Совршена си - престани да се споредуваш!
Ама не ми стои како на Ивана, еј бе па види ја неа грам целулит нема не сум како неа, абе не мешај поими те молам па таа е природно убава, јас не можам да бидам како неа мора да ставам филер… До кога? До кога гледајќи слики и видеа ќе посакуваме да бидеме се освен самите себе? Не може да ти стои фустанот како на Ивана, едноставно ти не си Ивана.
Не може да немаш грам целулит кога не ти е работа да киснеш по теретани и козметичари, не постигаш. Не може да ја имаш нејзината уста, имаш твоја генетски одредена да е таква за да го комплетира твоето лице. И се повеќе или помалку од тоа ти го руши планот што универзумот го има намислено за тебе. Се додека го држиш телефонот во рака и бараш да се пронајдеш во туѓ идентитет се до тогаш ќе се губиш себе. Не сме 20 годишни девојки кои имаат потреба за пресликување, жени сме. И како такви потребата да бидеме вистински и оригинални сега повеќе од било кога треба да е изразена најмногу. Ја бараме личната среќа на туѓи профили и се пресликуваме во туѓи најчесто непостоечки животи.
Се додека им веруваме на социјалните медиуми се дотогаш личната среќа ќе ни ја диктира околината. Ти се допаѓа фустанот, нарачај го. Кога ќе стигне пронајди го својот начин како да го носиш и да изгледаш беспрекорно во него! Облечи ги твоите омилени чевли, твојот накит и чанта и износи го по твое, со твој печат. Имаш целулит, застани со чоколадите и алкохолот, почни да пешачиш, не ги јади благите на децата. Имаш мала уста, па нашминкај се и направи да делува дека е поголема.
Радикализацијата не однесе во еден стадиум на колективен транс каде веќе сите жени добиваат униформиран изглед многу често близок до ефтина естрада. Не можеш да носиш високи потпетици, купи 5ка со подебела штикла, исправи се, затегни го стомакот дозволи му да го износи цело твое тело. И насмеј се жено моја совршена, насмеј се. Во малите работи животот е голем и имаме многу малку време останато за среќа. Наша обврска е да бидеме комплетни и задоволни и само од нас зависи.