Специјално- Светската топ- манекенка во Македонија: Импресионирана сум, имате чудесна земја

Кога би ги прашале винарите која е сличноста меѓу жената и виното, веројатно би ви кажале: „Виното е како жена, треба да се грижите за него и да го негувате, а на крајот за возврат го добивате непознатото."

Од друга страна, некои од најголемите ремек- дела на светската поезија и уметност воопшто се создадени токму во чест на жената и/или виното. А, спојот на овие „дарови од Бог“ е чиста убавина. 

За Македонија се вели дека е и земја на виното. Aдекватен пример ни е винарницата „Тиквеш“ со традиција уште од 1885 година. Еден македонски мега бренд за кој велат во странство дека создал вина на кои просто не може да им се одолее. 

Нивната винарска визба или винскиот подрум пак е посебна приказна. Длабоко под земја, каде се чуваат огромните буриња со вино стари со децении има таканаречени авении по кои чекорите долго затоа што просторот е огромен. По нив чекорел и Тито... Како да сте буквално „фрлени“ во времето и пред вас се нуди нешто кое ретко кој го има во Европа.

Токму таму, во тој уникатен амбиент, имавме можност да го интервјуираме ангелот на планетарно популарниот бренд на Викотрија Сикрет или едноставно светската манекенката Гошиа Гузовска од Полска која се стекна со глобална слава благодарејќи на својата убавина и присебност. Со неа беа дојдени уште две интернационални манекенки, едната Македонка која од раѓање живее во Швајцарија. 

Следејќи ги светските трендови, „Тиквеш“ ги доведе на ексклузивна фотосесијаво која се слави жената и виното – убавината. Фотографиите од неа ќе бидат користени за промотивни потреби на винарницата, но потенцијално и за едиторијали во светски модни списанија. Креациите кои ги носеа манекенките беа на дизајнерката Тања Кокев.

Полската убавица Гошиа има светска манекенска кариера и настапува за големи модни брендови како Victoria Secret, Dolce & Gabbana, Givenchy, 303 Avenue и други. Од Fashion Post во 2017 година беше најавена како „бомбата од Полска“, а според упатените модни сајтови вреди над пет милиони евра.

Покрај светската манекенска кариера, Гошиа е меѓу топ-инфлуенсерките во Полска со најголем број следбеници на Инстаграм. Таа е и сопственик на дизајнерската линија на златен накит @luawarsaw.

Тивка, скромна, без никакви посебни барања одговараше професионално пред окото на фотоапаратот но и на нашите прашања:

* За прв пат сте во Македонија. Како ја доживеавте?

- Да за прв пат. Импресионирана сум. Имате чудесна земја, прекрасни луѓе, топли, насмеани, во секој момент спремни да помогнат за се што ми треба. И ние во Полска сме слични. И да! Дефинитвно би дошла пак!

* А, дали пробавте македонско вино?

- О да, секако! Ама морам да признам дека пред фотосесијата се напив една чашка ракија бидејќи ми рекоа дека е раритет од оваа винарија. И навистина- веднаш почнав да се смеам (се смее) Што се однесува до виното, патувам многу низ светот и секаде скоро пијам по една чаша вино. Не ми е пресудна бојата, туку квалитетот. Овде се напив исклучително добро црвено вино, можеби едно од најдобрите кои сум ги пробала.

* Имате богата модна кариера и во вашето портфолио влегуваат ревии, фотосесии и каталози за најпознатите светски дизајнери и модни куќи, посебно Викторија Сикрет...

- Работам од 15 години. Го прошетав целиот свет со модата. Планетава има брилијантни дизајнери кои навистина знаат да создадат уметност. Работењето за Викторија Сикрет е посебно незаборавно искуство кое отвара многу врати. Но исто така, работењето на кампањите на креаторите е посебно за мене лично. Конкретно сум стационирана во Лондон и можам да кажам дека градот е ризница на модни таленти. Инаку, јас сум обожавателка на „Шанел“ и на Том Форд. Сакам класа облека. 

* Но живеете и во Полска...

- Да. Во Варшава. Моето семејство е таму. Но имам свој стан. Уживам со моите. Иако имам се помалку време, секоја прилика ја користам да си одам дома. Дома е најубаво, нели?

* Покрај тоа што сте успешна манекенка, вие решивте да дизајнирате и накит. Како дојдовте на идеја?

О, па тоа е посебно задоволство. Не сакав да се задржам само со модата како манекенка, па отворив бренд за накит. Од мала мечтаев за тоа. Се работи за накит со полу- скапоцени камења или кристали вградени во 18 каратно злато. Зошто кристали? Верувам во енергија, верува во сила... А убедена сум дека тие тоа го имаат и секој камен си има свој сопственик, како и камења кои имаат исцелителна моќ. На мојот врат забележувате токму таков гердан со кварцен кристал. Кога влегов овде почувствував неверојатна позитивна енергија и мислам дека преку кристалот се канализира во мене. Има камења за љубов, за успех, за здравје. Се полнат на месечева светлина. Така се чистат од негативности.

* Што мислите за убавината? Дали ви ги отвори вратите на успехот?

Да, може да се искористи како оружје, но да не се залажуваме. Зад секој добар изглед стои добра работа. Не е така лесно да се биде манекенка. Мора да се внимава постојано на јадењето, скапи прехрамбени продукти, мора постојано да се вежба, јас посебно практикувам јога и пилатес, а одам и во теретана. Рол модел ми е манекенката Жизел Бундчен. 

* Што ве движи во животот?

- Многу е тажно тоа што се случува со војната во Украина, па и пандемијата- лудо време. Но, на крајот на денот треба да мислиме како можеме да се промениме себе си на подобро, не да го смениме светот, туку како да станеме подобри личности. 

Небојша Толески

Фото: Александар Ивановски