Совршена 2024: Посакувам секоја од нас да се фокусира на сопствениот живот, да има храброст да се соочи со сопствените одлуки
Совршена 2024 Имам само една желба за вас оваа година, помалку зборови повеќе дела, повеќе желби и уште повеќе реализации, помалку нервози повеќе среќа, повеќе љубов највеќе кон самите себе. Посакувам секоја од нас да се фокусира на сопствениот живот, да има храброст да се соочи со сопствените одлуки, да живее во реалноста која сака да ја има наместо во туѓата замислена на социјалните медиуми и да биде своја, да не се даваме за малку.
Посакувам непроспиени ноќи под отворено звездено небо со љубовта на вашиот живот без разлика дали сте на почеток на младоста или во зрела старост, посакувам вистини ископани од под килим и изработени, вредни за промена на секојдневие во кое вистински не сакате да бидете. Ви посакувам многу повеќе дотерувачки комбинации и патики заборавени во фиока, ви посакувам конечно да ги изгубите тие вишок килограми и да си дозволите да го облечете фустанот кој толку долго време сакате да го носите, а не се осмелувате заради тоа.
Ни посакувам помалку да се обидуваме да ги задоволиме другите, а повеќе себе си. Ни посакувам живот надвор од социјалните медиуми без броени лајкови и вештачки инфлуенсери, ви посакувам година во која сите сетила ќе ви бидат вклучени на најјако и ќе го дегустирате овој живот бескрајно и безобразно алчно. Затоа што секоја следна година е поблиску до крајот, затоа што ниту една вештачка интелигенција создадена од човек нема да ја замени човечката емоција и затоа што среќата на човекот е во него самиот.
Среќна Нова Година прекрасници мои.
Совршени сте