување за претераност во изгледот. За таквите празнични ноќи кога изгледа дека сите следат иста стилска формула важно е да се остане уникатен. Независно од моменталниот моден тренд добар обид е да се остане верен на себе што предизвикува самодовеба и проектира убав изглед независно од тоа што се носи.
Одлична стилска комбинација е да се избере еден основен елемент од планираниот изглед што ќе претставува “wow“ фактор, а другите елементи да учествуваат во конструирање на појавата, а не да конкурираат меѓу себе. За успешен дочек на Новата година клучна работа на која треба да се мисли е удобноста и само-довербата што се постигнува кога се избира нешто во кое ќе се чувствувате добро. Удобни и елегантни панталони можат да бидат подобар избор од мини сукња или тесен фустан, на пример. Чевлите се моден додаток чија естетика го дополнува свечениот изглед, но и при нивниот избор треба да се мисли на удобноста затоа што новогодишната ноќ е долга. Накитот секогаш служи за заокружување на изгледот- треба да е суптилен кога облеката е доминантна или да е храбар за да го нагласи изгледот кога облеката е едноставна.
Основно правило кое не треба да се заборави при изборот на облека е дека креирање на изгледот треба да се усогласи со местото на дочек. Каде и да бидете и што и да носите важно е да се чувствувате добро во својата кожа.
ЛИЛЕ КОРУБИН
Малку шминка, високи потпетици и украсна шнола во косата
Ако се решите за пречек на Новата година во вашиот дом со пријателите или семејството, мислам дека сепак, треба да се облечете посвечено, но исто така треба да се дотераат и домашните, за да не изгледате само вие чудно. Направите си гала дочек на Новата година, облечена во свечен фустан со монистри кој за кој можеби сте немале прилика каде да го облечете. Малку шминка, високи потпетици и украсна шнола во косата, од вас ќе направат супер згодна домаќинка.
Ако можеби сте решиле да славите на отворено, тука е малку потешко со сексапил и предизвикувачки фустани и сандали. Сите знаеме колку е ниска температурата надвор во зима. Значи, слоевитото облекување е нешто што едноставно не можете да го избегнете, освен ако имате добра јакна од пердуви до под коленото. Весела шминка и некој луд украс на главата , ќе ви биде сосема доволен украс со големиот шал.
ТАЊА КОКЕВ
Разбудете ја похрабрата страна од вас
Празничниот дух на новогодишната ноќ секогаш ја буди нашата похрабра страна во однос на текстурите и боите во кои се колебаме сите останати денови од годината. Сепак, новогодишната магија не треба да ни влијае премногу, па да го заборавиме нашиот сопствен стил.
Празникот е на прагот, па мојот избор на предлози е : Доколку ваш атрибут се нозете, облечете нешто кратко, како црниот фустан со карнери кој е изработен од тул со точки, со длабоко деколте и везени цветни детали. А, ако сте похрабри, облечете го тесниот фустан со бисери кој целосно ја покажува силуетата. За елегантните девојки кои претпочитаат поедноставен крој го предлагам фустанот од златеста плетенина на преклоп.
На практичните девојки што обожаваат панталони би им одговарал комплетот од широки панталони и блузата со голем, рачно изработен цветен детаљ. Ако сакате да имате целосен Кокев изглед, тогаш го предлагам оверсајз капутот кој е достапен во пепито дезен и кадифен материјал во тегет боја.
ЛИДИЈА ГЕОРГИЕВА
Да ги споиме дигиталниот свет со грациозноста и рафинираноста на богатото минато
Епа еве, бидна стогодишнина! Пред сто години се случувале славните громогласни 20ти (roaring twen$es) или на француски les années folles – лудите години. Џезот бил татнежот по клубовите, а флапер фустаните кои како да биле создадени за чарлстон, се според мене најграциозната форма на фустан. Тој фустан ниту открива, ниту покрива, деликатно го следи и разубавува женското тело. Полн со детали со мајсторска изработка и вештина, рафиниран, прекрасно изгледа во движење, танцување, затоа е бесмртен како стил (мојот омилен) дури и денес после сто години.
Секако тука се и фризурите- како знак на еманципација, жените се шишаат “а ла гарсон”, Луиз Брукс е имиџот со кој се раскинува со традицијата и се декларира модерност. Уметноста и културата цветаат, се раѓаат радикално нови концепти, а да потсетам, цела 2019 прославувавме 100 години Баухаус. На тие основи е создадена денешната визуелна култура, дизајн, па дури и масовна продукција.
Ова е начинот на кој јас би го одбележала влегувањето во новата деценија, да ја вратиме модерноста, да ги споиме дигиталниот свет со грациозноста и рафинираноста на богатото минато, кога журките биле вистински громогласни, полни со енергија и радост.
АНТОНИЈА РИСТОВСКА
Црвената боја за полн погодок
Модерната жена повеќе не гледа на дочекот на Нова година како на нешто посебно и со посебни подготовки. Модерната жена сака во текот на целата година пред сѐ да биде негувана и средена секогаш . Многу парчиња облека што се носат на забави во текот на годината можат да се носат и на предновогодишните забави и за дочекот на Новата година. Некако секогаш како асоцијација за Нова година ни е црвената боја. И навистина таа секогаш е интересна за тој настан.
Мој предлог за дочекот на Новата година е отмената црна боја, во нејзините светлуцави облици, рустична сребрена, белата во комбинација со сребрена. Комбинациите можат да бидат најразлични , панталони со корсет, здолниште , пенсил или волуменозно со корсет, фустан, зависно од внатрешното чувство на личноста.
АЛЕКСАНДАР БИЛЈАНОВСКИ-ДАДАР
Нежно и впечатливо
Еве го мојот предлог за новогодишни шминка и фризура во 5 чекори:
1.Беспрекорно исчистена и претходно професионално третирана кожа.
2.Течна пудра, која ќе биде сјајна и ќе направи лицето да изгледа поздраво и посвежо.
3.Нанесете нежнорозова сенка на целиот капак на очите, а кон надворешните агли-кафена. Нанесете црна сенка во тенка линија, блиску до трепките на горниот капак. Задолжително нанесете два слоја маскара.
4.Руменилото и карминот, исто така, нека бидат во слична нијанса, може и потемнорозова.
5.Навиткајте ја косата и потоа целата расчешлајте ја за делумно да се исправи и тргнете ја наназад за да ви се отвори лицето.Така би добиле малку на елеганција. Фиксирајте ја со спреј за коса.
Лејла Сабит