Среќата е најдобрата нега за секоја жена: Интервју со Рисима Рисимкин

И кога поради пандемијата со коронавирусот застана целиот свет, за Рисима Рисимкин немаше стоп. Во една од најтешките години за уметноста и воопшто за човештвото, балетската корегографка и деканка на Факултетот за филмска уметност при УГД вели дека сега е нејзиното време. Токму кога сè стоеше, таа организираше танцов фестивал и три продукции и едуцираше нова генерација студенти. Со Рисима секогаш има неисцрпни теми за муабет, од танцот кој ѝ е голема љубов, жената како инспирација, семејството, нејзината Црна Гора и зрелоста и стареењето за кои вели дека ги прифаќа како нормален дел од себеси, и ја прават среќна. 

*Со претставата „Меѓусвет“, „Скопје танцовиот театар“ прослави 10 години од основањето. Колку време се создаваше оваа претстава, и како лично се чувствувавте кога го следевте процесот?

- Многу сум горда што Скопје танцовиот театар веќе 10 години постои и работи со полна пареа. Ова е едниствената современа танцова компанија кај нас, со висок квалитет во продукциите, што се потврдува со нашите гостувања надвор и покани за престижни театари, како Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. „Меѓусвет“ тргна како идеја за римејк на првата претстава, но штом почнавме сфативме дека сме во друга димензија и направивме сосема нова претстава, инспирирана од „Убавите жени“ на Коневски, а на музика на Тони Китановски. Процесот на работа беше многу убав и посебен. Ова е претстава со поинаков интензитет од моите последни кореографии, ми отвори еден нов свет на исчекување и спорост, но полн со возбудлива убавина.


*Поезијата на Блаже Конески и песната „Убавите жени“ беше инспирацијата која ве водеше да ја создадете, зошто токму „Убавите жени“?

- Темата за убавината постои од памтивек. „Убавите жени“ на Коневски ни доловуваат едно минато време, кое сепак е актуелно, и го обработивме во контекст на современото творење. Каде е жената, но каде е и мажот? Претставата е поетична, како слика на секој збор, на бесценетотото творештво на Коневски, во спој со современа музика, костим и сцена, а секако низ призма на битисувањето денес, со современ танцов вокабулар. Повторно би ја одбрала истата песна. :-)

*Како деканка на Факултетот за филмска уметност при УГД најавивте странски студенти, настава на англиски јазик и отворање на мастер студии. Како напредува реализацијата на овие идеи?

- Универзитетот „Гоце Делчев“ посветува големо внимание на развојот на програмите и достапност до домашни и странски студенти. Веќе се акредитирани сите програми за современ танц на англиски јазик и веќе имаме пријавени странски студенти, што не радува исклучително многу, бидејќи европски студенти да студираат уметничка категорија, како современ танц кај нас, е навистина извонреден успех и потврда за квалитетот на нашите програми. Со добивањето на просториите во Домот на армијата во Скопје, се комплетираа условите и сметам дека овие програми и центарот во Скопје во следниов период ќе направат вистински „бум“ во областа на едукацијата, развојот на културната сфера и создавање на Интернационален центар за современ танц при УГД.

*И во времето на пандемијата која целиот свет застана вие творевте. Кои планови ви ги поремети коронавирусот, а кои убави нешта ви се случија во оваа неубава година?

- Има една изрека „сега е нашето време“. Така се чувствувам јас и мислам, сите околу мене. Ние немаме време за да го изгубиме, сакаме да се движиме, дури и кога ни се „украдени движењата“, и за нас дејствувањето е императив. Реално, на најдобар можен начин се справивме со пандемијава, минатата година остваривме фестивал и три продукции, годинава исто, опремивме простор, едуциравме нова генерација студенти. Сакам да мислам дека убавото ни е тука до нас, а неубаво беше во тоа што, помалку се гледавме со драгите луѓе и помалку се гушкавме :-).

*Кој е вашиот метод на работа, со танчарите, со студентите, како ги мотивирате и колку сте строга, колку знаете да ги критикувате?

- Ги учам дека танцот е радост. Дека танцувањето и како професија треба да носи радост. Многу е тешка нашата професија, мораш да работиш секој ден по минимум пет до седум часа во студио, за да си квалитетен. Да го отвориш умот и постојано да се надградуваш. Не смееш да застанеш во ниеден момент, бидејќи ќе те преклопи времето. Строга сум кога работиме, посебно во однос на дисциплината, во смисла на точно доаѓање, без каснење (што е категорија која кај нас многу професионални уметници си ја дозволуваат) и почит кон себе и другите. Но процесот на работа го сфаќам како процес на создавање и тука сум отворена за комплетна соработка со танчерите, кои доколку се добри ме инспирираат. Затоа, ги учам студентите, па и професионалните танчери, дека секој момент треба да се искористи, времето е неповторливо и неумоливо, секој пропуст, значи изгубена шанса. Некои од нив, го сфаќаат тоа.

*Каква мајка сте, колку дисциплината која е важна во вашата професија, ви била важна во воспитувањето на децата додека беа помали?

- Се трудам максимално, хахахахах. Дисиплината е дел од животот, кој ти помага да се справиш и со најтешките моменти. Тоа на децата дома сме го покажувале преку сопствен пример и јас и мојот сопруг. Тоа што работам со млади, ми помогна да ги сфатам подобро и секогаш и моите студенти ги гледам преку призма на сопствените деца. Мојата професија е дел од мојот живот и тоа моите деца го знаат, ги учам да си одберат професија што ќе ја сакаат и ќе ги исполнува, бидејќи тоа те прави среќен. Многу е важно да имаш смисла во животот.

*Порано често одевте во вашата Црна Гора, колку имавте прилика да уживате во патувањата изминатава година?

- За жал, многу помалку од вообичаено, но мислам дека во следниов период ќе надокнадиме и дека повторно ќе се отвори светов и ќе можеме слободно да се движиме. Црна Гора и Бока се неодминлив дел од нашиот живот и секако ќе сме таму летово.

*Забележавме промена во вашиот имиџ, малку подолга коса. Како се негувате, и што е според вас убава и негувана жена?

- Среќата е најдобрата нега за секоја жена. Некако низ пандемијава неприметно ми порасна косата и решив да ја задржам. Не се бавам премногу со изгледот, си го прифаќам стареењето како нормален дел од себе и добро сум. Како што би рекол Коневски „убавите жени, брзо прецутувале“, затоа сметам дека најважна е внатрешната убавина, која доаѓа со исполнетост, реализација на себе си и тоа е она што те прави убава во секоја прилика.


*Кај нас владее општо мислење дека на културата не и се обрнува доволно внимание, а вашите претстави секогаш се полни, како го објаснувате тоа?

- Ме радува тој факт, ме радува дека создадовме следбеници, кои ни се секогаш верни и благодарна сум за тоа. Да се создаде публика е стратегија, нештата не се случуваат преку ноќ и кога сите здружно би работеле на тоа, ќе има уште поголеми резултати. Квалитетот е единственото објаснување и причина луѓето да те следат. Посебно во културата, мислам дека кавлитетот мора да е императив за секој уметник.

*На кои следни планови, приватни и професионални им се радувате?

-Се радувам на сè што нè чека, посебно на гостувањето во Париз, но и на новите генерации кои ни доаѓаат на Универзитетот, се радувам на новиот простор и се радувам што сепак се остваруваме, дури и во овие услови. Само работа и упорност, свесност за себе им посакувам на сите! А приватно, да сме живи и здрави сите!!!

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски