Спектакуларен концерт на македонски уметници во Њујорк
Спектакуларен
концерт на истакнатиот солист на труба Љупчо Коскаров кој настапи заедно со Јасна Аврамовска-Костенарова (пијано) и Дарко Мариновски (пијано) кој се одржа на 9 септември во
ексклузивниот концертен салон Klavierhaus во Њујорк.
Не стивнуваат позитивните критики кои ги издигнаа нашите уметници на врвот на музичката интерпретација, а бројните реакции од публиката и денес се во етерот како незаборавен настан.
Имено, уметниците одбележаа два концертни настапи. Едниот, во Galery MC каде што се одржа отварање на ликовна изложба и по тој свечен момент имаа музички настап од творештвото на Ж.Бизе (Кармен фантазија) од познатата опера Кармен (увертира, хабанера, валцер и финале), Деспина – музичка свита и Тиквешки марш за труба и пијано. Публиката со посебно внимание ги проследи и ги награди со силен аплауз. На настанот присуствуваа голем број на познати уметници, универзитетски професори, бизнисмени и наши иселеници.
Овој настан беше како увертира за спектаклот што се одржа на 9 септември во концертниот салон Klavierhaus.
Самиот концерт започна со прекрасната фантазија од Ж.Бизе во која уметниците точно, прецизно и со врвен стил на изведба ги освоија симпатиите на публиката и беа наградени со силен аплауз. Понатаму следеа словенските танци од А.Дворжак во B-Dur и e-moll. За да на крајот од првиот дел го интерпретираат популарниот концерт бр.1 од Д.Шостакович кој спаѓа во редот на најтешките дела за музичка изведба. Со беспрекорна техника и огромна мајсторска изведба уметниците го донесоа овој концерт за што публиката бурно аплаудираше.
После паузата следеше вториот дел од концертот каде следеа два словенски танци од А.Дворжак во C-Dur и g-moll. интерпретирани на врвно пијанистичко ниво од пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски.
Во вториот дел посебна улога имаше Коскаров со делата на Ј.А.Родриго ,,Аранјез“ и Л.Бернштајн ,,Приказна од западната страна“. Неговата изведба ја воодушеви публиката и предизвика силни аплаузи. Потоа следеа музичката свита ,,Деспина“ за труба и пијано која публиката ја прифати со силни емоции, топлина и воодушевување. На овој начин се заокружи целовечерниот концерт, но аплаузите не стивнуваа што ги натера уметниците да се вратат повторно на сцена. Првиот бис беше ,,Тиквешки марш“ - премиерно дело изведено за труба и пијано, а вториот бис беше популарниот валцер бр.2 од Д.Шостакович. На концертот беа присутни гости, познати професори, познати менаџери од Њујорк, Мајами, Њу Џерси, Флорида, Сарасота и други помали градови од САД.
Кулминација на настанот беше вториот ден после концертот кога на социјалните мрежи само во рок од 10 часа се преслушани од околу 4000 слушатели со што не стивнуваат поддршката и честитките за овој прекрасен концерт до денес.
Ќе издвоиме само неколку наслови кои што предизвикаа внимание кај музичката јавност. Познатиот универзитетски професор на „Колумбија“ универзитетот од Њујорк на својата страна напиша: „Ако успеавте во Њујорк, ќе успеете во целиот свет“ . Во критиките музичарите беа насловени како „Амбасадори на културата од Македонија“ , Љупчо Коскаров „Браво маестро, ти благодариме за прекрасниот концерт“, „Дарко, ти благодарам за твојата топла интерпретација“, „Јасна ти си одличен пијанист и бисер на Македонија“.
Концертот беше поддржан од министерството за култура на Р.М., а се одржа во периодот кога на 11 септември во Њујорк се одбележува најзначајниот момент од 9/11, денот на теористичкиот напад на кулите близначки како и денот на независноста на Р.Македонија - 8 септември.
Редакцијата на „Женски Магазин“ им честита за овој врвен успех и им благодари за претставувањето на македонската музичката култура во Њујорк-САД.