Среќата во детските очи, нивните прегратки и чиста љубов со која ми возвраќаат се полначот на моите батерии за да продолжам со оваа мисија: Анета Кловнета за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Повеќе од 20 години Анета Вршкоска Јовановска од Охрид која многумина ја знаат како Анета Кловнета е можеби највеселиот кловн кој некогаш сме го виделе и запознале.

Охриѓанката која најчесто ќе ја сретнете како ги разубавува родендените на децата кои благодарение на нејзе сега ја пеат македонската верзија од роденденската песна е пред сѐ голем волонтер, едукатор и хуманитарец. Посебно место во нејзиното срце имаат дечињата со посебни потреби.

Анета е во брак 28 години, има 2 сина, една снаа и внукот Матеј кој има околу 8 месеци. „Хуманоста е дел од мојот живот од кога знам за себе , а како аниматор за деца започнав во 2001 година за потребите на сопствената игротека“, ни раскажа највеселиот клов на светот во весели бои.

Повеќе за Тетка Анета Кловнета читаме во редовите подолу.


ЖМ: Анета Кловнета – Со право можеме да кажеме дека сте една од хуманите Охриѓанки во овој момент. 
Ајде да ги запознаеме читателите на Женски магазин , како се роди идејата за Анета Кловнета – кловнот ?

- Идејата за Анета Кловнета се роди во 2001 години кога започнав како претприемач на првата игротека односно детски креативен центар во Охрид кој се викаше „Весели Бои“ и беше едно прекрасно катче каде децата беа згрижувани на одредено време, се правеа креативни работилници на различни теми и се славеа родендени, па оттаму и потребата за аниматор на тие настани. Како голем љубител на штиците што живот значат и член на аматерскиот театар во Охрид само ми ја продлабочи љубовта кон публиката и тоа онаа публика која без пардон искрено ќе ви каже дали им се допаѓате или не она што го гледа.

ЖМ: Раскажете ни како изгледа едно ваше подготвување, колку време ви е потребно за една трансформација во Анета Кловнета?

- Со текот на годините ликот на кловнот се менуваше како и костимите и шминката што ја користев. Сега после толку години подготовката е многу брза, но секогаш прилагодена на возраста на дечињата, просторот каде е организирана забавата и секако бројот на присутни деца, сето ова си бара различна подготовка на реквизити кои ги носам со себе како на пример: куклен театар, лизгалки, нишалки, хулахопи, јажиња, ластик, балони од кои им изработувам различни фигури, твистер, балони од сапуница, перики во различни бои, хартија во боја за изработка на оригами, голем хамер каде сите присутни ги цртаат рачињата и пишуваат убави пораки за славеникот кој го добива на подарок и она без кое не поминува ниеден роденден е цртањето на лице со професионални бои каде често и возрасните имаат желба да бидат нацртани .


ЖМ: Приватно сте мајка и сопруга. Како реагираше семејството на оваа ваша идеја за кловн кој ќе разубавува родендени ?

- Моите деца растеа заедно со кловнот и за нив тоа е најнормално бидејќи е моја професија така и го доживуваја, мама оди на работа, а од сопругот од почетокот до денес имам поддршка. Сега веќе можам да кажам дека е и семеен бизнис бидејќи за да се организира голем настан од некоја компанија се потребни повеќе луѓе и често сме вклучени сите дури и мојата сестра со семејството.


ЖМ: Како се чувствувате по една успешна мисија-роденден и со која мисла легнувате?

- Секоја вечер заспивам уморна, но среќна од фактот дека повторно сум била причина за среќа и насмевка на детските лица, благодарна што поседувам вештини и знаење за да ја работам најубавата работа на светот.

ЖМ: Анимирањата кои ги правите вие се и едукативни. Каква е реакцијата на децата, колку се заинтересирани за време на вашата да кажеме претстава, како ви возвраќаат?

- Убаво кажавте претстава или перформанс токму така секој роденден е различен еден од друг, потребни ми се неколку минутки да ги прилагодам сите реквизити и игри спрема возраста на децата, многу често учиме која нѝ е лева, а која десна рака и нога преку игра и песна, учиме како правилно се мијат рацете, како правилно треба да кашламе и киваме за да не си го разболиме другарчето, со повозрасните деца кажуваме гатанки, брзозборки, игри за поттикнување на меморијата, брзината и секогаш практикувам тоа да се тимски игри каде треба меѓусебно да си помагаат за да стигнат до целта.


ЖМ: Што ве мотивира како личност во секојдневниот живот, како изгледа еден ваш ден?

- Мотивацијата најчесто ја црпам од прошетките покрај нашето прекрасно езеро и долгите разговори сама со себе, но морам да признам дека ги следам и светските трендови на технологијата па така ги знам сите цртани филмови и водео игри кои ги играат децата за да можам што подлабоко да влезам во нивниот свет. Ги следам и моите колеги од целиот свет посебно во техниките за цртање на лице.

ЖМ: Што ве исполнува најмногу во ова што го правите, што ве турка напред ?

- Среќата во очите на децата, нивните прегратки и чиста љубов со која ми возвраќаат се полначот на моите батерии за да продолжам со оваа мисија кога ќе живее и долго после мене на овој свет или можеби аватарот со име Анета кловнета во Метаверзумот ќе ја продолжи понатака оваа приказна.

Посебно сум горда на македонската верзија на роденденската песна која со помош на луѓето што ја препознаа мојата идеја пред една година стана реалност и сега е достапна во форма на видео запис на каналот на YOU TUBE со наслов „Роденден“.


ЖМ: Имало ли некоја случка на која секогаш ќе се сеќавате посебно, некоја која ве допрела посебно до срце – може да ни откриете, иако секоја ваша роденденска забава веруваме е различна и убава сама по себе, која вие ете да речеме би ја издвоиле?

- Како што и самите напоменавте секоја забава е уникатна сама по себе, сепак најмногу им се радувам на децата кои буквално пораснаа со мене и бев дел од многу нивни последувателни родендени . Златка од Струга го прослави дури и 10тиот роденден со мене. Вишна на шлагот ми се децата на моите деца како што милувам да си ги наречам, тоа се оние деца што прославиле со мене роденден и сега имаат нивни деца, а јас ја имам честа да бидам дел од нивниот најубав и најсреќен ден.


ЖМ: Хуманоста велите дека е дел од вашиот живот од кога знаете за себе. Како луѓето ви возвраќаат, знаат ли да ја препознаат вредноста на тоа што го правите, колку ве почитуваат, и го поздравуваат чинот?

-Не бев ни свесна како мало дете дека тоа што го правам е хуманост или човекољубие, им благодарам на моите родители кои ме научија на вистински вредности кои може да ги поседува една личност. Кога давам па макар да е тоа и само волонтерски ангажман за некоја организација не очекувам буквално ништо, но почестена сум кога некое мое дело е препознаено и наградено со едно обично благодарам.


 Посебна врска имам со децата со нетипичен развој и секогаш изнаоѓам начини како да им го олеснам животот, дали преку помагала, специјални играчки и реквизити за вежбање до пристапни рампи или национални кампањи за подигање на свесноста за нивното постоење и прифаќање. Соработувам со многу здруженија со различни проблематики, за мене се сите тие паднати ангелчиња со скршено крилце и во рамките на моите можности сум насекаде околу нив .

ЖМ: Во брак сте 28 години. Откријте ни која е вашата формула за успешен брак, како вие ја негувате брачната заедница, што правите најчесто заедно со сопругот?

-Со мојот сопруг Александар сум од мојата 16та година и буквално растевме и се градевме како личности заедно, си помагаме и поддржуваме колку што можеме, токму тоа е нитата која не држи заедно. Формирањето на нашето семејство беше и сѐ уште е голем предизвик од одлуката да бидеме родители па се до денес со поддршка на нашите синови Јован и Јаков . 



Јован оваа година стапи во брак со Маријана и ни го подарија нашето мало сонце Матеј  на што сме бескрајно среќни, а Јаков е на крај на студиите на економскиот факултет и веќе работи како проект менаџер во Скопје. Израснати се во средина каде секогаш имаа право на сопствен избор дали тоа да беше образование, спорт или било која друга активност за што често знаат да ја изразат нивната благодарност и да ме разнежнат до солзи. Се гордеам со сите нивни дела пред се тоа се личности со емпатија, филантропи и космополити.

ЖМ: Која е вашата порака до сите кои сакаат Анета Кловнета да биде дел од нивната роденденска забава?

-Сие кои сакаат да подарат незаборавна роденденска забава на своите најмили можат да ме побараат. Во последниов период имам доста ангажмани и од компании кога одбележуваат некој настан, промоција на некои производи и слично но често сум и  на други свечености како свадби, крштевки, сунет свадби или забави за деца по некој друг повод. Секогаш сум отворена за поддршка на оние родители кои не можат финансиски да го овозможат тоа, а нивните деца имаат голема желба, тоа го правам како подарок.


ЖМ: Хоби рековте дека ви е фотографија, и патување. Кои места досега ве допреле најмногу при срце, на кои би сакале да се навратите без двоумење.

-Уште во основно образование имав огромна љубов кон фотографијата и бев член на фото сексијата во училиштето каде научивме да изработуваме црно бели фотографии, целиот мој живот го имам забележано на фотографии и најчесто ме нема на фотографиите бидејќи сум зад објективот. Од пред неколку години сум член на Фото клуб Охрид каде сум дел од голем број заеднички изложби и мислам дека е време за една самостојна која ја планирам подолг временски период.


Од патувањата секогаш се враќам со силни импресии од секое место што сум го посетила,последните мои две патувања . Едното за мојот 50 ти роденден во Тунис во септември и предновогодишната магија во Виена и следењето на операта волшебната Флејта од Моцарт во Виенската Опера.


Ирена Ставрова