Средства од продажбата на „Љубов облечена во бело“ од Милена Лунеска ќе бидат донирани на здружението „Дајте ни крилја“

Добивај вести на Viber

Авторката Милена Лунеска и издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе донираат средства од продажбата на стихозбирката „Љубов облечена во бело“ за невладината организација „Дајте ни крилја“. Со секој купен примерок од книгата, дел од заработката ќе биде наменет за поддршка на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби – „Дајте ни крилја“, чиј почесен претседател е поп-пејачката Ребека Јанковска-Ристески.

– Најпрво да се заблагодарам на целиот тим на „Арс Ламина“ за поддршката на оваа хуманитарна акција. Како личност која со себе носи доволен број години и животни искуства, можам слободно да кажам дека во животот ништо не е случајно. Во мојот последен роман „Добро утро, љубов“ приказната почнува со доаѓањето на Дарија (главниот лик) во својот роден град, решителна и целосно подготвена да му помогне на едно девојче болно од многу ретка болест… Во периодот додека ја пишував книгата, Ребека Јанковска-Ристески (со која имаме невидлива, но нераскинлива поврзаност, поттикната од големото другарство на нејзиниот дедо и мојот свекор) многупати говореше во јавноста за проблемите со кои се соочуваат семејствата на лицата со посебни потреби и бараше поголема општествена свест и совест… Покрај својата животна борба, несебично апелира за поголема поддршка за овие лица. Ете тогаш, хуманоста, човечноста, добронамерноста излетаа од мојата душа и се споија во цврста одлука да помогнам… Во таа борба, за поубави денови на лицата со хендикеп, ретки болести и посебни потреби, да го слушне мојот глас како морална поддршка. Можеби сѐ ќе останеше само на една голема желба, бидејќи не знаев на кој начин можам да помогнам, но кога добив известување од издавачката куќа „Арс Ламина“ дека ќе ја објават мојата стихозбирка „Љубов облечена во бело“ го пронајдов и начинот како да ја остварам намерата да помогнам. „Арс Ламина“ е сериозна, угледна издавачка куќа, која може достоинствено, професионално да ги поврзува моите стихови и добронамерноста со Ребека и нејзиното невладино здружение „Дајте ни крилја“. И, како што кажав, во животот ништо не е случајно. Би сакала да нагласам дека јас се откажувам целосно од мојот приход од продажбата на стихозбирката, сѐ со цел да се помогне на ова здружение – вели Милена Лунеска.

Збирката „Љубов облечена во бело“ излезе од печат на почетокот на годината, во издание на „Попули“. Куферот со спомени, радости и таги е полн и тежок. Милена Лунеска од него ја извлекува силата за да си ги исцели раните, да се исправи и да продолжи да се бори. Затоа што животот за неа е и танц и борба и газење боса по трње и посегање по ѕвездите и „љубов облечена во бело“.

Милена Лунеска е родена во Кичево, во 1963 година. По професија е економист и многу години е раководител на сопствена фирма. Но, неколку години бројките целосно ги заменува со зборови, посветувајќи се на пишувањето книги и на семејството. Пишува проза и поезија, која често се објавува на многу македонски портали. Објавени се и во некои списанија во Црна Гора и во Хрватска. Авторка е на четири романи: „Два часа“, „Исчистени души“, „Ќерката на премиерот“ и „Добро утро, љубов!“, објавени за различни издавачки куќи. Секоја книга е со различна животна тема, емотивно и врвно писателски раскажана, па од тие причини на читателот му станува разбирлива, непосредна и блиска.
Нејзината емотивност и позитивност, односно првиот глас на своите совест, срце и душа, ја пренесува на страниците на новата, петта книга, овој пат стихозбирка – „Љубов облечена во бело“.


Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk

ПР објава